Шетајќи низ Дебар Маало, некогашното јадро на алтернативната скопска култура, се обидувам да ги фатам последните траги од едно исчезнато време. Од урнатините на старото кино „Карпош“ преку Ул. „Орце Николов“ до Министерството за култура – се откриваат генерации жители, уметници, бунтовници и сонувачи што го обликувале идентитетот на ова легендарно маало низ децениите и транзициите. Графити приказна раскажана преку сеќавањата на оние што го нарекувале свој дом.
Сеќавања во урнатини: Кино „Карпош“ и слаткарницата „Апче“
Кога приказните се враќаат како бумеранг, никогаш не знаеш која прва ќе те удри по глава. Некогашното кино „Карпош“ во Дебар Маало ме пречекува во сеќавањата како отворена рана – полумртва, разурната зграда во која со другарите од детството, Тимур и Владо, вршевме егзекуција на останатите плочки по ѕидовите. Празневме некаков детски бес или можеби тоа беше нашиот начин на збогување со филмовите што ни го обоија детството? Тимур најде една шипка и замавна по ѕидот како „Конан варваринот“. Плочката немаше шанси и се распрсна поразено врз купот цигли под нашите нозе.
(Го прашувам Тимур за ова. Како и секогаш, наместо да одговори на прашањето, тргнува по своите streams-of-consciousness. „Се сеќаваш ли на Aлбанецот кој живееше до киното?“ прашува, и пред да стигнам да кажам „не“, веќе плови низ други приказни. Неговите сеќавања се како есенски лисја што ги собирам и ги распрснувам низ текстов – нека паднат каде што ќе стигнат!)

На матната фотографија што ја чувам во албумот „стари фотки“, стоиме Тимур и јас како некои урбани клинци на постапокалиптично време (апокалипсата е распадот на Југославија и се во што верувавме). Јас во DIY маица со логото на германскиот индастријал бенд Einstürzende Neubauten, кое го цртав прецизно и посветено, во моментите на тинејџерска опсесија, а Тимур со неизбежното Chicago Bulls капче на главата, како знаме на американскиот сон во скопската реалност. Третиот мускетар, Владо, е од другата страна на објективот.
Денес, на тоа парче историја никна уште една станбена зграда, безлична како новата реалност. Има и кафуле што го наследило името „Кино Карпош“ (барем името преживеало!), а една осамена статуа-камера стои како надгробен споменик на киното од ’64-та, обид да се зачува барем трошка сеќавање.
Карши, како да ми намигнуваат и ми го осветлуваат моментот на носталгија, два одлични графити на АРИС и Снејк од екипата ЕШТ. Нова генерација цртачи, свежа крв во артериите на градот. Ги гледам овие клинци – Лопов, Буск, Рубик, Бонус, Крис, Делириум – како да означуваат територија со својот таг „163“(Еден Шест Три). Екипа настаната во 2017-та, третата генерација СК/МК цртачи што се појавува на хоризонтот како прецизен часовник на секоја деценија од ’97-ма, кога се родија првите екипи и вистински графити во Скопје.


Свртувам кон слаткарницата „Апче“, светилиштето на секој вистински дебармаалец. Глетката ме враќа назад во времето – јадам индијанка и пијам боровница, а Владо боза („Легенда што се пие!“) и еклер, кои по обичај го нарекува „папуча“. Мене бозата секогаш ми мирисаше на канализација, а колачите, таа планина шлаг и река шербет, ме потсетуваа на забоболка. Извини, дедо – легендо на слаткарницата, слатките таму никогаш не ми беа омилени.
Во близина стои една од ретките постари куќи во Дебар Маало, и таа веројатно ги брои деновите до неизбежната трансформација во уште една безлична бетонска кутија. Иако, можеби токму оваа и треба да падне – па да изградат нешто постаро и поубаво!

Малку подолу, во таканаречената зона на „заштитени куќи“, се крие вистински архитектонски бисер во кој се преплетуваат повеќе стилови кои се обидувам да ги дефинирам, како некој детектив аматер. Дефинирам орнаментални детали на Сецесионизмот, до Нео-ренесансната симетрија и кружните прозорци, преку раниот модернизам осликан во чистата геометрија… ми велат дека е барок! Ах… што знам за архитектурата, ме интересираат графити. На куќата, како жигови на модерното време, стојат таговите на Бурек, Рубик и 163 – нови слоеви историја врз старите темели.

(Тука е и познатиот S.O.S. стенсил на конзервата на Попај, за жал скоро пречкртан со 1136 таг. Дел од куќата се гледа и на мојот цртеж подолу… кој чита – или скрола – понатаму можеби и ќе ја види!)

„Партизанска штампа“, од фанзин до ѕид
На улица „Благој Давков, бр 13“ (кој ги гледа бројките освен поштарите и заљубените?) налетувам на цртеж што ми личи на карактер на Руки Чуки – едноставни линии, црн спреј. Тука е потпишан и Рубик, неговиот таг лебди над тротоарот, а до него текст „Maxim FilMia“ (а би очекувал да пишува Флим, во комбинација со Руки, но…) – пораката која плови во балонче од стрип. Од страна се крие стенсил на Скопски Грув, како чест потпис во овој дел од градот.

До него ѕидовите се испишани со не толку естетски тагови кои ја нагрдуваат фасадата на зградата карши „Тинекс“. Покрај него е „КАМ“ – уште еден маркет во низата, уште една трансформација на маалото што некогаш дишеше поинаку. Во „мое време“ немаше толку возила и супермаркети – имаше само кина и детски чекори што одѕвонуваа по калдрмата. А преку булеварот гордо стоеше „Универзална Сала“, дом на Џез фестивалот и безброј други културни настани. И таа несреќно заврши – изгоре. Или подобро кажано, беше запалена – како и сè друго во оваа наша вечна транзиција.
Сретнувам друг графит од Драш во продолжение на улицата. Поради вечно паркираните возила во Дебар Маало (зошто толку возила?… поради недостиг на велосипедска култура или лош јавен превоз, или едноставно мрза-брза на трката по пари), морам да го фотографирам од страна. Маалото не е градено за ваква гужва – уличките се тесни, како вени што се стегаат под притисок на модерното време.

Нозете сами ме носат кон улица „Мајаковски“ каде ме пречекува графит „Дебар Маало“. Копам по Google View за точната локација, за потребите на мојата група „Графит.мк“, кога одеднаш – временска капсула. Истиот графит од пред десет години ме гледа од екранот, во поубаво издание. Тогашниот малтер е свеж и мазен, а графитот пулсира со боја. А денес? Испукан е, избледен, излитен – како нашите животи во овие децении, како сите наши соништа што се ронат по рабовите.

Карши, како контрапункт на сивилото, стои една од ретките згради што се осмелила да биде поинаква. Шарена е, жива, како да избегала од некоја детска сликовница. Уште едно ремек-дело на цртачите Драш и Мачка, дел од нивната мисија да го направат Скопје малку помалку сиво, малку повеќе живо. Некои се борат против системот со протести, некои со графити.
А се најдов тука зашто се чекам со Биле од „Партизанска штампа“ – треба да ми го даде новиот број на фанзинот „На пример“ бр. 6. Некаде меѓу тие страници се крие и еден мој цртеж, како скриено писмо од минатото. Но, локацијата ми се лизга низ рацете, па лутам низ улиците како изгубен турист во сопственото минато, попатно документирајќи ги овие урбани белези на времето.

Излегувам на „Рузвелтова“ и, како да сакам да украдам уште некој миг, почнувам да ги фотографирам графитите што се редат еден по друг како филмски кадри – од тука па сè до Зоолошка. Арис и Снејк, Rask, Зорк…, секој потпис е како потврда дека некој постоел, дека некој сè уште постои во овој град што постојано се обидува да нè избрише.
(Дали некој воопшто ќе ги памети овие имиња за десет години? Можеби токму затоа ги фотографирам – да останат, барем како дигитални духови.)



Со фанзинот безбедно сместен во ранецот како некое скапоцено благо, вртам со педалите назад, кон срцето на Дебар Маало. Секое вртење на педалите е како вртење на стрелките на часовникот наназад – кон она што беше, кон она што можеби уште може да биде.
(“А знаеш дека во маало играв баскет со сестрите Грубовиќ?” продолжува Тимур неповрзано редејќи спомени од Дебар Маало. “И со Милчо Манчевски во Карпош!” додава гордо. Сестрите станаа манекенки, Милчо – светски режисер. Животот е чуден филм!)
Од „Лајка Бар“ до ресторан „Липа“: прошетка низ сеќавањата
Поранешниот „Лајка Бар“ се појавува пред мене, именуван според прочуеното куче – не тоа од филмот „Леси се враќа дома“, туку по првиот вселенски кучешки херој, научен и културен симбол на една ера. Во 1957, кога Лајка замина во вечните вселенски ловишта на крилјата на „Спутник 2“, никој не знаеше дека нејзиното име еден ден ќе краси скопско кафуле.
Сега местото се вика „Бафо Бар“, и зад столчињата, како скриено богатство, здогледувам едно одлично парче! Monkey Shoulder – иако комерцијален мурал, е еден од најдобрите што сум ги видел од домашен автор. Од газдата на кафулето дознавам дека авторот е Блаже Нејмлес, едната половина од легендарното Нејмлес дуо. Неговата девојка, Ина Нејмлес, е веќе митска фигура на скопската графити сцена – урбана легенда што оставила траги по ѕидовите. За жал многу од тие траги веќе ги нема.
До него е муралот „Бафо“, дело на цртачот Матеј (smooth_letters за оние кои го бараат на instagram), а веднаш до него, како некој временски мост, стои муралот посветен на Александар Џамбазов. Диригент и композитор, великан на современата македонска музика, овековечен од Драш и Мачка – првата генерација графити мајстори што му дадоа глас на нашиот град.
Три различни стила, три различни приказни, споени на еден ѕид.

До „Бафо бар“, се редат графитите од екипата ЕШТ – Арис, Бурек, Пипер, Снејк и неизбежниот таг „163“. Секоја буква е како потпис на нова генерација што бара свое место под жешкото скопско сонце… или тешкиот зимски смог – кога како!




Малку поназад, во она што го нарекувавме „наше маало“, на некогашната зграда на баба му на Владо, се појавува уште еден пар графити од Арис и Snake. Пред нив е игралиштето каде што на брат му на Тимур му падна дрво (бандера!) на глава, а тој не се ни пожали – типична босанска приказна!

(„На тоа место, ко мали деца, прв пат се запознавме со Владо и Даниел“ вели Тимур. Даниел – детски актер од „Булки крај шините“, серија што ја паметат оние што пораснаа во ’80-тите. Се прашувам колку такви изгубени приказни чекаат да бидат раскажани.)
Тука некаде ја поминав младоста, помеѓу ресторанот „Липа“ (подоцнежниот клуб „Камарите“ со оној незаборавен мурал на Корто Малтезе). Секој агол крие по некоја приказна, а една од нив… па, една од нив ме научи дека понекогаш шамарот доаѓа од најнеочекувано место.


Се случи вака: клинците од маалото фрлаа камења преку ѕидот во дупката каде што беше ресторанот „Липа“. Некој камен го погоди келнерот, кој излета надвор како разјарен бик. Јас, со мојата долга коса и DIY чкртана маица, изгледав доволно заканувачки за да бидам виновникот. Шамарот одекна пред да сфатам што се случува. Тргнав накај дома, но гордоста (или глупоста) ме натера да се свртам и да му опцујам сè живо и диво! Што следеше? Брканица по ул. „Дебарца“, влечење за коса, моето паѓање наземи, и 2-3 клоци по ребрата.
Додека се бришев од правта од улицата, со крајот на окото го здогледав Фортик – „локалната будала“ на нашето маало. Шизофренијата го држеше заробен во неговиот свет, вечно стоејќи на тротоарот пред својата куќа, клатејќи се како оној луд слон во Зоолошката градина и зјапајќи во подрумскиот прозорец. Ние, децата, имавме теорија – имал скриено злато во подрумот па полудел од страв дека некој ќе му го украде.
Денес, возејќи го точакот по истите овие улици, не бегам од никого. Наместо тоа, фотографирам графит од Арис блиску до местото каде што некогаш стоеше Фортик. Неговата куќа ја нема, на нејзиното место зграда, а дали златото било пронајдено во подрумот – никој не знае! Времињата се менуваат, приказните остануваат.

Битка на екипи: ОКС vs ЕШТ/ЕБСФ
(Какви фантастични деца имаше тогаш! Малиот Тимур е во подрумот на неговата зграда во Дебар Маало, опкружен со прочитани книги, како конструира велосипед со крилја. „Ако не верувате, нема да ве летам!“, им се заканува на брат му и на Владо. Тимур прави ласери од кристали и пишува научна фантастика. Секогаш лета со мислите некаде далеку од тука!)
Дебар Маало е боиште овие денови, иако не онакво какво што би очекувале. Не се борат старите аристократски куќи против новите безлични згради што никнуваат како печурки по дожд. Не војуваат старите пространи улици со новите тесни артерии затнати со возила. Не се надмудруваат „центарците“ со „провинцијалците“.
Не. Ова е нешто поинакво. На ѕидовите на маалото се води тивка војна помеѓу две генерации цртачи, два света, два пристапи кон уличната уметност. На едната страна стои „ОКС“ – една од првите екипи, создадена во ’97-та од легендите Драш и СРК. На другата страна, младите волци од „ЕШТ“ и „ЕБСФ“, кои од 2017-та хараат по улиците на Скопје.






АРИС




Географијата на оваа војна е прецизна како воена мапа. По должината на ул. „Орце Николов“, како по некоја невидлива демаркациона линија, доминира ОКС. Но, ако свртиш во која било споредна уличка ќе налеташ на територијата на ЕБСФ. А во последниве години, како некоја нова сила што се издигнува, ЕШТ полека – но сигурно! – го освојува својот простор.
Старата школа е сеприсутна на ѕидовите, што укажува на почит од помладите цртачи кои не ги пребоиле. (Додека правам избор на фотографии за Арно.мк решавам да ги прикажам повеќе новите графити, а старите се добро документирани по аналите на постарите сајтови и групи на социјалните медиуми. Улицата „Илинденска“ веќе ја документирав…)
(Не)култура пред Министерството за култура
Пред Министерството за култура, како некој ироничен коментар, ме пречекува Снејк од екипата ЕШТ. Во близина е и потписот на Бавар – неговото име се среќава често покрај оваа екипа. „Французин е,“ ми открива еден од цртачите, под превезот на доверливост. Внимателно чекорам по оваа тенка линија на доверливи информации – нивната активност е сепак нелегална.


На Министерството за култура иронично му треба малку култура. Малку алтернатива, малку младешка енергија, нешто надвор од нивните утабани патеки и истрошени формули. Ѕидовите го носат тагот на Бурек (СБ картел или СБК) и Лопов.
Преку улица, градинката „13-ти Ноември“ и табли со мурали од Драш. Има нешто поетично во тоа што новата генерација центарци расте со неговите фантастични цртежи – барем нешто живо и колоритно среде морето од паркирани автомобили и безмилосното никнење на безлични згради во еден од најстарите и најубави делови на градот.

Кај кружниот тек, каде што генерации млади возачи ги направиле првите несигурни кругови, стои графит на СРК (Миле). Ветеран-цртач, кога сцената беше во својот зенит. Сега, како и многумина од таа генерација, живее некаде надвор. Под неговиот графит, како некој чуден археолошки слој, се редат бекатонки од раскопаните тротоари – сведоци на вечното приклучување на нови и нови станари во маалото што се гуши од сопствениот раст.

Кај улицата „Антонио Грубишиќ“ наидувам на уште неколку дела од ЕБСФ и PACK (303). А веднаш до нив, како груб потсетник на реалноста – контејнери опколени со ѓубре. Иронијата е тешка како смогот зиме: сред Центар, во Дебар Маало каде квадратот чини над 2.000 евра, а зградите се толку близу што соседите можат да си подадат рака. Луксуз завиткан во ѓубре.



Приказни од училишниот двор: графити на О.У. „Коле Неделковски“
„Научив да трчам брзо кога ме бркаа силеџиите од училиште,“ се фалеше Владо кога трениравме атлетика на Градскиот стадион. Како поранешен ученик во О.У. „Коле Неделковски“, имаше многу практика во спринтот до дома. Толку од муабетот дека во „наше време“ немало „булинг“.
(Не се сеќавам кој му беше рекордот во спринт, но знам дека татко му уште го држи македонскиот рекорд на скок со стап во затворен простор од 1968 година, но тоа е друга приказна.)
Иако учев во О.У. „Песталоци“, дворот на „Коле Неделковски“ ми беше како втор дом – играв фудбал таму, го шетав моето куче Цуки, го живеев животот што можеше да биде мој во некоја паралелна вселена. Во тој ист двор и денес стои една од двете куќи на дедо ми од Дебар Маало – некогаш семеен дом, потоа Пензионерски дом, а денес, како по некое непишано правило на Дебар Маало, кафеана.
Чекај, дали сум ви ја раскажал приказната за таа куќа?
Мојот прадедо, доселеник од Чешка во 1930-тите, индустријалец со визија, изградил фабрика (автоматската мелница „Куманово“, што сè уште стои како призрак десно од патот Скопје-Куманово, во денешно Маџари) и две куќи во Дебар Маало. Една студена декемвриска ноќ по Втората светска војна, кога снегот висел над дрворедите како тешка завеса, пред едната куќа застанала метална кочија. Од неа излегол руски генерал, ја погледнал куќата и извикал „Ја љубљу!“ Утрината, семејството било иселено. Таа иста куќа се уште стои во дворот на „Коле Неделковски“. Откако се соочил со комунистичките предрасуди заминал, имотот бил национализиран, но едниот спрат од другата куќа го купил зет му кој се оженил со ќерка му.
Мојот прадедо заминал далеку, но и ние, јас, Владо и Тимур, заминавме од Дебар Маало – иако не нè бркаше руски генерал. На местото на алтернативната младина, панк-рок пробите по гаражите и клубот Дорс (каде бендот Суперхикс ја имаше првата свирка!), дојдоа други луѓе, други приказни. Улица „Дебарца“, каде што изедов ќотек неколку пати (а и Тимур и Владо, иако понекогаш и враќавме!) веќе не е истата. Сите сме дебармаалци во егзил, раселени по периферијата на Скопје, избркани од сопственото минато. Во градот кој се слева од периферија кон Центар – ние, во духот на панкот и анархијата – одиме обратно!
Но, да се вратам на графитите. Муралот на Горан Стефановски на „Коле Неделковски“ е веќе урбана легенда – го знаат и врапчињата, осамна во секој медиум. Ама графитите околу него? За нив никој не зборува. Старите македонски графити се повлекоа пред налетот на странски имиња како Mega и Kuchen, иако ХРОМ и Трендо сè уште стојат како последни бранители на домашната сцена. Тие беа поштедени, можеби и странците знаат за нивното значење!?





Набљудувач од маргините или чувар на исчезнати приказни?
Се враќам, повторно и повторно, на овие локации. Фотографирам, документирам, се обидувам да ги фатам графитите и сеќавањата во иста рамка. Но, приказната одбива да биде завршена. Можеби затоа што не може да се затвори круг што никогаш не бил круг – само спирала што продолжува да се врти („Кругот не е тркалезен“… како во филмот „Пред дождот“!). Тука пораснав, а сега доаѓам како турист во сопственото минато, набљудувач од маргините на Скопје.
Тука, на овие исти улици, го формирав својот прв бенд – Social Imbecility, со Кечо на тапани. Свиревме скејт хардкор панк со повеќе ентузијазам отколку талент. Кечо подоцна со Пеце го создаде Суперхикс – најголемиот македонски рок (за ска/панк се знае!) бенд од новата ера. Тука се дружевме со панкерите и скејтерите, а меѓу нив и Мало, кој подоцна го отвори првото професионално студио за тетовирање кај нас.
Заедно го цртавме SK/HC знакот – нашата верзија на њујоршкиот NY/HC, симбол на хардкор панк сцената. Еден икс, четири букви, бескрајно многу значења. Од тие први чкртаници, од панк и скејт сцената, подоцна настана BIOSQUAD – првата вистинска графити екипа во Скопје. Мате, кој неодамна нè напушти, беше дел од Social Imbecility и од таа екипа. Уште ги слушам рифовите од нашите први џемови, со „тупа-ту-ту-па“ на тапанот на Кечо, тие одекнуваат некаде во темните ќошиња на сеќавањето.
Но, јас… јас секогаш бев на работ на кругот. Сведок на настаните, хроничар на случувањата, собирач на туѓи приказни што ги чував во задниот џеб како скапоцени документи. Никогаш не се нурнав целосно во ниту една екипа, секогаш држев дистанца – доволно близу да видам, доволно далеку да не се изгубам себеси.
Сега, вадам некои од тие приказни од џебот, ги редам пред вас како стари фотографии. Некои се избледени, некои се искинати на рабовите, но сите се вистински. А оние другите приказни, оние графити кои не ги документирав? Тие ќе мора да почекаат некој друг раскажувач, некоја нова генерација што ќе ги открие сама. Јас само ги чувам, засега, во тој вечно полн заден џеб на сеќавањата.
Останатите графити од Дебар Маало може да ги погледнете тука.