На arno.mk редовно го следиме урбаниот пулс на градот преку нашите серии „Графити приказни“, иницијативи како Графит.мк, и времепловот за македонската графити култура од 1995 до 2025 година. Денес ви го претставуваме SRK – Миле Глигоровски, познат и како Миле Ра, еден од најактивните и највпечатливи графити автори во Скопје.

Кој е Миле SRK?
Миле по професија е готвач, но по душа отсекогаш бил уметник. Графитите му се начин на изразување уште од основно училиште, инспириран од урбаните простори на градот и духот на слободата. Уште од доцните 1990-ти е активен на скопската сцена, а од 2000 година е дел од екипата ОКС (OKS) заедно со Драш и Мачка.
Оваа група на уметници се наследници на легендарната екипа Скопските господари на графитот (СГ2), формирана околу 1996 година со членови како ДРАШ (1312), Александар Стојоски – Сликар, и Владимир Јаревски – Дуко. Преименувањето во OKS означува нова етапа во македонската графити култура, со препознатлив стил и став.

Кој е стилот на SRK
SRK црта живописно, со експериментирање во формата, бојата и типографијата. Многу негови дела се создадени импулсивно, на лице место, додека други се резултат на прецизна подготовка и претходни скици.
Иако SRK понекогаш експериментира со различни стилови, неговата уметност најчесто се сведува на потписот — директен, присутен, непретенциозен. Тоа го вбројува меѓу „пуристите“ на уличната сцена, дел од таа стара школа на графити уметници кои не бркаат естетика или уметнички формализам, туку едноставно сакаат да го остават својот траг, својот потпис, како крик – „Бев тука!“.

Каде можете да го „сретнете“ SRK?
Графитите на SRK може да се сретнат на повеќе клучни локации низ градот. Особено е активен во околината на Градски ѕид, кај Зелено пазарче, околу училиштата „Владимир Илич Ленин“, „Димитар Миладинов“, „Песталоци“ и „Златан Сремац“, а има и дела на фасади во Дебар Маало, кај Соборниот храм, зад Дом на градежници, кај Рекорд, околу булеварот Св. Кирил и Методиј, па сè до скриени ѕидови кај железничката станица, под мостот Гоце Делчев, и низ маалата околу Буњаковец. Според него, една од омилените локации му е патот меѓу Ѓорче Петров и Сарај. Тој е еден од ретките цртачи (заедно со Драш и Мачка) чија уметност може да се види и на фасади на нови станбени згради – во Дебар Маало и Капиштец.
📸 Следете го SRK на Instagram: @mile.srk и посетете го овој интересен линк од изложба на Миле пред 10-тина години.

Галерија на графити од SRK
Во нашата архива на grafiti.mk документирани се стотици негови дела заедно со Окс и Драш. Овде ви претставуваме избор од речиси 50 графити на SRK – сведоштво за еден уметник кој постојано го обновува лицето на градот. Фотографиите во оваа галерија се дело на повеќе автори: Alo Bing, Go Ce Tunt, Бранко Прља, Небојша Гелевски, Valdamarr Sveinaldsson, Душица Димитровска и Снежана Василевска — секој од нив со свој агол на поглед, стил и чувствителност кон уличната уметност.









































