„Другата“ страна на кејот, збор што во себе носи мистерија, оправдана или не? Додека „оваа“ страна на кејот пулсира од живот – толку пешаци и велосипедисти што човек едвај се разминува, а помеѓу нив фрчат тротинети – „другата“ страна е речиси пуста. Дива. Заборавена.
Веќе ги имав документирано графитите од таа страна карши Градскиот стадион и кон плоштадот, ми остана делот од МНТ кон Ново Лисиче. Завеслав со точакот кон мостот „Филип II Македонски“, размислувајќи за таа невидлива поделба на градот. Не е етничка, не е социјална – барем не официјално. Што е тогаш тоа што ги дели овие две страни на истата река и ги прави страните на кејот толку различни?
(Ќе треба да напишам нешто повеќе за оваа тема еден ден. Можеби есеј? Или серија фотографии кои не се само фотки на графити? Ментална белешка – разговарај со социолог за ова. Или можеби со цртачот Ozbek Ayvaz!? Да, со него треба да се видам утре – ме предизвика да сликам повеќе графити од другата страна на Вардар, коцките можеби се поклопуваат…)
Големи парчиња од Вутар ме пречекуваат на кејот. Се насмевнувам, сеќавајќи се на интервјуто со него пред неколку месеци. Неговите графити стојат како стражари на влезот во оваа урбана галерија.

Го поминувам овој дел и се упатувам кон МКЦ. Под мостот „Мајка Тереза“, една порака ме застанува в место: дрво со натпис „Скопје“ и прашалник. Што ли сакал да каже авторот. Сите ние се прашуваме што правиме тука, каде оди градов и која е нашата несигурна иднина. Датиран 2014 – годината што го смени ликот на нашиот град засекогаш.

До него, прекрасен портрет со потпис „Istanbul“, (автор: Pe-нешто; забелешка: прашај го Хром!) кој е речиси прекриен со вечните скопски „смог-издувни-сипаници“ што го покриваат градот како проклетство.

SPLEEN се појавува следен – еден од оние потписи кои ги среќаваме толку често низ градот што стануваат дел од градскиот пејзаж. Кон МАНУ, странски графитџии оставиле свои траги – IVRES/EKSR, како што ми објасни Хром (во улога на енциклопедија на графити сцената, во една од нашите конверзации во групата Графит.мк).
Потпорниот ѕид пред мене е жива историја – изграден по катастрофалната поплава во ’62-та, со регулација на коритото на Вардар во седумдесеттите. Сега е како отворена книга на урбаната култура, каде што секој графит е по едно поглавје.
Како што се доближувам кон МКЦ, тоа свето место на скопската алтернативна сцена, каде што пораснаа генерации бунтовници и уметници, графитите стануваат погусти, поживи. DEFS и Monkey Fall се преплетуваат со еден фасцинантен графит што ги користи камењата од ѕидот како квадратчиња од тетратка – детска фантазија преточена во урбана уметност.


Suma, AOHZ, па CLC+Kurve од 2017-та. Hermarina од 2019-та изгледа како тетоважа на бетонска кожа. А потоа – зградата на МТВ, тој монументален споменик на архитектурата на едно модерно Скопје од 1980-тите, сега дом на бирократијата што ни ги издава документите за (постојано променливиот) идентитет.


Хром се појавува повторно, овој пат во друштво со Ozbek Ayvaz (да, тој е тој!). До нив, екипата ОКС – легенди на легендите. Romeo Mega зборува нешто за околината во која се наоѓам, додека Рубик, тој неуморен цртач на скопските ѕидови, тука се открива со еден поинаков стил од вообичаениот. Можеби од неговите рани денови? Историјата на графитите е како археологија – колку подлабоко копаш, толку повеќе откриваш.




Графитите бледеат како што продолжувам понатаму. Многу од авторите веќе не живеат тука – некои станаа „вистински“ уметници, други ја пренесоа својата страст во странство. Како Хром. (Подоцна дома, обработувајќи ги фотките, морам да им додавам сатурација, да ја избришам околината во црно-бело, за да дојдат до израз избледеаните графити. Изјадени од забот на времето, тие сведочат на едни изминати генерации. Можеби и ова е метафора за градот? Како постепено ги губиме боите, како сè станува црно-бело…) Дали креативноста на неколку индивидуи може да нè спаси?… како HROM и DART, кои доминираат на овој дел од кејот.








Доаѓам до легендарниот скопски графит кој веќе го имам видено, робот на Goofy кој ме потсети дека е време да заминам дома и да јадам супа!

Но, се лажам, не одам дома (и не јадам супа!). Тука мојата авантура добива малку поинаков пресврт. Една жена ме гледа сомничаво. Мислам дека сака да ме праша што сликам – вообичаено прашање на моите графити авантури. Наместо тоа, добивам непристоен предлог. Брзо се оддалечувам, потсетен дека овој дел од градот има свој мрачен углед. Сред бел ден, пред очите на полицијата!
Малку го забрзувам одот и двајца типови, како ликови од „Алан Форд“ се појавуваат пред мене – еден висок и слаб, другиот низок и широк како трокрилна врата. Не ми обрнуваат внимание, но атмосферата станува густа како чадот што одеднаш се појавува недалеку од мене. Толку густ и висок што помислувам дека повторно гори мостот „Беласица“, но овој пат – само група луѓе што горат нешто.
Стигнувам до зелена, смрдлива бара што се слева од ѕидот на кејот. Заробен помеѓу нелегалното и загадувањето, помеѓу минатото и сегашноста на мојот град. Единственото решение? Слушалките в уши, панк-рок до даска, и продолжувам да фотографирам.






Од другата (сега мојата!) страна на кејот, природата полека го презема просторот, се е зараснато и запуштено. Нема рекреативци, нема велосипедисти – само по некој залутан минувач и кучиња-скитници. (Три каснувања од кучиња дневно во Градот Скопје, ми одекнува статистиката во главата.)





Патот ме води нагоре кон мостот „Беласица“. Иронијата ме удира в лице кога здогледувам нелегална депонија и една разрушена зграда, на која некој (со совршено чувство за моментот) напишал “Side”. А од страна, како стари пријатели што те чекаат на договорено место, ме пречекуваат познатите потписи на Hrom и Pack.



Стојам така, сред депонија, помеѓу распаѓањето и креативноста. А само преку улица, како некаков надреален контраст, се издига модерниот трговски центар East Gate, изграден врз коските на некогашниот Скопски саем. Се присетувам – тука некогаш живееше Саемот на книгата (пред да заврши, буквално!, на улица пред спортскиот центар Борис Трајковски), тука се одржуваа безброј саеми, концерти и настани. The Prodigy свиреа на Т-фестивал во екот на својата слава, а сега… сега купуваме брендирана облека и пиеме скапо кафе – карши депонија! Каде бевме, а каде дојдовме – размислувам, загледан во контрастот помеѓу минатото и сегашноста, помеѓу тоа што можевме да бидеме и она што станавме.
Кај ромската населба, животот пулсира од погрешни причини – деца се капат во загадената река, додека институциите си ги затвораат очите. (Општината, Градот или државата би требало да им изгради неколку социјални зградички таму, да ги вдоми, да им даде шанса за достоинствен живот.)
Возејќи назад, размислувам за она што го видов. За границите на градот – видливи и невидливи. За уметноста што се бори со времето. За луѓето заробени помеѓу надежта и очајот. Утре, овие фотографии ќе бидат споделени, документирани, зачувани. Но вечерва, додека сонцето заоѓа зад сивите згради, се прашувам:
Дали навистина постои „друга“ страна, или сите ние живееме на истата страна на една подзаборавена приказна?
Сите фотографии од оваа локација: тука.