Графити на патот Пинтија-Драчево, за трајноста, привременото, уметноста и политиката

Суштината на графитот е да биде прецртан.


1998 година

Растргнат помеѓу пропаднатата амбиција да изгради иднина во странство и носталгијата кон дома, Берт Стајн се најде повторно талкајќи низ скопските улици. Тазе вратен неуспешен студент од Италија. „Пропуштена можност?… Што понатаму?“ му одѕвонуваше во главата. Свирки на Underdog и фудбалче во Зот. Потоа надвор на пиво пред продавничката карши Ким.

Во 1998 беа популарни филмовите „Седум години на Тибет“ и „Кундун“. Берт понекогаш ги мешаше. Во двата филма се зборува за Тибет, за Далај Лама, политиката, окупацијата и будизмот. Во двата филма е прикажанa песочна мандала. Нејзиното внимателно, трудољубиво создавање и последователното уништување. Мандалата е потсетник за минливата природа на материјалниот живот.

Македонија тогаш веќе беше самостојна и во тек со светските случувања. Не доцнеше во уметноста во однос на светот. Го имаше MTV и МТВ. Ја имаше пиратеријата, касетите и цедињата, Баги-шоп, Поп-Топ, светските филмски хитови на пиратските телевизии. Ги имаше Suns и Boombix, Blody George и Brigade O.D., алтернативната скејт сцена и почетоците на сериозна графити сцена.

Графитите, како мандалата се привремен вид на изразување. Мандалата се уништува веднаш по создавањето, а графитот се препушта на градот и неговите жители. „Старците“ ќе го пребојат со бојата на фасадата, навивачите со пароли како “FA 1997” или „Бастион на зло“, маалските деца со своите потписи, а некој друг графити уметник со други стилизирани букви итн.

Графитот не треба да биде постојан. Не треба да се најде во музеј. Освен ако не е на Банкси… но, зошто воопшто зборуваме за ова? Заради еден ѕид. Не Берлинскиот, туку еден скопски ѕид, кој исто така беше урнат. Не од луѓето и политиката, туку од природните сили, а подоцна искористен за политички препукувања.

2021 година

Македонија ја преживеа (и се покажа како хумана во) војната на Косово, домашните немири, промените на влади, но единствено што остана непроменливо е транзицијата. Со светот ја преживеа и пандемијата, а потоа реши да мисли на иднината.

70 метри долгиот потпорен ѕид во населбата Пинтија, на булеварот Борис Трајковски, беше одреден за „легален ѕид“ за цртање графити. Вкупната должина на ѕидот е двојно поголема.

Слика: извор
Слика: извор

Иницијативата беше од тимот „Скопје 2028“ во соработка со Графити Шоп Хром и подпомогнато од Општина Кисела Вода. Во акцијата учествуваше помладата скопска графити генерација и 3 германски екипи.

Слика: извор

2022

Потпорниот ѕид се урна во мај 2022 година поради невреме. Дел од графитите беа изгубени. Беше обвинуван поранешниот градоначалник, партиите се препукуваа, и повторно гледавме во минатото, наместо кон иднината.

Слика: извор

Во август 2022 година почна да се гради нов ѕид. Моќната механичка рака на багерите ги отстрани остатоците од ѕидот кои мораа да бидат заменети. Графитите конечно сосема ги снема.

Слика: извор

Новиот (бел) ѕид беше завршен во кон крајот на 2022 година.

2023-2024

Што се случи од тогаш со овој ѕид? Никнаа нови графити. Берт Стајн овој пат не беше зад тастатура да ја архивира музичката или филмската сцена во Македонија и пошироко, туку на локацијата на новиот графити ѕид и ја документираше состојбата.

Pack
Zork

Burek

Aris
Snake
Skir / GZM

Графитите кои беа на делот од ѕидот кој не се урна се сепак останати, но веќе затревени и полека бледеат.

Kiks
Стилизирани букви
Katma
Snake
Ares
Zexx

Колку за потсетување, вака изгледаше кога беше „тазе“.

Подолу можете да ги видите графитите кои паднаа со ѕидот. Сликите се од ФБ страницата на град Скопје.

Наместо епилог

Тука завршува нашата приказна. Ѕидот убав пак никна, а на него и нови графити. Овој дел од градот е можеби далечен на алтернативната и урбана младина, па останува да видиме дали и овие графити ќе бидат прецртани и заменети со нови со што ќе ја докажат тезата за минливоста.

Во меѓувреме ги следиме во нашата група Графит.мк чија цел е архива на графити од Македонија и промовирање на графити уметниците, бидејќи графитите се дел од културната мапа на еден град.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *