По родословот 30 години Суперхикс, Арно.мк повторно нурнува во архивите на македонската алтернативна сцена. Новиот визуелен плакат, со наслов „Панк/рок семејно стебло: Two Sides & Denny Te Chuva“, го следи развојот на неколку генерации музичари поврзани преку заеднички бендови, свирки и идеали – од 90-тите до денес.
Овој плакат е дел од пошироките напори на Арно.мк за архивирање и систематизација на македонската поп-култура, со особен фокус на нејзината алтернативна и независна сцена – оние кои не се дел од масовната медиумска слика, но ја формираат нејзината суштина.
Овој плакат не е само мапа на имиња и години, туку музички ДНК-код на една жива и непокорна култура.
Арно.мк стои и зад групата Графит.мк, дигиталната архива посветена на уличната уметност и графитите; проектот „(Скоро) дефинитивен времеплов – СК/МК графити екипи (1995-2025)“, кој ја бележи еволуцијата на екипите и цртачите; како и серијалот „Графити приказни“, кој ги чита ѕидовите како форма на урбана археологија.
Од Суперхикс до Two Sides

Како и кај претходниот постер, сè започнува од енергијата на првата генерација алтернативни музичари од 90-тите, меѓу кои Зоран Жежов – Кечо и Петар Младеновски – Пеце, чиј креативен судир подоцна ќе доведе до основањето на Суперхикс.
По заминувањето од Суперхикс во 1998 година, Кечо ги оформува Two Sides, создавајќи нова насока во македонската сцена – фузија меѓу панк-етосот и алтернативниот рок звук, со свежи идеи и нови соработници.
Во таа точка се вмрежуваат повеќе линии и паралелни проекти што ќе остават силен белег: Sors, Boombyx, SMUT, па сè до Denny Te Chuva, што ќе го продолжи тој дух во следната деценија.
Пресек на сцената: Two Sides, Sors, Smut

Во родословот се гледаат јасни музички миграции – членови што преминуваат меѓу бендови, носејќи свој звук, енергија и визија.
Од легендарниот гранџ-бенд Sors, Павел Дробицки (бас) се приклучува кон Two Sides, а подоцна станува дел од Sethstat.
Зафир Стојановски – Зафо, соло-гитарист од Boombyx, преминува во Two Sides и подоцна станува дел од SMUT, металкор бенд што ќе остави голем траг во македонската рок историја.
Самиот SMUT е присутен на постерот преку неколку етапи (Smut #2, #3, #5), покажувајќи колку динамична и флуидна била таа сцена во периодот меѓу 1996 и 2005 година.
Од Denny Te Chuva до Nema Labavo

Еден од клучните ликови во ова семејно стебло е Ѓоко Зафировски – Шон, активен уште од средината на 90-тите со Sidewalk и Fragment на почетокот на 2000-тите. Во 2004 година ги формира Denny Te Chuva, а подоцна и Nema Labavo – бенд кој ја продолжува линијата на урбаниот, ангажираниот панк-рок со свеж звук и зрел став.
Во 2007 година, Denny Te Chuva се појавува на компилацијата V.A. – Македонија Навива со песната „Навивачка“, која неофицијално ќе стане омилена песна на спортските фанови во Македонија.
Иако за официјална навивачка химна беше прогласена песната на Тоше Проески – „Македонија навива за вас“ (делумно поради прерано починатата ѕвезда), токму „Навивачка“ на Denny Te Chuva беше прогласена за втора најпопуларна и најавтентична песна меѓу навивачите – вистинска химна на урбаната, независна Македонија од тоа време.
Интересна е и анегдотата што го обвиткува бендот Sors: во 1996 година, нивен концерт бил забележан од менаџерот на бендот Therapy?, кој сакал да ги продуцира, но бил уапсен на атинскиот аеродром поради дрога и депортиран во Ирска – со што пропаднала можната соработка. Мал, но симболичен пример за тоа колку блиску Македонија некогаш била до европската алтернативна мапа.
Вкрстувања и нови генерации
Плакатот не се задржува само на 90-тите. Во долниот дел е забележливо генеалошко премостување.
Two Sides (#3, #4) преминуваат во Denny Te Chuva, Sethstat, кавер-состави и во настапи на Рила (Shepard’s United и Ристо Гушиќ & The Band).
Ѓоко Зафировски-Шон со Nema Labavo ги обединува четири генерации музичари: себе, Дени Крстев (Фонија, Bernays Propaganda), Филип Тасевски – Fitz (Astrolungs, Retro Cabaret) и Мирко Пејковски (Spank, Pumpers, Against them all, Промашена инвестиција, Brain Parasite, Небо, Sweet Rapscallions). Токму тие го создаваат одличниот панк-рок албум „Памти па врати“ (2024) – можеби најавување на нова зрела етапа во македонската алтернативна еволуција.
Заклучок
Овој плакат, заедно со нашите други плакати, како Времеплов низ наградата „Роман на годината“, Историја на астрономската опсерваторија во Македонија, 30 години Суперхикс, 30 години македонска улична уметност итн. настојува да ја промовира и систематизира македонската уметност, култура, наука и други арни нешта.
Како и секое стебло, и ова продолжува да расте. Следниот плакат можеби ќе ја отвори гранката на SMUT и поврзаните метал и хардкор бендови.
Извори: Македонска Рок Енциклопедија (Тошо Филиповски), Арно.мк, Ѓоко Зафировски-Шон.
