Графити галерија на ул. Илинденска: место каде минатото и небиднината се преплетуваат

Улица Илинденска, некогаш дел од мојата секојдневна рутина, сега пред мене се открива како богата галерија на сеќавања и уметност. Секој чекор ме носи подлабоко во лавиринтот на минатото – Илинденска бр. 38, домот на алтернативната скопска културна сцена, Културниот Центар Точка, преку фонтаната и градскиот парк до Зоолошката градина – мојот микроуниверзум.

Но денес, мисијата ми е поинаква – да ги документирам графитите кои ги красат зградите на Илинденска. Секој таг, секој мурал е како временска капсула – некои ме враќаат во бунтовните 90-ти, други ме соочуваат со иднината, или небиднината!? Уште еден „клик“ и конечно разбирам – не документирам само графитите, туку и сопствената историја испреплетена со историјата на мојот град. Да започнеме…

Илинденска низ вековите

Чекорејќи по Илинденска, се чувствувам како да патувам низ времето. Оваа улица, некогаш позната како „Краљице Марије” во време на српската власт пред 100 години, сега е сведок на еден век промени. Тогаш била тесна, опкружена со долги дрвореди. Денес, проширена и модернизирана, таа ја раскажува приказната за трансформацијата на Скопје. Додека ги разгледувам графитите, не можам а да не се присетам на сопствената историја поврзана со ова место.

Фото: Група „Стари Скопјани
Културен центар Точка: мојот творечки почеток

Се враќам во 2003 година, кога во Културниот центар Точка на ул. Илинденска, бр. 38, беше промовирана мојата прва книга, збирката раскази „За секого по нешто, за некого ништо“. Тоа беше почеток на нешто ново – и за мене, и за улицата. Културниот центар Точка, отворен само неколку дена пред промоцијата на 29 мај, стана дом на многу културни настани. Мојата книга беше дел од едицијата „Магма“, промовирана на 10 јуни. Тие датуми, иако можеби незначајни за другите, за мене се камен-темелници на мојот творечки пат.

Следната година, кога се вработив таму како графички дизајнер, Илинденска стана дел од мојата секојдневна рутина. Се сеќавам како колегите ме задеваа што доаѓам со кола на работа, со моето црвено Југо 45, иако живеев на половина километар оттаму, во Дебар Маало. Како да им објаснам дека секоја минута помината далеку од мојата новородена ќерка ми се чинеше како вечност? Тоа Југо, колку и да беше непрактично за толку кратко растојание, за мене беше машина на времето која ме носеше побрзо до мојот нов свет на татковството.

Дрворедот на Илинденска беше нешто посебно за мене. Иако тогаш бев урбано дете кое сакаше асфалт и бетон, тие дрвја ми даваа чувство на спокој. Денес, гледајќи како тој дрворед стана жртва на проширувањето на улицата во булевар и на суровата урбанизација, чувствувам болка. Тоа е како да исчезнал дел од мојата младост, дел од мојот идентитет како жител на ова маало.

Графити хроника: Од ПСЖ до ЕШТ

Почнувајќи го моето документирање на графитите за групата „Графит.мк”, веднаш наидов на изненадување – графит на Dope Kukjata. Се насмевнав, зашто веќе некое време се спремам да напишам текст за оваа група музичари во која се преплетуваат имиња како Lux Kmala, Laz Vegjas, Vrganj Pechurkata, Lukas Pomatski, Bassmin и други. Нивните песни се интердисциплинарни, се поигруваат со музиката, текстот, видеото, сето тоа функционира на повеќе нивоа. До Dope Kukjata, графит на Corn – уште едно познато име од скопската графити сцена. Се прашувам колку приказни се кријат зад овие имиња?

Наидувам на голем графит на групата ПСЖ (Престиж) и се сеќавам на разговорите со РАСК за историјата на овие екипи. Ми раскажа како Дарма го напуштил ЕБСФ и со Микс го оформиле ПСЖ. Гледајќи ги графитите на ПСЖ, забележувам дека им недостига техничко познавање во споредба со Дарма. Се прашувам дали гледам развој на нови таленти, млади цртачи кои го учат занаетот? Имиња како Родео и Микс ми се нови во овој контекст, но сепак познати, и се надевам еден ден ќе ја дознаам нивната приказна.

Кога стигнав до кулата на бул. Илинден бр.3, се сретнав со познатите имиња – Раск и SRK. Тоа ме врати назад во времето кога првпат почнав да ја истражувам графити сцената. SRK, поврзан со Драш, еден од пионерите на скопската графити сцена, ме потсетува колку долга и богата е историјата на оваа уметничка форма во нашиот град.

А самурајот на другата страна на кулата? Тој ми се чини како тивок бунтовник меѓу сите овие тагови, симбол на дисциплина и уметност среде хаосот на урбаниот живот.

Триптихот од Вутар, Раск и SRK од 2019 година ме остави без здив. Тоа е како временска капсула на соработка меѓу различни екипи. Гледам како ЕБСФ (Вутар, Раск) и SRK (Драш и други) создаваат заедно, и се прашувам за динамиката на нивната соработка. Куриозитетот Kuchen , кој според Хром е графити-турист од друга земја, ме потсетува колку е интернационална оваа сцена.

Изненадување – ново име на сцената!? На неколку места долж Илинденска се појавува за мене непознат потпис „ЕШТ“, некаде во комбинација со потпис „Лопов“ кој го имам среќавано на други места.

Истражувањето на графити сцената понекогаш ме претвора во своевиден детектив. Додека ги разгледував фотографиите од моето патешествие по Илинденска, случајно забележав нешто интересно – на еден графит од цртачот АРИС (фотографиран од мојот колега графити детектив Go Ce Tunt) се појавува таг „ЕШТ”. Овој мал детаљ одеднаш фрли ново светло на мистеријата околу ЕШТ, давајќи ни нови информации за овој цртач или екипа. Процесот на откривање нови факти во стари фотографии неодоливо ме потсети на култниот филм Blow-Up на Микеланџело Антониони. Како фотографот во филмот кој открива можен злочин анализирајќи ги своите фотографии, и јас се најдов во ситуација каде секој детаљ, секоја линија или буква на графитите може да открие нова приказна.

Додека чекорам по Илинденска, имињата на графитите околу мене звучат како рефрен на една урбана поема: Драш, Вутар, Раск, Руки Чуки, Флим, Хром, ЕБСФ, Арис, Дредпен. Секое од овие имиња носи своја приказна, свој стил, свој печат во историјата на скопската улична уметност. Некои од нив, како Драш и Хром се пионери кои ги поставија темелите на оваа уметност во нашиот град. Други, како Вутар и Раск, ја продолжија традицијата, внесувајќи свежи идеи и енергија. Со тага се сеќавам на оние кои заминале од Скопје, нивните дела сега стојат како спомени на едно друго време.

Кога стигнав до Фонтаната Лотос, изградена во 1971 година, бев преплавен со сеќавања. На клупите околу фонтана поминав добар дел од младоста во втората половина на 1990-тите со металците, алтернативците и големи количини на монашки алкохолни пијалоци. Свирките во „Мусандра“ или журките во „Мјузик гарден“ кои завршуваа со Ratamahatta и шутка; партии мини-голф во „Луна паркот“… Сега, запустени, разрушени места, обраснати со трева и коров.

Дрвените подлоги на клупите околу фонтаната одамна ги нема. Новите, бело офарбани клупи се прекриени со потписи. Доминира Зипер, се појавуваат и тагови како UNC, Syre, Зочк, но има и турбо-фолк натписи на српски јазик како „Na ficcni ne zovi me. Ferari nije lizing, sta ti decko pizdi.” – што и да значи тоа!?! Каков контраст со 1990-тите кога сите (па и кремците) слушаа Нирвана! “Nazi Punks f*ck off”. Не е јасно дали графитот е против панкери или нацисти, или ги поистоветува двете.

Стариот ‘рѓосан трансформатор со графитите на Хром и ЕБСФ стои како последен бастион на една ера. А столбовите со нарачани графити од Дредпен на влезот во градскиот парк ме потсетуваат дека уличната уметност полека станува прифатена и ценета. 4 маестрални цртежи со посвета на градот Скопје. Ми текна дека малку пред тоа, со крајот на окото видов еден трансформатор цртан од Дредпен, во негов стил, а врз него едно купче кабли кои – интересно и смешно ја надополнуваа интервенцијата на Дредпен и му даваат дури и „коса“ на трансформаторот.

Стигнувајќи до Градскиот парк, се сетив на неговата богата историја. Подигнат во 1905 година по налог на скопскиот валија Хафис Мехмед Паша, паркот видел многу промени. Замислувам како изгледал тогаш, уреден во строги геометриски форми. Колку промени има видено оттогаш?

Размислувам за концептот на „бел град” за Скопје по земјотресот и како тоа влијаело на естетиката на просторот околу фонтаната. Можеби е време да се откажеме од тој сон, размислувам, гледајќи го загадениот воздух и сивилото што го заменило белото. Можеби е време да им дадеме шанса на овие клупи и околината на фонтаната да станат уметничко платно за талентирани муралисти?

Раск навистина доминира на оваа делница, а кулминација е едно големо парче од 2018 година со потписи на Ренде, Хром, ЕндФакЈорМамас, Balkan Roud и, се разбира Раск, а карши него потпис “Take Care” врз ѕидот на Сојуз за грижи и воспитување на децата на Град Скопје. Колку згодно!

Графитот е едно стилизирано „Ж“, како графички потпис на групата „Престиж“

Веќе изморен од моето патешествие, или можеби исцрпен од спомените поврзани со фонтаната, тоа што беше, а што станала, сликав само уште неколку интересни графити чии автори не можев да ги идентификувам.

Епилог

Завршувајќи го моето патешествие кај Зоолошката градина, се најдов во мојот личен микрокосмос. Се сетив на деновите кога во Дебар Маало каде што живеев се собиравме со скејтерите Мало и компанија и одевме кај Цека (денешна влада, тогашен Централен комитет). Се насмевнав сеќавајќи се на мојот застарен скејт со флуоресцентни браници, како од филмот „Gleaming the Cube” каде Кристијан Слејтер глумеше скејтер (еј, каква рима!). Во тоа време, ако имаше роднина од Америка да ти донесе прав скејтборд, стануваше скејтер.

Мојот стар Беемикс, со хумористичниот стикер „Лош возач“ на седиштето, повторно оживеа во моите сеќавања. Тој велосипед, донесен од Сараево од татко ми пред да замине засекогаш, беше повеќе од превозно средство – беше врска со минатото. Се сетив на Кечо, мојот другар од основно и член на нашиот краткотраен харкор-панк бенд Social Imbecility, и на лудориите што ги правевме пред Цека – не бев скејтер, но бев проклето добар возач на Беемикс!

Како што го привршував моето патешествие се присетив дека во 1990-тата често ја посетувавме Зоолошката градина и завршувавме во природонаучниот музеј со моите најдобри другари Тимур високиот и Влатко брадестиот. Тогашни 13-годишни момци, бунтовници без причина, но со повод. А тука завршува и нашето патување во светот на графитите на Илинденска.

Гледајќи ги големите мурали на Farid Rueda и нашите локални уметници, сфаќам дека Илинденска не е само улица – тоа е жива историја на Скопје. Секој графит е дел од приказна, секој таг е траг од нечиј живот. Од крајот на улицата до Зоолошката градина, овој простор ги содржи моите тинејџерски години, моите први професионални чекори, моите радости и таги.

И додека ги документирам овие графити, чувствувам дека и самиот станувам дел од таа приказна, спојувајќи го минатото со сегашноста, личното со колективното. Илинденска, со сите нејзини промени и константи, останува неразделен дел од мојот идентитет.


Останатите графити на Илинденска погледнете ги тука.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *