|
Како и во изминатите 3 години
тимот на Културниот центар Точка, кој го сочинуваат здружението на
граѓани Контрапункт и издавачката куќа Темплум, организира
предновогодишна недела.
На 26. 12
(понеделник) во 20.30 часот
ќе се отвори провокативната изложба на Александaр
Станковски насловена “Сновиденијата на Пандалф Вулкански” која е
дел од проектот Слевање на маргините. “Важно е да се истакне (и
токму затоа можеби ова е една од неговите најзначајни изложби!) дека
во конкретните 19 масла фино избалансирани се наоѓаат четирите
“опсесивни” теми на неговото творештво (самото сликарство, политиката,
сексуалноста, пријателствата) низ кои се движи толку супериорно. Како
гледачот во еден шарен лунапарковски воз да патува низ малку
деформираниот, едновремено убав и град, страшен и разнежувачки, предел
на историјата на уметноста, гледајќи пред себе класични актови и
композиции, гестови импресионистички, експресионистички,
поинтилистички..., надреализам, дадаизам, поп арт, па дури и малку
флуксус-објекти врз сликите... (од текстот на Никола Гелевски)
повеќе од текстот

погледнете неколку слики од Ацо Станковски

На 27. 12 (вторник) со почеток во 12 часот
на пладне ќе се отври саемот на книги и ракотворби кој ќе трае до
петок до 20.30 часот.
Истиот ден, во 20.30 часот
започнува по трет пат Вечерта на слем поезијата. Фокусот не е
само на она што поетите го велат, туку и начинот на којшто го
кажуваат. Тоа е настан на кои поетите ги изведуваат своите дела и за
тоа добиваат оценки од страна на публиката. Секој оној што се смета
себеси за поет, очекуваме да учествува на оваа забавна вечер. Може да
се чита најразлична поезија, од љубовна, до социјална, до жанровска,
до разни политички или секакви други коментари. Мото на слем
поезијата? “Поентата не е во поените, поентата е во поезијата”.
На 28. 12. (среда) со почеток во 20.30
ќе го одбележиме излегувањето на 40-тото издание на едицијата Магма и
тоа на еден нетипичен начин, преку Вечерта за читателски мислења и
книжевна дружба во рамки на која читателите ќе можат да ги искажат
своите забелешки, предлози, сугестии, критики и коментари на кое било
од изданијата објавени во “Магма” како и на самата едиција. Идејата на
ова културното дружење е уредувачката политика на “Темплум” и
едицијата “Магма” да се подложат на директна евалуација од оние на
коишто им е наменета, читателите. Со тоа Темплум сака да воспостави
модел на отвореност и јавност во своето работење. Настанот ќе се
надоврзе на серијата необични книжевни настани во Точка како поетскиот
слем, натпреварот на промотори на книги и сл.
Сценариото на вечерта предвидува,
читателите на “Магма” да ги упатуваат своите мислења, критики,
сугестии, прашања кон уредувачкиот тим на Магма, и по потреба да
добиваат одговори или контра-аргументи. Читателите можат да ги
коментираат сите сегменти на едицијата или поединечните книги,
дизајнот на книгите, форматот, преводите, самите уметнички дела,
уредувачката политика во целост итн. Читателите кои ќе сакаат да
учествуваат во настанот како влезница ќе треба да донесат една од
книгите од едицијата “Магма”. За возврат Темплум ќе ги награди со
богата “Томбола” на книги од едицијата.
Со посебно инсистирање ве покануваме да ги посетите
овие настани, да се дружиме и да ги разменуваме приказните, бидејќи
ова може да биде еден од последните предновогодишни прослави во
просториите на Културниот центар Точка, затоа што од 30 Јуни 2006
понатамошното опстојување на центарот е неизвесно по завршувањето на
тековниот проект Слевање на маргините.
|
|