Дарко Петровски
Секоја фотографија за него е обид
да се сфати Убавината. И природата и човекот се убави сами по себе.
Уметноста и умешноста на фотографот е да го најде магичниот баланс
помеѓу невидливиот сплет на чувства, емоции, искуства, идеи, и
видливиот свет на секојдневието, човекот, природата. Тогаш тој
чкрапнува. Фотографијата настанува оној момент кога ќе се поклопат
визијата во внатрешното око и реалноста на надворешниот кадар. Но,
тука не завршува: таа созрева во уметничката лабараторија преку еден
процес на постојано самоистражување, самоиспитување и самооткривање на
фотографот. За него фотографијата е концепциски спој на композиција и
нарација.
Љупчо Ристовски
Фотографијата за него не е
професионална преокупација туку душевна храна и средство за
комуникација со светот. Самиот вели дека преку фотографијата успева да
го каже тоа што не успева преку зборовите. Пристапот кон фотографијата
му е крајно интимен и постои како одраз на него самиот. Фотографијата
за него не е само спомен на место и случка туку уште повеќе преставува
спомен на чувства и ментални состојби. Токму заради интимниот пристап
кон фотографијата, технички го избира традиционалниот лабораториски
црно-бел процес како изразно средство, кој му овозможува да го изрази
она замисленото. На тој начин создавањето на секоја фотографија е цел
процес кој трае долго и резултира со уникатни копии при што секоја
една од нив е различна од другите и во секоја има дел од енергијата
која тој ја чувствува и сака да ја пренесе на публиката.