Културата како развоен ресурс
Според
нас, прашањето на културата е едно од
најважните општествени прашања.
Културата може да биде силен ресурс
за општествен развој.
Изгубено е премногу скапоцено време.
Неопходните промени што требаше да
се случат во регионов изминатите
десетина години главно изостанаа, а
особено во тнр. културна сфера, која
во многу нешта токму треба да биде
предвесник, токму некаква авангарда
("извидница") за порадикалното
отворање на општеството, и кон надвор
но посебно кон внатре, служејќи како
важен интегративен и кохезивен
фактор во најширока смисла.
Во современиот свет, на пример,
културата сè повеќе има врска со
заедницата, со најнепосредната
социјална околина, поврзана е со
општините, училиштата, малцинствата
од сите видови - хендикепирани,
сиромашни итн.; од друга страна,
постои снажен тренд на претворање на
културата во индустрија, на што, на
пример, ЕУ обрнува сè поголемо
внимание, обидувајќи се да и` парира
на моќната американска културна
индустрија (филмови, музика итн).
Балканот главно е настрана од тие
трендови, упорно држејќи се до еден
застарен и надминат националистички
културен модел кој последниве години
доживеа потполн колапс.
Тоа е причина повеќе зошто е ургентна
потребата од поинакво промислување
на врските и влијанијата помеѓу
општеството и културата. Досегашните
обиди тоа да се направи главно беа
неуспешни заради големата политичка
инструментализираност, заради
лошата координација меѓу различни
сектори, но и заради објективната
некомпетенција на овдешните "културни
работници", т.е. во ниското ниво на
стручно знаење во релативно новите
области на културната политика,
културниот менаџмент итн.
Во
секој случај, наша намера не е да се
замени политичкото одлучување туку
да се стимулира дијалогот, да се
зајакнуваат и демократската култура
и културата на демократијата. Осигурувањето на плурализмот на
културните ориентации треба да
биде наш придонес кон пошироките
процеси на демократизација. Причина
повеќе да се издвои оваа цел е што
балканскиот регион е мошне сложено и
во моментов кревко ткаење составено
од многубројни разновидни и
разнобојни делови. Таа разновидност,
според нас, е наше богатство и еден од
развојните ресурси на регионов, и
покрај тоа што сегашните настани
можат да наведат и во поинаква насока.
Но, што и да се случи, Балканот не е
изолиран остров и нам, во сите
варијанти, ни претстојат снажни (некогаш
и опасни!) културни интерференции,
кои поинаку би можеле да се наречат и
како "борба меѓу народите на
културно поле".
|