„Графит.мк“, нова група за споделување и архивирање графити во Македонија

Посетете ја групата Графит.мк и споделете фотографии на графити, уште подобро ако сте автор!

Целта на групата е да се направи архива на графити од Македонија, бидејќи графитите се вид ангажирана уметност, сведожба на едно време и на духот на народот.

Групата понатаму ќе се користи за промовирање на графити уметниците. Затоа се препорачува во групата и да се наведуваат имињата на авторите, а може и да се наведе приказната зад конкретниот графит (ако се познати).

Графит од Ново лисиче, како коментар за загадувањето во оваа населба
Локација: Скопје, Ново Лисиче, во близина на детската улица „Тоше Проески“

Графитите се дел од културната мапа на Македонија и Скопје и затоа е значајно нивното архивирање.

Се препорачува во групата да се споделуваат интересни, провокативни, креативни графити, а да се избегнуваат шовинистички, графити на лични имиња, населби и слично.

Правилата за објавување во групата се:

  • Фотографија
  • Текст – тоа што е напишано на графитот, ова е корисно за пребарување понатаму
  • Опис – во случај графитот да не е текстуален
  • Локација – град, населба, објект, улица, во близина на што се наоѓа…

Дополнително, членовите можат да додадат:

  • Име на авторот на графитот
  • Локација од Google Maps

Правилата се исти како и во сите групи, од членовите се бара да бидат културни и да ги почитуваат другите.


Оваа група е дел од нашите напори за архивирање на модерното културно наследство. Спроведовме неколку вакви акции со времепловот низ наградата „Роман на годината“, времепловот низ развојот на астрономијата во Македонија, како и архивирањето на „Контрапункт“ и „Точка“ (значајна културна иницијатива од раните 2000-ти), како и архивата на првиот онлајн конкурс за литература во МК, „Електролит“. Продолжуваме понатаму!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *