Создавање
стратегија за општествен идентитет
Меѓу
многуте стратегиски правци што ќе
треба да ги зацртаме во разни полиња
од општествениот живот, за нас е
важна потребата од создавањето
стратегија за општествен идентитет. Затоа
и мислиме дека, на пример, неопходен
услов за поголема демократизација е
радикална промена во перцепцијата на
идентитетот. Македонија мора да
изгради одржлива и препознатлива
општествена идентификација, која ќе
ги соедини сите луѓе што живеат во
државата, без оглед на нивната
етничка или социјална припадност. Меѓу
другото, и со тоа се занимаваше
нашиот "проект" изминатива
година и пол. На пример, кога
ползечката војна веќе се
затркалуваше низ Македонија, кон
крајот на март 2001 година, темата на
меѓународниот симпозиум што го
организиравме беше "Културниот
идентитет - разлика во себе". Тоа
беше наш бескрајно малецок прилог
кон некаква мировна варијанта.
Колку што
таа обединувачка општествена
идентификација ни е важна внатре, во
земјата, за да придонесува кон мирот
и стабилноста, толку ни е важна и кон
надвор, за да бидеме попрепознатливи
и поприсутни, пред сè во регионот
и во ЕУ.
Но, и на пошироко ниво: недостасуваат капацитети за
стратегиско размислување. Тоа е
еден од големите проблеми на
регионот, иако на прв поглед не
изгледа толку болно како проблемот
на невработеноста, на пример. Но,
понекогаш се чини дека токму од
проблемот на мали капацитети за
стратегиско размислување
произлегуваат другите болни
општествени аномалии. Затоа сакаме
да обрнеме внимание на овој проблем и
затоа пред нас стои и задачата за
изградба на капацитети за
стратегиско размислување, на сите
нивоа, од економски до културни.
|