Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


134

МИЖИТАТАРА

12.12..2006.



Решив во колумнава повремено да ми гостува “умерено славниот писател” (од подземјето:), Пандалф Вулкански. Главната причина е за да се внесе поразличен дух низ малку поинаквиот јазик и пристап кон она што н$ опкружува. Мој впечаток е дека наши најважни општествени проблеми не се само евидентно издишаните политика и економија, туку дека на едно поопшто ниво с$ позагрижувачки станува уморот на духот, на јазикот, на мислите и идеите што циркулираат во честопати задушувачката и заглупувачката јавна сфера (а таа ограничувачка јавна сфера ја подразбира и глупоста и здодевноста дури и на кафеанските муабети... Ако на 1000 скопски кафеански маси вечерва, на барем 900 од нив се разговара за нашава мизерна политичка сцена - тогаш е јасно на кое дереџе е паднато креативното и интелектуалното ниво на нацијава).
Та така, поттикнат од некои вжештени блоговски полемики деновиве, на тема крстот и религијата, решив да го пуштам “полифониски автореференцијалниот” Вулкански, со четири (се разбира, досега необјавени) прозни цртички извадени од неговиот “Речник” (“енциклопедискиот проект во постојано настанување”).

КРСТ
“Крц!” Крцкал крстот на Водно. Кроце кроце, до горе (кај што летаат само орлите крстачи) се допафкал еден мајстор со клуч крстач.
“Крцкав ви е крстот”, им рекол мајсторот на дежурните крсјани кои под една круша крснозе решавале крстословка.
“Крстево ни е старо, од времето на крстоносците, затоа крцка”, рекол еден од крсјаните по име Крсте.
“Ти, Крсте, крстен ли си?! Крстево личи на крстосувач а не на крстче т.е. крвче”, рекол мајсторот што со крстачот дошол да го зашрафи крстот на Водно.
“Важно на крстов имаме крчма, која исто крцка, од што е стара”, рекол Крсте.
“Кршливо ви делува крстот; лесно може да се срони во крш”, рекол мајсторот. “Да не имате крт под крстот?”
“Прашуваш фигуративно или дословно, за кртот?”, се збунил Крсте.
“А може ви крцка и ако свињата крцул ја држите заврзана за крстот...”, рекол мајсторот со крстачот, бидејќи крсјаните малкуцка му наликувале на кретени, ко што и името (етимолошки) им кажува.
Тогаш дежурните крсјани дефинитивно ги кренале главите од крстословката и крстум почнале да го обиколуваат мајсторот кој се нашол крстосан од сите страни. “Ти мора да си некое кршкало!? Или ти си некрстениот крт што ни го подјадува крстот?!”, се заканувале крсјаните.
“Крстот не сака крутост туку кроткост, браќа”, рекол мајсторот со крстачот и кршеглавечки се сјурил низ падините на Водно, што подалеку од крстот и од дежурните крсјани.

КОРАН
Ранко, иако е нарко зависник, чита Коран, а и во букварот на Вулкански има влезено (заедно со Мими што на мама & шие на машина).
“Ко ран нар е Коранот, храни духовни рани...”, вели Ранко.
“Може халуцинараш од кората, Ранко, оти си нарко џанкос и оти дрогата е во кората, а не во јадрото...”, рекла Мими, па на тој начин, горе-долу, двете деца од букварот, со различни вероисповеди, сфатиле дека религијата е опиум.

МИНЕР (хаику)
Еден минер минал крај едно минаре.
“Ах, славно минато!”, помислил минерот.
Во калта светнал минерал.

МИЖИТАТАРА
Вулкански бил цар за Криенка т.е. за Мижитатара т.е. за Жмурки. Пред с$ зашто ја применувал славната хипнозитерска техника “Мижи Асан да ти баам...”
Значи, играта е таа, мижитатара (или миждупка): Асан бил татарин. А наша Мимоза била мижла (т.е. спанка), но и доста вижлеста. А Асан, иако по природа мижуркав, просто мигновено (и обикновено:) се вљубил во наша Мимоза! Да, млади биле (уште со Криенки:) - но рисјанка и муслиман!?
Освен тоа, таткото на Асан бил паша, господар на милетот во кој се случува дејствието. А Миле, таткото на Мимоза, по потекло од Мијачијата, бил обичен мијач. Така што (плетел Вулкански, плетел, замајувал...) - имаме и класен проблем, не само религиски!
Башка, Миле секој денар од миењето по мијалници го дарувал за да се доизгради Милениумскиот крст! Сиромашен, но верник! И со помии по Миле, Мијакот и мијачот, да мавате - верата нема да му ја скршите! “Миле ни ум нема кога се работи за милениумскиот крст!”, велела жената на Миле, по име Лени. “Помил му е на миле Милениумскиот отколку милион да има, па и милијарда!”, велела Лени, давајќи & ишарети (т.е. велејќи со помош на мимикрија: “Мими, криј ја љубовта!”), т.е. мигајќи кон Мимоза која главно, ко што рековме (плети, Вулкански, тупи!), спиела, оти била мижла.
Но, плетеле и други! Сестрата на Лени, на пример, Лина, била обземена со милина! “Океј, мажењето е мижење, го знам тоа, свесна сум и за целиов контекст (мижитатара, т.е. миждупка, во котлинава која сама по себе е дупка невидена, еден од најзаебаните милети на царството...) - но љубовта лета над милетите, лета над летата, мимолетноста, времето и милениумите!”, велела Лина, во поетски занос (т.е. Вулкански, бајачот:).
И така, кога заспаната принцеза, познатата мижла Мимоза конечно се разбудила (метафорично, да речеме...) му рекла на Асан: “миличок!”
А Миле - во шок! Не знаел дал да вика милиција ил самиот да се милитаризира!
Дилемите ги решил Асан; добил работа во НАСА и збришале со Мимоза од темниот вилает. Мимоза, ко што може да се претпостави, направила хортикултурна кариера, за што имала и солидни предуслови, потекнувајќи од една мултикултурна средина.:-))