Култен филм за графити културата и хип-хоп музиката – „Style Wars“

Style Wars е американски документарен филм од 1983 година за почетоците на графити сцената и нејзината поврзаност со хип-хоп и брејк-денс културата. Прикажан на неколку филмски фестивали, а на филмскиот фестивал во Санденс добил награда на жирито. Вклучува многу историски моменти од хип-хоп и графити културата од најраните денови во 1970-тите до раните 1980-ти.

Филмот почнува со сцени на возови, кои се голем дел од документарецот, како своевидно платно на кое се слика филмската документаристичка уметност, но и тема на расправија помеѓу уметниците, градските власти и обичните луѓе.

Нараторот вели:

Се нарекуваат „писатели“ затоа што тоа го прават. Ги пишуваат своите имиња, меѓу другото, насекаде—имињата кои им се дадени или кои самите ги избрале. Најмногу, пишуваат во и на подземните возови кои ги носат нивните имиња од еден крај на градот до другиот. Тоа се нарекува „бомбардирање“ и има исто така силни врски со рап музиката и брејкденсот.

Понатаму во филмот се појавуваат многу млади (и подоцна значајни) имиња од графити сцената. Еден од нив вели: „Се работи за бомбардирање, да знам дека можам да го направам. Секој пат кога ќе влезам во воз, скоро секој ден го гледам моето име. Си велам, „Бев таму и бомбардирав.“ Тоа е за мене. Не е за никој друг да го види. Не ми е гајле – не ми е гајле дали некој друг го гледа, или дали може да го прочита или не. Тоа е за мене и за другите графити писатели. Сите овие други луѓе кои не пишуваат, тие се исклучени. Не ми е гајле за нив, знаеш? Тие не ми се важни.“

„Многу возови, многу забава. Многу уметност. Уметност што ќе биде дел од историјата на Њујорк засекогаш,“ вели графитџијата Sach за метрото.

Тогашниот градоначалник на Њујорк, Едвард Кох, е на другата страна на нештата. За него „секој графит го чини градот милион долари, на некој начин, бидејќи се појавуваат други кои ги копираат.“ и дополнува: „Не вреди. Тоа е еден од прекршоците кои влијаат на квалитетот на животот…. Графитите ги оштетуваат нашите јавни и приватни ѕидови… Тие го прават животот потежок… И мислам дека на тоа треба да се одговори…. со пет дена во затвор.“

Додека сцените од подземните железници и возовите исчкртани со графити поминуваат на платното, Zephyr, млад графити уметник размислува за неговите почетоци.

„Пораснав на Горната Источна страна на Менхетен… секој ден поминував покрај депото 1 на 242-та улица…. ги гледав возовите како поминуваат. Мислев, „Како може човек да го стави своето име на секој вагон?… Тие нелегално влегуваат; го победуваат системот; ги ставаат своите имиња, нели? Го преплавивме градот со нашите имиња, нели? Даваме се од себе.“

Во 1970 година, идејата да се напише името, не само во соседството, туку насекаде, била измислена од момче по име Taki, кој живеел на 183-та улица во Вашингтон Хајтс. „Taki 183.“ Штом сите разбрале дека тоа е име, сфатиле дека Taki е познат. Потоа дошле Papo 184, Junior 161, Cay 161, Stitch и други. Годините 1973 и 1974 биле почетни и значајни години за т.н. „бомбардирање“.

Графитџиите надополнуваат: „Тогаш сите беа пионери. Тогаш се развиваа балон букви и сите тие работи. Диви стилови. Не мораш да правиш прави букви за да имаш стил. Сѐ што ќе ти дојде во имагинацијата се додава на твојот индивидуален стил. Стрелката. Секој има своја стрелка. Ми се допаѓа тоа. Некои имаа стрелки на буквите – тоа беше како поврзување. Некои луѓе имаа различни стрелки што минуваат директно низ нивните дела.“

И брејкденс културата, како и хип-хопот биле дел од сето тоа.

Графити бомбардерите не се поистоветуваат со графити уметниците и сведочат дека има два стила на графити што се обидуваат да коегзистираат. „Но, тоа нема да функционира така. Крвави војни, пријателе.“ дополнува еден графити бомбардер.

И како што тоа бива, секоја контраестаблишмент, антиконсумеристичка, анархистичка и индивидуалистичка култура, така и графити културата брзо била посвоена, прифатена и украдена од уметничката, галериска, кураторска сцена. Околу 50-тата минута во филмот се прикажува изложба на дела инспирирани од графити уметноста.

Кураторите во документарецот наликуваат на некои алчни капиталисти кои ги тријат дланките:

„Во последните 20 години навистина немаше ништо што е „жешко“. Немаше движења по Поп Арт-от. Секој трговец, и да бидеме искрени, галерија е всушност трговец, секогаш бара нешто „жешко“ што може да го продава на јавноста. – Овие дела како да се откорнати од возовите и поставени на платно, така што ја имаш истата енергија, истите бои, истиот интензитет и истото големо „парче“ што би го видел на воз. Вистинските графити на подземната железница, направени на возовите, полека исчезнуваат и ова го зазема нивното место. Животниот век на просечно парче денес трае само неколку месеци. Ова е нешто што може да трае цел живот.“

„Тука беа ABC-TV. Вечерва тука беше CBS. Ќе бидеме на вестите вечерва во единаесет часот. National Public Radio. Како инвестиција, силно верувам дека ако се појавиш на почетокот на нешто, тоа мора да биде добра инвестиција. Ова дефинитивно оди некаде.“

Дури и самите графити уметници се согласуваат: „Заборави на возовите. Кој сака да биде валкан и да му биде жешко во исто време? Точно. Сакам да заработам пари. Убаво е чувството. Одиш на училиште и наставникот ти вели, „Тоа не вреди ништо. Не можеш да заработиш пари од графити.“ А ти му велиш, „Кога ти последен пат си заработил 2.000 долари за еден месец, а?“

Друг млад графитџија не се согласува:

„Не почнав да пишувам за да одам во Париз. Не почнав да пишувам за да сликам на платно. Почнав да пишувам за да бомбардирам. Да ги уништам сите граници. – Тоа го правам.“

Со секоја нова културна револуција се чини дека се случуваат истите нешта. Автентичен израз станува консумеристичко добро, а тие кои се спротиставуваат остануваат верни на себеси и на културата – но, со празни џебови!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *