Еден ден инбоксот ми светна со порака од „новите клинци“. Си реков, еј супер, уште една алка за нашиот голем проект „Графити времеплов: 30 години македонска улична уметност“. Се потпишуваат како FRTT (баш добро оди со нашиот графити магазин ГРРФТ!), нова екипа од Гевгелија формирана летото 2025 година. Главните виновници се CVDR и RISK OA. Млади дечки кои сакаат да рапуваат и цртаат. Имаат енергија, имаат желба.
Но, пораката имаше и втор дел. Тие трагаа по дух. Тоа е темата на нашиот текст денес. За нив, Соло Бандит е еден од најдобрите цртачи и рапери што некогаш живееле и твореле во Гевгелија во 2010-тите. Митска фигура чија трага се губи. Ме прашаа дали можам да го најдам, бидејќи сакаат да ги реставрираат неговите стари, уништени графити. Сакаат да го поправат минатото.

Тука застанав.
За разлика од цртачите, мојата професија не е исполнета со ноќни авантури, бегање од полиција и мирис на спреј. Мојот свет е истражувачки: копање по правливи дигитални архиви, скенирање стари исечоци, возење точак од Драчево до Ѓорче по скопскиот смог, ѕиркање во сокаци и документирање на она што останало. Јас сум набљудувачот, никогаш учесникот.
По некое време, го најдов Соло Бандит (Иле Димитриевски) на Инстаграм. Живее во Холандија. Му пишав. Се заинтересира да одговори. Не беше заинтересиран за обновување на негови стари графити.

Но, тука се јави дилемата. Иницијативата потекна од децата. Како сега да им кажам дека „старата гарда“ можеби не е заинтересирана за слава? Дека луѓето растат, се селат, фаќаат други патеки и честопати го отфрлаат минатото како стара кожа? Иле денес е дизајнер, има свој бренд, напишал книга. Дали ќе бидат разочарани ако идолот не им даде амин? Дали ќе се откажат?
Мене лично, не само како татко, туку и како некој кој се грижи суштински за уметноста и културата, приоритет ми се младите, особено оние кои живеат (или преживуваат) во Македонија. На CVDR и RISK OA им треба надеж. Им треба доказ дека не е сè залудно. Им треба светлина на крајот од тунелот, зашто кај нас има многу повеќе темнина, дури и таму на југот, во Гевгелија, каде што сонцето наводно вечно сјае.

Одговорите на Иле стигнаа. И иако се пратени од далечина, носат една важна лекција за младите: Не ги чувајте старите тотеми. Создавајте нови. Ова е записот од тој разговор.
ИНТЕРВЈУ: Иле (Соло Бандит / SpookyMc)
(Го прашав за самите почетоци, обидувајќи се да ископам локација, конкретен ѕид, датум…)
Иле: Не се сеќавам баш на првиот графит, но тоа беше само со еден обичен црн лак спреј. Локациите беа секогаш различни. Од школи, стамбени згради до оддалечени ѕидови негде во периферија на Гевгелија.
(Тогаш не постоела специјализирана продавница за бои како „Хром“ во Скопје. Го прашав како се снаоѓале во тоа време.)
Иле: Па, пред да почнеме со набавка на графити спрееви користевме што ни беше достапно во тоа време. А тоа беа обични лак спрееви од некоја локална железара во Гевгелија. Скроз океј скил билдинг според мене и од оваа временска дистанца.

(Класика. Немало „Монтана“, немало фенси капови. Имало железара и желба. Во групата „Графит.мк“ имаме споделено неколку графити од неговата GRFC Crew. Во недостиг информации други цртачи споделија дека групата е настаната во 2010 година. Тука веќе навлеговме во микро-историјата на гевгелиската сцена.)
Иле: Да, отприлика 2010. Тој период го составивме гевгелиското графити кру GRFC. Во составот бевме 3 членови на почетокот, сите 1991 генерација. А кратенката GRFC доаѓа од Gevgelija Rap Fanatics Crew. Да напоменам дека истата оваа екипа издадовме демо рап албум во 2007 година со наслов „Новиот Почеток“ под рап псевдонимот „Трета Димензија“.
(Ова е интересно. Децата го знаат и како рапер. Се вртат траки од SpookyMc ArtistClan. Значи, човекот бил комплетен хип-хоп пакет.)
Иле: Па, моите почетоци во македонскиот рап се под името Spooky MC, тогаш член на Трета Димензија а заедно со уште 9 други артисти од гевгелиско и Богданци го сочинувавме Артист Клан. Тоа, според мене, беше врвот на хип-хоп сцената на југот во МК. Моите песни од тој период сечат низ времето со фокус и хируршка прецизност, така што цела таа пасија за урбаната култура ме одведоа подоцна на факултетот за ликовни уметности, каде создадов неколку според мене вистински големи дела (без лажна скромност) и дипломирав на тема „Фрагменти“.
Подоцна во 2021 ја издадов и малата автобиографска книга со промоција во градскиот театар во Гевгелија со наслов „Образ“. Денес тие мои демо песни и графики од студентските денови заедно со мојава книга „Образ“ го сочинуваат рецептот за храброст пожртвуваност и одлучност кога станува збор за носење животни одлуки и бранење став.

(Морав да го чепнам за легендарниот Бош Фестивал 2011. Тогаш на ист ѕид се најдоа тој, Drash, Machka и BNE. Тоа е како „All-Star“ натпревар за македонски графити.)
Иле: Поканата за Бош Фестивал тогаш дојде преку еден од организаторите на фестивалот и јас секако со задоволство ја прифатив. Моментот беше баш легендарен и со сигурност одличен одзив имаше од младите во Гевгелија. Еден од најуспешните графити фестивали до денес според мене. Топ организатори – Топ фестивал и екстра дружење.
(Зборувавме и за влијанието на Скопје и факултетот во неговиот стил, наспроти стилот кој го изградил дома, во Гевгелија. Тука се чувствува малку горчина кон естаблишментот, типична за уметник кој морал да замине.)
Иле: Па неможам да кажам дека Гевгелија имала свој специфичен стил. Студирањето мое на факултетот за ликовни уметности во Скопје имаше огромно влијание на моето творештво како графити артист и MC. На некој начин цела таа урбана амбиција сега се преобразуваше во академско дело а интересен момент е што само јас ја имав “големата слика” во глава како такво. Од денешна гледна точка како една ретроспектива на моето творештво можам да кажам дека моето дело „Образ“ сеуште не го добива заслуженото внимание.
Кога некои докажани македонски интелектуалци сериозно би се позанимавале со содржините на моево дело, верувам дека би можеле да ја видат вистината надвор од партиските јасли и да се искористи како чиста мотивација за уште многу генерации креативци да ги следат своите соништа и да веруваат во себе. Така се создаваат убави нешта за средината во која живееме.
(Ме интересираше повеќе за таа „здрмување“ на сцената од страна на раперите од Гевгелија.)
Тогаш ми се случи еден редок момент каде ги гледав своите творештва како се остваруваат. Мене. Обичен градски хард кор креативен лик. Бам. Сѐ пред очи. Не би сакал да направам ова да звучи големо како што навистина беше во тој период, меѓутоа би сакал да напоменам на страствените сонувачи едно: Пазете што посакувате во животов, понекогаш се остварува!
(И сега, главното прашање. Она што FRTT најмногу ги интересира. Реставрацијата. Одговорот на Иле можеби ќе ги разочара на прва, но всушност е најголемиот подарок што може да им го даде.)

Иле: За реставрирање на моите графити, јас би рекол дека нема потреба. Тоа е сепак улична уметност. Драго ке ми биде еден ден кога ке се вратам во Гевгелија (дека скоро 5 години веќе живеам во Холандија) да видам на тие исти ѕидови каде што сум цртал јас некогаш да има многу нови графити. Така знаеме дека културата живее, а од тоа нема за нас постарите артисти поголем мерак, а и поголем позитивен сигнал за Гевгелија како современо општество. Зашто, како што викаат:
“Графитите се душата на секој град”.
(За крај, го прашав каде е Соло Бандит денес.)
Иле: Стилот на „Соло Бандит“ денес би рекол живее, но во друга форма. Место во рими на битови денес живее преку маркетинг дизајн, а графитите како оригинални и уникатни парчиња облека. Мојот streetwear бренд носи име “Simply Hood” така да тој е човекот – тој е стилот 🙂
За крај – нов почеток!
Тука официјалното интервју заврши. Но, нашата комуникација со Иле продолжи. Тој не е само субјект на интервју, тој е жив архив. Продолживме да се допишуваме, не за филозофија, туку за факти – за имиња, години и настани кои ни недостасуваа или беа погрешно запишани во нашиот Графити времеплов. Голема благодарност до Соло Бандит за интервјуто, но и што одвои време од своето холандско секојдневие и обврските околу „Simply Hood” за да ни помогне да ги пополниме дупките во нашата колективна меморија.

Но, што да правиме со пораката до младите?
На прв поглед, одговорот на Иле до дечките од FRTT – „не ме реставрирајте“ – може да звучи како затворена врата. Како ладен туш за еден тинејџерски ентузијазам кој барал идол, а нашол човек кој си заминал.
Сепак, ако внимателно се прочита, тоа е најголемиот подарок што еден ветеран може да ѝ го даде на новата генерација. Тој не им рече „не сте достојни“. Тој им рече „Гевгелија е ваша“.
Во тој одговор лежи суштината на уличната уметност: таа не е создадена за музеј, туку за моментот. Таа мора да умре за да се роди нова. Иле не ги одби, туку ги ослободи од товарот да бидат чувари на музејот. Им ја даде дозволата да бидат креатори.
Пораката до FRTT и до сите нови клинци кои цртаат, рапуваат или создаваат во сенката на „старите добри времиња“ е следнава: Не плашете се да ги пречкртате идолите. Ако ги прекриете избледените линии на минатото со вашите нови, свежи идеи – тоа не е непочит. Тоа е еволуција!
Затоа, прифатете го предизвикот, земете ги спрејовите. Бидете вие „Новиот Почеток“!
![]()
![]()
![]()
![]()
![]()
![]()
![]()
![]()
![]()
![]()
×![]()