Точка

 Што е точка | Архива на настани | Графички материјали |

 

 

 

Куфер со девет раскази



Во својата студија “Хајдегер, Кундера и Дикенс” американскиот мислител Ричард Рорти низ неколку контрастивни одлики, а врз примерот на еден философ и двајца прозаисти, говори за една од основните разлики меѓу философијата и литературата. Земајќи го Хајдегер како круна на западната философска мисла на дваесеттиот век, тој го сумира неговото видување на современата европска цивилизација: технолошкиот напредок довел до заборав на Битието, а крајниот исход на таквиот (само)заборав е тоа што таквата цивилизација ги “потрошила своите можности”. Наспроти ваквиот есенцијалистички приод, кој се обидува да даде една единствена и конечна вистина, Рорти прозата ја гледа како “демократска утопија”, затоа што нејзина цел би требало да биде претставување не на вистината туку на плуралитетот на вистини. Затоа, вели Рорти, ако исчезне западната цивилизација, и ако нешто треба да остане од неа за другите цивилизации во форма на пишан збор – тој би бил посреќен ако тоа е литературата, со својата отвореност кон, како што би се изразил Милан Кундера, “истражувањето на можностите на човековата егзистенција.”

Деветте раскази од збирката Големиот куфер на Иван Додовски се токму тоа – истражување на човечката егзистенција во едно преломно време на еден конкретен простор. При таквото истражување на постоењето овде-и-сега во расказите од оваа книга, низ призмата на сегашниот миг се прекршуваат и минатите времиња, па така често ова време на транзиција е точка во која се сечат линиите на надежите на револуцијата, разочарувањата на четириесет и осмата, живеењето и преживувањето во периодот на социјализмот. Во расказите на Додовски дефилира галерија ликови кои авторот ги портретира гротескно и хиперболично, онеобичувајќи ги така нивните судбини и не дозволувајќи им да изгледаат банално какви што вообичаено се во стварноста.

Вака одбраните ликови секогаш се во сооднос со моќта (сфатена на начин на кој за неа пишува Мишел Фуко), и тие дејствуваат во согласност со неа, или ù се опираат. Но, дури и кога се спротивставуваат на манифестациите на моќта, ликовите од расказите на Додовски се однесуваат по правилата кои таа ги пропишува, станувајќи дел од нејзината машинерија. Или, како што вели Фуко во “Дисциплина и казнување”, ние, по наша волја или против неа, моќта продолжуваме “сами да ја пренесуваме, бидејќи сме еден од нејзините запчаници”. Па така ликовите кои некогаш биле казнети сега се во потрага по одмазда а не по правда, а иронијата на судбината ги присилува дури и при чинот на одмаздувањето да се чувствуваат како одново да се казнувани: кога Ангелко врши нужда на гробот на човекот кој некогаш го пратил на робија во четириесет и осмата, и е виновен за смртта на неговата сопруга, со тоа не го опоганува постоењето на Темелко Давески на оној свет, туку своето постоење на овој: “Најсетне, бегам од смрдеата. Ама и во градот ми смрди, светов ми смрди, душичкава златна моја ми смрди и место не ме фаќа”.

Длабокото човечко разбирање на авторот кон раскажаните судбини е затскриено зад визурата на гротескното и сатиричното низ која нараторите ги согледуваат животните приказни за кои говорат. Единствено нараторката на “Средување на куќата” се издвојува од останатите ликови-наратори. Овде е лесно воочлива наклоноста на авторот кон ликот. Тоа е однос кој наликува на оној што го има Милан Кундера кон Тамина од својот роман “Книга на смеата и заборавот” – додека кон сите останати ликови видлива е неговата критичност, честопати проткаена со иронија, нараторот, обраќајќи се кон читателите, кажува дека ја сака Тамина. Причина за отсуството на сатиричното, ироничното и гротескното во портретирањето на ликот од “Средување на куќата” произлегува од животната приказна која ја оформува – тоа е лик без потреба да ја стекне моќта или пак да ù се спротивстави, белег на нејзиното постоење е тивката осама и неможноста да има деца. Нејзиното дефинирање на балканските мажи (“навикнати на доминација, потиснати од промените и беспарицата, нервозни што џебот им е поплиток од машкото его”) не е забелешка, туку констатација полна со разбирање, а нејзините чинови прикажани во расказот не се насочени кон влијание врз судбината на другите ликови, па дури ни кон менување на сопствената судбина, туку се чинови на секојдневието, преку кои авторот говори за некои метафизички вистини.

Во сликањето на периодот на транзицијата претставени се одредени феномени кои се одлики на времето, како на пример политичкиот пресврт и лесното минување на луѓето од едната на другата страна. Еден од ликовите вели: “Јас не паднав заедно со ‘ЦК’. (...) (Т)а секогаш е исто, само треба лукавства, дозирани превртливости и подличења, лигавости и итричења на вистинско место и во вистинско време. Таа моја најслатка уметност е постара од сите системи. Јас навреме станав бранител на демократскиот систем, проповедник на свртувањето кон Запад (...).” Токму свртувањето од Исток кон Запад е една од темите во расказите. Некогаш тоа е претставено конкретно – преку литературниот критичар, универзитетски професор и академик, кој своевремено патувал по Источна Европа, а сега вредноста на севкупното сопствено постоење ја мери единствено преку тоа дали е влезен во базата на податоци на компјутерскиот систем на Конгресната библиотека во Вашингтон, другпат алегорично – за потребите на професорот од Правниот факултет, “нашиот” јазовец го дерат и од неговата кожа прават капа не ќуркчиите и кожарите од чаршијата, туку во странската фирма Елите, сместена во близина на Парламентот.

Во творечкото реконструирање на стварноста, градејќи дистанца кон неа и преобликувајќи ја во уметничка вистина, Додовски се служи со постапката на онеобичување, која во овие раскази се реализира на повеќе рамништа. Во таквиот процес на онеобичување своја функција имаат и наративните постапки кои Додовски ги користи во своите раскази. Во некои од нив како наратор се јавува предмет или дел од телото. Така, на пример, во “Уметник на револуцијата” тое е четката со која сликал Марче Ѕвездановски, а во “Јазовци на правниот факултет” тоа е ќелата на професорот. Но, ваквата постапка не би можела да се толкува само како задоволување на потребата од необичност и предизвикување ефект кај читателите, туку е од суштинско значење за приказната: ќелата е најдобро запозната со случувањата околу јазовецот, а е и лично засегната со она што ќе се случи по изработувањето на капата; четката-наратор, пак, и самата говори за својата функција во животот на сликарот: “Јас, кутрата, најдобро ја знам неговата историја. Од првиот миг кога ме подзеде меѓу прстите, до мојот последен лет над неговата глава, јас му бев придружничка, верна, клета и нема.” Во два расказа се јавуваат наратори кои не се меѓу живите, но изненадувањето за читателите доаѓа во различно време: во “Сарми” уште од самиот почеток нараторот ја тематизира својата смрт, а за тоа дека е мртов нараторот на “Големиот куфер” дознаваме од последната реченица на расказот.

Така, со онеобичувачките постапки, одредени појави и релации се прикажуваат како деформирани во смисла на изместени од нивниот деформитет, со цел тој да се прикаже во неговата автентична димензија. Во овој контекст би можеле да ги употребиме зборовите кои во студијата за Франц Кафка ги има запишано Гинтер Андерс: “Светот на Кафка изгледа поместен. Но Кафка го поместува привидно нормалниот изглед на нашиот луд свет за да ни покаже дека е луд. Но, тој со овој луд изглед постапува воедно како со нешто потполно нормално и со тоа го опишува токму тој луд факт дека лудиот свет е сметан за нормален.”

Постои еден специфичен став кој го заземаат нараторите од расказите на Додовски, а тоа е изразување на свесноста за чинот на раскажувањето. Во “Уметник на револуцијата”, четката-наратор вели: “Но, тоа треба поинаку да го раскажам, без сентименталности”. Четката-наратор веќе е соочена со реакциите на сопственото раскажување: “На крајот, утеха ми стана само раскажувањето, во кое, сепак, никој не сака да поверува”. Оттаму и недовербата во вредноста на она што го раскажува: “Јас гледав, слушав. Сето тоа сега може да се раскаже само бледо, како неповрзана, парчосана историја”. Токму таквата парчосаност, токму таквата фрагментарност е една од најбележитите карактеристики на краткиот расказ, форма која честопати има цел преку синегдохичноста и елиптичноста да даде слика во мало не само за еден живот, туку, преку него, и за еден свет. Понекогаш чувството кое го има ликот-наратор дека преку дејствието што го раскажува се доближува до сферата на литерарното, кај него раѓа чувство дека не се припаѓа на светот на посакуваната реалност. Таков пример имаме во расказот “Часови по германски јазик”, кој нараторот го завршува на следниот начин: “ја завршувам кариерата со ситничави трошки од нечиј живот, небаре сум писател, а не инспектор!?”

Во сферата на метафикциското спаѓа и еден особен однос кој дел од нараторите во расказите на Додовски го имаат кон имплицитниот читател, што не е само обраќање, ниту само давање на специфика на говорот на нараторот, туку претставува и компонента во психолошкото нијансирање на ликот-наратор. Така, на пример, академикот Боше Стопарев на имплицитните читатели им се обраќа со “бедни мои”, зборови со кои се потенцира неговата мизантропска природа и вечниот презир кој го чувствува кон човечкиот род, додека пак нараторот од “Сарми” со повторувањето на “ме разбираш”, го акцентира сопственото чувство на неразбраност.

Прозата на Додовски е обликувана со вешто користење на јазикот, со богатство на лексиката и со виртуозна употреба на паратаксата. Дел од ликовите во неговите раскази се скицирани уште со самото нивно именување: презимето на уметникот на револуцијата е Ѕвездановски, презимето на професорот на Правниот факултет кој конечно ќе си ја покрие ќелавата глава со капата направена од крзното на јазовецот што ќе го најде на фотелјата во кабинетот е Гологлавов, едно од презимињата на поетесата која ќе предизвика пожар занесена во својот сон е Огненова.

Новата книга на писателот Иван Додовски Големиот куфер се надоврзува на главните тематски и вредносни особености на неговите досегашни творечки преокупации, во кои на впечатлив уметнички начин се разоткриваат егзистенцијалните прашања и дилеми на современиот човек. Расказите од оваа книга се на естетско рамниште со кое тие со самото појавување заземаат важно место во новите текови на македонската проза.

Гоце Смилевски


« назад

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |