99
МОЌТА И ЗНАЕЊЕТО
01.11.2005.
Ако воопшто постои некоја нишка што ги поврзува сите 99 текстови
објавени во оваа рубрика изминативе четири години, тогаш таа нишка е
ставот дека за проблемите во кои се наоѓа нашето општество не ни се
виновни само политичарите туку еден многу поширок општествен
естаблишмент кој во својата помалку или повеќе коруптивна пајажина
вплеткал значајно мнозинство од граѓаните.
На крајот на краиштата, зарем сама по себе не е поразителна токму
нашата опседнатост со политиката, со таа најразметлива, неумоливо
помпезна, измамлива и манипулативна човечка дејност?! “Помила им е
бесмислицата од смислата”, велеше за своите сонародници големиот
американски новинар од 19 век, Х. Л. Менкен.
Сакам да кажам дека целата наша култура (сочинета, меѓу другото, и
од низовите институции, и државни и приватни, и културни и образовни
и стопански - кои сите ние всушност ги сочинуваме), ја создава
лошата слика на нашата стварност од која самите сме незадоволни, а
која многу тешко и најчесто неволно ја менуваме.
Зошто го ставам фокусот малку пошироко и зошто зборувам за бедата
или предавството на интелектуалците и воопшто на македонскиот
естаблишмент?! Меѓу другото, можеби и затоа што не ги прочитале
клучните идеи на еден од најголемите критичари на модерната, Мишел
Фуко!
Еве што вели Фуко, а важно е за нашиот однос кон моќта и кон
знаењето кое не ја преиспитува моќта туку всушност е во вечна
релација со неа: “Можеби треба да напуштиме цела една традиција која
ни допушташе да замислуваме дека знаењето може да постои само таму
каде што се отстранети односите на моќта и дека знаењето може да се
развива само надвор од налозите, интересите и барањата на моќта.
Можеби ќе треба да го напуштиме верувањето дека моќта ги залудува
луѓето и дека оттаму одрекувањето од моќта е еден од условите за
знаењето. Поверојатно е дека ќе треба да прифатиме дека моќта го
произведува знаењето, дека моќта и знаењето директно си се
имплицираат меѓусебно; дека не постои ниеден однос на моќта без
корелативната конституција на полето на знаењето ниту некое знаење
кое едновремено не претпоставува и конституира односи на моќ.”
Модерното доба (кое Република Македонија го живее еве веќе 60
години, без всушност подлабоко да стане модерна!) е доба на
политиката или идеологијата, како начин на креирање на стварноста
тогаш кога стварноста, на некој начин, го навести своето недоволно
присуство. А токму политиката во модерната нè поттикнува да го
испитуваме односот меѓу знаењето и стварноста како најважно
политичко прашање.
И тука потфрлија македонските интелектуалци. Најпрвин, лажно се
дистанцираа од моќта (без да сфатат, како што вели Фуко, дека секоја
политика е политика на знаењето), а потоа и не смогнаа сили малку
подлабоко (макар, повторувам, до нивото на Фуко, кој своите клучни
идеи ги изнесе пред речиси 50 години!) да ги преиспитаат сопствените
претпоставки и за сопственото знаење и за непосредната стварност и
политика. Меѓу другото и затоа нашето знаење тешко нè извлекува од
дупката во којашто сме; затоа и нашата политика е фолирантска и
помпезна, какво што ни е и знаењето.
Значи, за да излеземе од магепсаниот круг на пропаѓањето нам повеќе
од кога било ни требаат малку повеќе стручни и независни (во смисла
на себепроценување) социолози, филозофи, уметници, па и менаџери, се
разбира, спортисти, производители, трговци... Повеќе од кога било
досега потребна ни е афирмација на малку повеќе независните
островчиња во општеството кои треба да станат темел за една
поинаква, понапредна и поправедна Македонија.
Погледнете ја сликата на Македонија денес; речиси тотална
предизборна мобилизација (гледајте само како рововски се
позиционираат речиси сите медиуми, како за војна!), и тоа цела
година пред избори! Очајнички ни недостасува време за неопходните
реформи кои голтаат неверојатни ресурси (и време и пари и луѓе, а
сето тоа ни е опасно дефицитарно!), но ние кон времето се однесуваме
како да ќе живееме уште осум животи по овој, како да сме митски
мачки!
Политичарите ни се виновни?! Апсолутно, но не само тие.
Интелектуалците ни се, во подобар случај, анахрони и депласирани, а
во полош случај - наемници и дворски шутови. Независно чие дувло
служат, независно од идеолошките бои, карактеристика за нашите
интелектуалци е опасниот спој меѓу интелектуална патетика и
квазиполитичка реторика, спој кој по правило не е проследен со
вистинска стручна работа и со сериозен професионален или општествен
ангажман. Трчилажговци и пепелажи кои произведуваат исти такви
политичари, кои произведуваат исто такво фолирантско општествено
милје. Всушност, политиката кај нас стана квазидејност зашто и сите
други дејности станаа некакви парадејности, камуфлажи за некакви
сосема трети работи. Сите ломотат, сите знаат подобро, сите би да
бидат политичари - а никој одговорен! Сè некој друг е одговорен! И
тоа стана национален спорт број еден: префрлување на одговорноста ко
да играме пипни-стој или расипан телефон!
Од друга страна, раслојувањето на нашето општество почна да се
претвора во растурање, во разбивање. Антилибералниот и
антиевропскиот дискурс во комбинација со етничките предрасуди не се
присутни само кај посиромашните и пониските класи. Не само што се сè
подлабоки јазовите помеѓу елитните делови на општеството
(политичари, бизнисмени и медиумско-интелектуалната камарила околу
нив) со средните и пониските слоеви, туку во рамките на
управувачката елита тешко се формира силен и стабилен реформски блок
кој би можел да осигура поцврсти темели за воспоставување
демократско и пазарно општество.
Најпосле, преовладувачки дел од населението сè уште директно зависи
од државата и владата. Приватниот сектор кај нас (освен одредени
мафијашки добро заштитени странски инвестиции и домашни
приватизации) сè уште мора да стои во став мирно пред државата. Дури
и извозниците, кои би требале да ги негуваме како ретко цвеќе, се
тресат пред долгите и опасни прсти на бирократијата.
Со еден збор, ние сè уште не сме ја достигнале онаа точка кога
реформите стануваат неотповикливи, не сме ја преминале границата
кога приватниот сектор и пазарниот фер натпревар стануваат рбет на
општеството, при што државата е само добар сервис во служба на
граѓаните и на претприемачкиот дух.
Една од главните причини за нашето заостанување, повторувам, ја
гледам во незавршениот процес на модернизација (која кај нас почна
како описменување, електрификација и базично градење на национална
држава). Без разлика дали таа незавршена модернизација ја нарекуваме
транзиција или премин во капитализам - ни се влечат безброј опашки и
самите сме недоволно подготвени за новото и другото.
Иако и самиот не можам да се исклучам од сопственото милје и дел од
негативностите за кои зборувам ги препознавам и во сопствената
работа, сепак би сакал да завршам со една поттикнувачка мисла на
големиот уметник Мартин Кипенбергер: “Овој живот не може да ни биде
извинување за следниот”.
|