Во потрага по урбани форми на изразување и ангажирана уметност, наидов на фасцинантни цртежи на – камиони. Но, не станува збор за класични графити или налепници. Туку за привремени, ефемерни илустрации направени директно врз прашина. Да, прашина! Името што стои зад оваа невообичаена уметничка појава е Дамир Ујкановиќ (Damir Art), илустратор кој не само што поседува класична техника, туку и голема креативна енергија која си наоѓа медиум дури и кога нема хартија при рака.
Она што веднаш ме фасцинираше не беше само неговата уметност, туку и начинот на кој ми одговори на прашањата. Одговорите ми ги прати веднаш – од мобилен, во паузите меѓу возењето – што совршено го отсликува неговиот пристап кон уметноста: спонтан, директен, моментален. Цртежите на прашина не се ништо друго освен излив на креативност кога инспирацијата ќе удри, а хартија – нема.

Неговите дела на хартија – изработени со обични хемиска пенкала (ballpoint pen) – сведочат за исклучителна техничка прецизност и темна, понекогаш гротескна имагинација. Со внимателно сенчење и морбидна фантазија, тој создава фигури што се движат меѓу телото и кошмарот, човекот и чудовиштето, реалноста и халуцинацијата. Темите варираат од психолошки стравови до коментари за самотијата, анксиозноста и распадот на телесното. Во неговиот визуелен речник (веројатно индиректно) може да се препознаат несвесни влијанија од Хијеронимус Бош, Едвард Мунк, Френсис Бејкон, Зѓислав Бекшињски и Х. Р. Гигер – имиња чии дела, преку популарни медиуми и колективна култура, оставаат траги во свеста на секој уметник кој се изразува на маргините на „нормалното“.
Разговаравме со Дамир за неговите почетоци, инспирации, односот кон уметноста, метал музиката, екологијата – и животот помеѓу уметноста и професијата.

Од кога црташ? Како и кога почна да се занимаваш со тоа, и како ја доби идејата за цртање на валкани возила?
Почнав да покажувам знаци на талент уште кога бев во забавиште, на 5–6 годишна возраст. Тогаш правев многу реалистични фигури од луѓе во пластелин. Подоцна почнав да гледам многу цртани филмови и од таму добивав инспирација да ги цртам ликовите што ги гледав.
Идејата да цртам на валкани возила со прашина се појави како одраз на мојата висока креативна енергија и желба идејата веднаш да ја изразам – дури и ако во моментот немам прибор за цртање. Тогаш, прашината ми беше „при рака“ и ја искористив како медиум.

Дали имаш формално уметничко образование? Дали си учествувал на изложби?
Имам завршено средно уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, отсек сликарство. Запишав и Ликовна академија во 2001 година, повторно на отсек сликарство, но не ја завршив – стигнав до трета година, и така ми стојат документите од тогаш.
Не сум учествувал на изложби, но одамна – некаде околу 2000 година – добив втора награда на државен конкурс. Наградата беше камера со LCD дисплеј, што тогаш беше голема работа. Ми ја врачија спроти училиштето „Јосип Броз Тито“. И во весник пишуваа за тоа.

Твоите други дела, цртани на хартија имаат хорор призвук и би изгледале одлично на кој било металски албум. Каков е твојот однос кон хорор жанрот или музиката?
Сум љубител на метал музиката од моја 16-та година, и досега – а имам 41 – не сум престанал да ја слушам. Најмногу ми се допаѓаат thrash, death, gothic и black metal.
Како дете, сакав и да гледам хорор филмови, тоа ми беше една од инспирациите.

Еден пријател ми прати фотографија од цистерна на која имаше цртеж и твој потпис. Веднаш сакав да го објавам во групата Графит.мк, но се запрашав како да ги дефинирам овие цртежи. Не се графити, всушност се анти-графити, она што го правиш ти е отстранување на прашината од возилото, а цртежот е негативот на таа прашина кој се открива пред нас. Какво е твоето мислење за тоа?
Да, тие не се графити според мене. Едноставно, кога немав лист и хартија, сакав веднаш да ја изразам идејата за да не ми избега. А прашината на камионот ми беше при рака – и ја искористив.

Во твоите дела за мене има и еколошка димензија. Скопје е валкан град, се давиме во прашина и загадување. Твоето дело би можело да биде одлична еко-герила кампања за ширење на свесноста за загадувањето, зашто ти буквално црташ врз прашината, ја „чистиш“ и создаваш уметничко дело. Дали за тебе има таква димензија, или едноставно сакаш да оставиш твој печат и не размислуваш за тоа.
Свесен сум колку сме неорганизирана држава, каде што системот не функционира – загадување, прашина, ѓубре… Но, не се оптоварувам со тоа. Ја прифатив реалноста во која што живеам – немаме свест за култура и чистота. Затоа го искористив тоа – моментот, просторот, да се изразам.
Не верувам дека како поединец можам нешто да сменам. Но, улиците се навистина валкани, и тоа е дел од мојата инспирација.

Со што се занимаваш? Дали цртањето е само хоби?
Работам како професионален шофер – возач на камион. И токму цртежите на камионот од прашина се моите. Цртањето ми премина во хоби.
Кога бев млад имав енергија и амбиција да станам име во сликарството, но со текот на времето таа желба избледе. Луѓето во Македонија не ги вреднуваат сликите – бараат мали цени, а од тоа не можев да живеам. Поради тоа се насочив кон возење – подобра заработка и сигурна пензија.

Дали знаеш за уметници како Скот Вејд, кој прави слична уметност со прашина?
Не познавам ниту еден уметник што црта со прашина. Единствениот уметник што го почитувам и кој ми оставил впечаток е Леонардо да Винчи.

Колку ти се битни реакциите на луѓето. Секој уметник кој создава во јавниот простор, можеби не сака да си признае, но сака да остави печат на истиот и да предизвика реакција. Можеби твојата била во функција на реклама (и тоа успеа во мојот случај), но можеби е нешто повеќе, нешто подлабоко?
Секој човек сака убав збор, па така и секој уметник сака да му биде пофалено делото. И јас.
Цртежот што го забележа, во прв момент не го потпишав. Немав намера за промоција, едноставно го нацртав затоа што имав инспирација. Но подоцна, по совет од пријатели, ставив потпис – „Damir Art“ – бидејќи веќе имав страница на Facebook и Instagram, и си реков: можеби некој ќе се заинтересира и ќе види што уште имам нацртано.

Би сакал ли да живееш само од цртањето, кога би било можно?
Не би сакал да живеам од уметност ако тоа значи притисок – секојдневно да морам да цртам, по нарачки. Тоа за мене би било шаблонски, без квалитет – само квантитет.
Не цртам често – се случува по месец-два ништо да не нацртам, и ми доаѓа како одмор. Тој „празен момент“ ми е полнење батерии за следно дело.
Секако, кога би можел едно дело да го продадам за добра цена, па да направам пауза и потоа ново дело – тоа би било супер. Но, тоа не е реалноста тука. Затоа цртањето ќе ми остане хоби – ако на некого му се допадне нешто, зошто да не му го продадам.

Дали би сакал да додадеш нешто што не прашавме?
Мислам дека ги допревме сите важни точки. Ви благодарам за интересот и што го препознавте тоа што го правам – тоа многу ми значи.

Крај на интервјуто… или нов почеток?
Во прашливите улици на Скопје, Дамир Ујкановиќ не гледа само нечистотија – туку платно. Со едноставен потег на прст или крпа, тој го трансформира секојдневието во уметност. Неговите цртежи не траат долго, но токму затоа и се посебни – тие се глас против заборавот, против рамнодушноста, против нечистотијата – и пред сè, израз на еден уметник кој не може, ниту сака, да молчи.

Следете го Дамир на Instagram и погледнете ги другите негови дела.