Иван Додовски е роден на 17 април 1974 година во Битола. Основно
образование завршил во Битола. Матурира во САД. Дипломира на
Филолошкиот факултет во Скопје, на групата општа и компаративна
книжевност со американски студии. На истиот факултет магистрира на
тема од областа на наратологијата.
Објавил три поетски книги: Седенка со ликот (изд. Клуб на писатели –
Битола, 1991), Луда луна (изд. Зумпрес, 1995) и Света лудост
(изд.
Култура, 1999). Стихови од неговите книги се преведени и објавени на
англиски, хрватски, албански, бугарски и романски јазик. Застапен е во
три антологии на современа македонска поезија. Добитник е на „прва
награда за поезија” на Интернационалниот фестивал на млади европски
писатели „Понтес”, одржан во Крк, Хрватска, во 1999 година. Автор е на
теориската студија Наративни стратегии во психолошкиот роман (изд.
Култура, 2004). Приредувач е на изборот кратки раскази од млади
македонски раскажувачи Некои мали работи (изд. Студентски збор, 1996).
Го составил и уредил зборникот со експертски трудови
Мултикултурализмот во Македонија: модел во настанување (изд. ФИООМ,
2005).
Редовен член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2002
година. Објавува книжевни трудови и есеи, како и театарски критики во
неколку списанија и весници во Македонија и странство. Докторант е на
Универзитетот во Нотингем, Велика Британија, каде што живее од
септември 2005 година.
Големиот куфер (изд. Темплум, 2005) е прва негова прозна книга.
|