По години фрагментарни спомени, расфрлани фотографии и усни истории, на македонската Википедија конечно е објавена првата оригинална и систематска статија посветена на графитите во Македонија. Ова не е превод, ниту адаптација од странски извор, туку текст произлезен од локално знаење, теренска работа и долгогодишно архивирање на сцената.
Што постоеше досега (и зошто беше проблем)
Македонската верзија на статијата „Графити“ e во голема мера лошо уреден превод од англиската Википедија – општ текст за историјата на графитите во светот, со никакво спомнување на локални контексти, автори и практики. Македонија, како и во многу други случаи, едноставно не постои во тој наратив.

BIOSQUAD – Ne ja budete zorata (1998, од емисијата „Фонија“ со Тошо Филиповски)
Што носи новата статија „Графити во Македонија“
Новата статија „Графити во Македонија“ го пополнува токму тој јаз. Таа ја следи појавата и развојот на графитите:
- од првите панк и навивачки пораки во доцните 1970-ти и 1980-ти,
- преку формирањето на организирана сцена во средината на 1990-тите,
- до современите генерации, мурали и институционални форми на улична уметност.
Опфатени се различни градови, генерации, екипи, како и обидите за документација и архивирање на сцената во последните години.
Извори, истражување и методологија
Поголем дел од информациите во статијата потекнуваат од долгогодишно истражување на сцената, разговори со учесници, архивски пребарувања и од плакатот „Графити времеплов: 30 години македонска улична уметност (1995–2025)“, кој за првпат систематски ги прикажа екипите, генерациите и континуитетите на македонската графити сцена.

Контроверзии и отворен повик
Токму тој плакат наиде и на негодување кај дел од цртачите, кои укажаа на наводни неточности во одредени информации, но притоа не понудија конкретни податоци, корекции или соработка, иако им беше јавно и директно дадена можност.
Со оглед на отворениот карактер на Википедија, оваа нова статија ја отвора токму таа можност: сите што сметаат дека нешто е погрешно, недоволно или испуштено, сега имаат простор самите да учествуваат во исправките и надградбите.
Затоа, ова не го гледаме како „затворен текст“, туку како јавен, колективен архив во настанување, и ги повикуваме сите цртачи, автори и сведоци на сцената активно да се вклучат.

Имбец, првата женска цртачка екипа во Македонија (1998)
Пошироки напори за архивирање на популарната култура
Оваа Википедија-статја не е изолиран чин. Таа е дел од пошироките напори на Арно.мк за архивирање на популарната култура, особено оние форми на израз што традиционално се игнорирани од институциите: графити, улична уметност, DIY сцени и субкултури.
Во таа насока, во изминатите години работевме на:
- мапирање на графити со точна локација,
- издавање на првиот македонски графити магазин/фанзин „ГРРФТ“,
- објавување на книгата „Ѕидови што зборуваат: графити приказни од скопските улици“,
- како и на плакатот „Графити времеплов: 30 години македонска улична уметност (1995–2025)“.
Македонија и дигиталните празнини
Присуството на Македонија во дигиталните простори често е нецелосно, површно или посредувано преку туѓи наративи. Со оваа статија правиме мал, но значаен чекор кон пополнување на тие празнини – не со туристички разгледници, туку со реална урбана историја, запишана однатре.
Википедија како отворен архив
Википедија не е совршена, но е едно од ретките места каде локалното знаење може да добие глобална видливост. Затоа, оваа статија ја гледаме како отворен архив: почеток, а не крај.
Таа може и треба да се надградува, коригира и проширува – но најважно од сè:
конечно, постои.