Најновото дополнување во нашата серија јазични апликации е тука! „Брз правопис“ е интерактивна онлајн игра осмислена за сите љубопитни умови кои сакаат да го зајакнат своето познавање на македонскиот јазик – брзо, забавно и јазично точно.

Што е „Брз правопис“?
Во оваа игра имате кратко време да го напишете точно зададениот збор или фраза. Звучи едноставно? Не баш! Зборовите се внимателно одбрани – некои се чести, некои се креативни, а некои се оние што често ги грешиме при пишување.
Избрани се со консултирање на повеќе извори како makedonskijazik.mk, толковен речник, како и различни текстови објавени во македонските медиуми на тема „Најчестите правописни грешки“. Вистинско освежување и извор на многу зборови за нас беше и одличниот Инстаграм профил Лекторката.

Некои од зборовите што почесто се грешат при пишување се: „сфаќа“, „евтин“, „лепче“, „детски“ итн. Бидејќи идејата ни беше преку ограничено време не само да се вежба точното пишување, туку и играта да го ангажира играчот, не оставивме простор за дополнителни објаснувања за правилната и неправилната форма. Не се вклучени некои од зборовите кои често се грешат, како „сè уште“ или „нејзе ѝ“, поради употребата на посебни знаци што се тешко достапни на телефон или тастатура.
Користевме фрази кои сами по себе го сугерираат значењето и точната употреба на зборот. Ако ве интересираат конкретните грешки и објаснувања, ве охрабруваме да ги посетите посочените извори погоре.
Преку вежбање со реални примери и кратки, логични фрази ја тренирате својата брзина, точност и истовремено го вежбате правописот.
Зошто ја направивме оваа алатка?
„Брз правопис“ е дел од нашата поширока мисија на Арно.мк – да го зачуваме, негуваме и унапредиме македонскиот јазик со помош на современи технологии. Веруваме дека со играње, вежбање и малку натпреварувачки дух, може да се поттикне љубовта кон јазикот и писменоста.
Продолжуваме со новини
Оваа нова алатка се придружува на нашата постоечка колекција јазични апликации како што се:
- Панграм проверувач – создади реченица со сите букви од азбуката
- Хаику генератор и проверувач – инспирација за поетите
- Генератор на поговорки, анаграми и палиндроми – игри со зборови, рими и мудрости
- Збороколаж, Букволовка, Азбучен расказ … – за љубителите на креативниот израз
Сите алатки се бесплатни, достапни на арно.мк и постојано ги надградуваме со нови идеи инспирирани од вас – нашите корисници и сојузници во јазичното патешествие.