Култура, комуникација -
регионални потреби
"Да
ги повториме, поради оние кои нè
обвинуваат дека 'блееме за мирот по
секоја цена', ставовите за кои
отсекогаш сме се залагале: подобро
војна отколку ропство, подобро
арбитража отколку војна, подобро
помирување отколку арбитража."
Овие зборови на баронот Дестурнел де
Констан, кои послужија како увод во
славниот извештај на Карнегиевата
комисија, објавен 1914 година, за нас
денес сè уште имаат големо
значење, кое го надминува нивниот
првобитен контекст. Да потсетиме,
Карнегиевата фондација за мир меѓу
народите беше основана 1910, а
извештајот за кој станува збор се
обиде да ги истражи причините за
балканските војни и за начинот на кој
тие беа водени.
Иако токму по балканските војни
зборот "балканизација" се вреди
меѓу навредливите зборови, во
меѓувреме токму "високо
цивилизираните" народи и нации
предизвикаа две светски војни и
неброени сурови крвопролевања со
колонијална заднина. Некои од луѓето
во балканскиот регион сигурно имаат
причини да се срамат од одредени
аспекти на своето минато (особено за
најновите војни во деведесеттите), но
има и многу причини да се гордееме со
својата позиција на меѓник меѓу
култури и цивилизации, една од
најинтересните гранични точки на
целата човечка планета.
Од тие позиции - на реафирмација на
интегративните начела во регионов -
тргнуваме, и тоа пред сè од
сферата на културата и
комуникацијата. Во овој контекст,
културата ја разбираме, исто како и
образованието, како снажен развоен
ресурс; обновувањето на скинатите
комуникациски нишки и создавањето
нови исто така го сметаме како
развоен и цивилизациски императив,
кој може да има многу пошироки
импликации од исклучиво
регионалните, токму заради
специфичната културна и гео-политичка
позиционираност на нашиот регион.
Притоа ќе се трудиме да ја избегнеме
"компаративната тривијализација",
како што вели Питер Геј, т.е. ќе се
трудиме балканските народи да не ги
поштедиме од нивната одговорност за
тоа што светот кон нив исто така се
однесува(л) неодговорно; не сакаме ни
да ги поддржуваме плитките идеи за
тоа дека "не постојат протагонисти
туку само оние што ги повлекуваат
конците".
Во
концептот за култура за кој ние се
залагаме треба јасно да се посочат
деструктивните последици од
етничкиот национализам (без
догматска осуда на национализмот
воопшто) и на осиромашувањето до
коешто тој доведува. Како што вели
еден од најврвните балкански
интелектуалци, Марија Тодорова, не
сакаме да промовираме никаква
носталгија по империјалните
формации од отоманското и од
поскорешното балканско минато, но
затоа од тоа минато ќе се трудиме да
ги извлечеме оние можности за
алтернативен развој кои ќе ја
збогатат нашата заедничка човечка
култура.
|