Хром, приказна за еден урбан графитџија и неговиот графити шоп во градот Скорне

Хром е еден од нашите најпознати и најзастапени графити уметници од СК/МК, покрај Драш. Постојат уште неколку имиња кои се повторуваат на сцената на сивиот пост-апокалиптичен град Скорне, кој се дави во загадување и отпад, како PACK/RASK, SRK, OKS, Арис, Рубик, Дарма, Престиж, Fatma Ecrem, Poked…

Овие уметници, покрај другите кои творат и создаваат нешто вредно даваат трошка надеж дека на површината на г(р)адот испливува и нешто добро. За волја на вистината Хром веќе 5-6 години живее во Словенија, но не ја заборава МК која ја потсетува и чкртнува нешто од време на време, како овие два графити на Кеј на Вардар од 2023 година.

Се обидовме да дознаеме нешто повеќе за графити уметникот ХРОМ, кој пред 14 години го отвори првиот графити и урбан арт шоп во Скопје-Македонија, Graffiti Shop Hrom. Тука издвоивме некои од неговите дела, за повеќе посетете го неговиот Инстаграм профил или во нашата група Графити.мк.

Арно: Кое ти е вистинското име? Знам дека графитот е нелегална активност, ако не сакаш да откриваш јавно, почитувам.

ХРОМ: Вистинското име и не е толку битно во приказнава, мојот графити потпис е Хром. Со некои паузи можам да речам дека цртам од 1996 година.

Арно: Дали имаш формално уметничко образование? Што си по професија и кои ти се интересите?

ХРОМ: Немам формално уметничко образование, генерално сум самоук кога се работи за графитите. По професија сум инженер за заштита на животната средина ( многу малку имам сработено со мојата диплома, се посветив повеќе на хобијата 🙂 ).

Арно: Од каде Хром? И зошто?

ХРОМ: Претходно користев и други имиња, Хром го крстивме најпрво дуќанот. Некако само си дојде и јас да го користам тоа име од 2010/2011.

Хром е населбата од која доаѓам, Хром е омилената боја за работа.

Арно: Некои од познатите кратенки на графитите/потписите низ Скопје се ЕБСФ, Дарма, Арис, Раск, Зорк, Снејк, Окс… можеш ли да ни кажеш нешто за нив, на пример што значи ЕБСФ?

ХРОМ: Има доста цртачи во Скопје, на неколку години сигурно се појавуваат по 10тина, остануваат активни 3-4етворица. Не ги знам приказните за имињата на сите, тоа нив ќе треба да ги прашаш.

Арно: Знам дека не живееш во Скопје, но што мислиш за графити сцената во МК/СК во минатото и сега?

ХРОМ: Графити сцена како секоја, не е голема, но секогаш доволно активна. Генерално графитџиите меѓу себе се пријателски настроени бидејќи не нема многу, а Скопје е големо но и мало така да се знаеме кои сме. Во минатото графитите биле повеќе пароли или шкртаници на ѕидовите, денес се комплексни букви, натписи и типографија. Гледам сега се хит во Македонија мурали па се појавуваат насекаде, спонзорирани од се и сешто.

Арно: Кои ти се омилени графити уметници?

ХРОМ: После 25 години и немам некои графити херои, јас сум сам свој херој бидејќи се што сум замислил сум направил.

Арно: Што можеш да ни кажеш за графити шоп Хром? Како го балансираш бизнисот со уметноста?

ХРОМ: Идејата за Графити Шоп Хром започна пред 2010, но беа потребни финансии и многу трчкарања, како и откажување од други соништа за да се оствари овој сон.

5 Август 2010 се отвори Графити Шоп Хром и еве уште малку ќе прославиме и 14 години постоење.

Продаваме различни материјали за скицирање и цртање на графити. Професионални производи од највисок квалитет кој може секој да ги користи. Порано бизнисот и графитите некако се мешаа, сега се си е на свое место 🙂 Благодарност на сите кои се со нас изминативе години.

Арно: Колку се графитите значајна форма на урбана уметност и општествен ангажман? Драш вели дека градот е поубав кога е исцртан и има иницијатива тоа да се прави плански и со поддршка од државата. Што мислиш за тоа?

ХРОМ: Графитите сами си го најдоа местото во урбаната уметност и се одраз на цели едни генерации. За мене лично тие се сеуште: Бунтовник кон се што е власт. Денес графити културата е многу популарна, па се јавуваат еден куп професори кои мислат дека ги разбираат графитите и филозофираат и пишуваат магистерски и докторски тези околу тоа. Кога имам време читам некои статии и морам да кажам дека во купот глупости има и некои паметни работи. Јас некако поедноставно размислувам на таа тема –

Ако во рака не си држел спреј и не си нацртал нешто (и притоа не си го осетил адреналинот од моментот) немаш право да збориш за графити.

Како Драш гледа на графитите тоа е негово лично мислење, бидејќи е активен има и те како право да каже што мисли. Јас не мислам дека во секое селце и гратче мора по секоја цена да има графити, тие едноставно сами си се појавуваат. Графитите се тишина пред бура, и тишина после бура.

Арно: Додека живееше во МК кои ти беа омилени места за цртање?

ХРОМ: Кејот на Вардар ми е секогаш најомилен. Во срцето на градот, а некако тивко и подзаборавено. Спукај денски едно парче испи едно пиво и замини си дома.

Арно: Дали си имал проблеми со полицијата за твоите активности?

ХРОМ: Не си прав графитџија додека не те фати полиција 🙂

Арно: Која е разликата во МК сцената и словенската?

ХРОМ: Генерално нема некоја голема разлика бидејќи и двете држави не се многу големи. Словенија само има многу подобра железничка мрежа од Македонија. Цртачи ко цртачи и тука сцената не е многу голема. Најстарите цртачи ми се генерално генерација, па од различни канали се познаваме. Дел сум од една млада екипа ХУР, составена од млади и полни со енергија дечки и еден стар диносаурус 🙂

Разговорот го водеше Берт Стајн.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *