Дебар Маало Abyss: металски одек на урбаниот колапс

Во време кога технологијата ги поместува границите на креативноста, ние од арно.мк го искористивме потенцијалот на ChatGPT за да создадеме нешто повеќе од обични илустрации – визуелен бунт против уништувањето на Дебар Маало, скопска населба со богата историја, денес задушена од урбанистички хаос.

Преку преработени фотографии од нашата архива, роден е “Debar Maalo Abyss“, имагинарен металски бенд чии омоти за албуми ја отсликуваат мрачната реалност на распаднати улици, заборавени уметности и изгубени спомени. Ова не е само уметнички експеримент, туку повик да се погледне под површината на она што некогаш било срце на алтернативната култура, а сега тоне во дистопија и колапс.

Дебар Маало, некогаш срцето на алтернативната култура во Скопје, веќе три децении тоне под товарот на непланска урбанизација. Згради никнуваат една до друга, со минимално растојание, канализацијата и сообраќајот се преоптоварени, улиците се пренатрупани со возила, а постојаното раскопување го нарушува секојдневието.

Неколку членови на анти-порталот (бендот?) Арно.мк се поранешни жители на ова маало, и преку “Debar Maalo Abyss” сакавме да го доловиме овој хаос, преточувајќи го во мрачна, металска естетика што одговара на дистопијата во која живееме.

Кино Карпош: руините на минатото

Првата фотографија што ја преработивме со ChatGPT е направена пред урнатините на некогашното кино „Карпош“. Овој амбиент, со својата напуштена, распадната структура, е идеален за омот на металски албум. Со помош на ChatGPT, сликата ја трансформиравме во илустрација со тешки, темни тонови, каде сенките и остатоците од минатото го нагласуваат чувството на загуба.

Нашиот Берт Стајн, кој потекнува од Дебар Маало, веќе има истражувано делови од оваа населба преку своите репортажи за графитите. Во текстот „На маргините на сеќавањето: Дебар Маало во графити“, тој пишува: „Шетајќи низ Дебар Маало, некогашното јадро на алтернативната скопска култура, се обидувам да ги фатам последните траги од едно исчезнато време.“ Графитите, уметноста и урнатините се спојуваат во приказна за генерации жители, уметници и бунтовници што го обликувале идентитетот на маалото. Токму затоа, преработката на оваа фотографија стана наш прв чекор во визуелното патување на “Debar Maalo Abyss”.

Домот на Берт: метал среде стари цртежи

Втората фотографија е направена во домот на Берт. На неа се четворица другари – Владо, Берт, Вла и Тимур – замислени како членови на нашиот металски бенд. Амбиентот е посебен: ѕидовите се украсени со цртежи од бабата на Берт, Нада Корда, една од првите членки на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Школувана сликарка во Белград за време на Втората светска војна, нејзиното творештво е заборавено од денешните критичари, но во овој простор живее како тивка инспирација.

Со ChatGPT, фотографијата ја преработивме во стил што комбинира металска естетика со траги од минатото – цртежите на Нада добија нова димензија, а четворицата другари станаа ликови од мрачен, дистописки свет (забележете го суптилниот и одличен детал во кој маицата со натпис “Good Boys Go To Heaven” со автоматска интервенција на ChatGPT станува “Bad Boys Go To Hell”). Оваа илустрација не е само омот за албум – таа е мост меѓу уметничкото наследство и сегашноста обременета со уништување.

Од Ghibli до дистопија: Нашата реалност

Додека светот е преплавен со цртежи во стил на Studio Ghibli кои романтизираат историски моменти, ние избравме поинаков пат. ChatGPT ни овозможи да создадеме илустрации што ја отсликуваат сивата, „металска“ реалност на Македонија (затруена со тешки метали!). Од урбаниот хаос во Дебар Маало, преку страшната трагедија со пожарот во дискотеката во Кочани каде загинаа 59 деца(!), загадувањето на Крива Река од рудникот Тораница, до поплавите и излевањата на Маркова Река покрај депонијата Дрисла – нашата околина е сурова и мрачна. Преку генерираните слики, сакавме да направиме ремикс на минатото, но овој пат со помалку доза носталгија, а со повеќе предупредување.

Што понатаму?

На нашиот портал имаме објавено повеќе од 100 текстови на тема вештачка интелигенција, јазични модели, генератори на слики, видео и слични алатки. ChatGPT, со своите можности за генерирање илустрации, ни даде алатка да ја преточиме нашата визија во уметност. “Debar Maalo Abyss” не е само измислен бенд – тој е симбол на отпор против уништувањето на нашите простори и спомени. Преку овие слики, ја документираме реалноста на Дебар Маало и пошироко, создавајќи металски одек што одѕвонува низ времето. Ова е само почеток – технологијата и уметноста можат да бидат сојузници во раскажувањето на приказни што не смеат да бидат заборавени.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *