„Рамнотежа“ е надреалистички анимиран филм од 1989 година, во режија и продукција на браќата Волфганг и Кристоф Лауенштајн од Германија.
Видеото настана така што германскиот бенд Alphaville за нивниот видео-проект Songlines понудиле на различни уметници да изработат кратки видеа за песните од нивните албум The Breathtaking Blue.
Волфганг и Кристоф Лауенштајн направиле видео за песната “Middle of the Riddle”. Подоцна филмот бил преименуван како „Рамнотежа“ и преработен со различни звучни ефекти. Како таков освоил Оскар во 1990-та година за Најдобар краток анимиран филм.
Значењето на рамнотежата
Филмот „Рамнотежа“ служи како наратив за суштината на соработката меѓу поединците. Филмот нагласува како една индивидуа водена од личен интерес може да ја наруши деликатната рамнотежа на заедницата. Оваа аналогија се протега од микрокосмички заедници како пријателства, до семејства, згради и населби па се до поголеми размери како што се градовите и нациите.
Друг слој на интерпретација нуди симболиката на кутијата во филмот, претставувајќи ја привлечноста на материјалното богатство. Преку опсесијата на главниот лик со кутијата, наративот ги разоткрива опасните последици што произлегуваат од неконтролираната алчност. Тоа на крајот нанесува штета на другите, но и на себеси.
Кутујата е воедно и нешто што нуди разновидност (музика), во инаку сивиот свет на луѓето осудени на монотон живот!
Одгласи на историјата
Ако го гледаме филмот во контекст на историските настани како падот на СССР, обединувањето на Германија и распадот на Југославија, „Рамнотежа“ добива длабока важност. Среде бурните политички промени во Европа и навлегувањето на капитализмот, „Рамнотежа“ се истакнува како предупредување.
Се разбира дека авторите на филмот се од Западна Германија и распадот на СССР за нив значел ослободување, додека за нас во Југославија истото значеше војни и болна транзиција. Според тоа, тие не мора нужно да го делат нашиот став, но „Рамнотежа“ е секако алегорија во која се истакнува значењето на одржувањето на хармонијата во услови на неизбежни промени.
Овој кус филм беше достапен на националните телевизии во Југославија, што зборува за квалитетот на тогашните програми, за разлика од денешните разни „розеви шоуа“ и „турски серии“. Во прелудиумот, развојот и кулминацијта на распаѓањето на Југославија, овој филм остана длабоко врежан во сеќавањето на (поранешните) југословени, до ден-денес.

Универзалноста на рамнотежата
Филмот ги надминува временските и просторните граници, резонирајќи низ епохите и културите, бидејќи го нагласува универзалниот принцип на рамнотежа што управува со сите аспекти на постоењето. Дури и универзумот тежнее кон рамнотежа, секој физички закон се води од неа, а зачувувањето на енергијата е општ закон насекаде во универзумот.
Од величественоста на космичките феномени до сложеното функционирање на биолошките екосистеми, рамнотежата е универзален принцип. Деликатната рамнотежа својствена за природата управува со хармонијата и функционалноста на различните системи, нагласувајќи ја меѓусебната поврзаност на сите живи суштества.
Трансформативната моќ на рамнотежата
Филмот „Рамнотежа“, преку неговата симболика, ги повикува гледачите да размислат подлабоко.
Погледнете го овој краток анимиран (stop-motion) филм, можеби ќе ви се допадне, можеби не, но едно е сигурно, ќе ве помести од состојбата на мисловен мир (рамнотежа) и ќе ве натера на размислување.