од рецензијата на Никола Гелевски
ГРАНИЦАТА НА МОЈАТА ТЕРИТОРИЈА Е ГРАНИЦАТА НА МОЈОТ ЈАЗИК
Она што ми се допаѓа во проектите на Игор Тошевски е спојот меѓу
едноставноста на неговиот уметнички јазик со мошне комплексните
асоцијативни значења кои произлегуваат од практикувањето на тој
наизглед чист, јасен и разбирлив креативен ракопис. Впрочем,
"уметноста секогаш морала да го знае она што никаде не може да се
научи", и затоа нејзината структурна поставеност во општественото
поле е таква: неуловлива, неодредена, флуидна и подвижна токму како
една краткотрајна слободна територија (во која зацапувате, понекогаш
и без да знаете) исцртана со жолта боја, по скопските или некои
други улици и плочници (па и ливади).
Во овој текст, значи, на виделина, набодени на моите импровизирани
сонди со кои брцам по вулканите, ќе изложам парчиња од она што го
избуричкав (или од она што беше пробуричкано во мене) претајќи со
вилувчињата-сонди (зборови-куки) по "Слободните територии",
најновиот проект на Игор Тошевски.
Текстов, исто така, и по обичај, го прогласувам за слободна
територија, и за да ја избегнам "илустративноста" а и за да повлечам
огради, следејќи ја својата потреба да создавам слободни територии
внатре во слободните територии.
Моите први асоцијации, значи, поврзани со "Слободните територии"
водеа кон нашите херојски предци, партизаните и комитите кои
создаваа мали слободни простори среде окупираниот предел.
Всушност лажам: прво ми паднаа на ум, очекувано (со оглед на мојата
интелектуална пренапрегнатост), Витгенштајн (Ludwig
Wittgenstein)
и Хаким Беј (Hakim
Bey)
со неговиот концепт ТАЗ (Темпорарна автономна зона). Беј, додуша,
повеќе зборува за привремените автономни зони на информацијата, но
инсистира на неочекуваните спојувања ("тао надреализам - велосипед
направен од срца и молњи") што се претвораат во поетика или во
изнаоѓање нови начини на знаење или дејствување.
А сепак, патот на асоцијациите ме нанесе на сосема трето место
(затоа и зборувам за парчиња, испресечени низи и буричкања), и сега
молам внимание и разбирање за конечно да ја изложам средишната
намера:
Со проектот "Слободни територии" Игор Тошевски (на едно од илјадата
платоа, повторувам, што го избравме како нагледно) се зафаќа со
можеби највжештеното прашање на Балканот, и во моментов а и низ
историјата: прашањето на исцртувањето граници, т.е. одбележувањето
на (мојата) територија. Се разбира, ова прашање не е специјалитет на
регионов (кој ионака од многумина е прогласен за граница меѓу
Истокот и Западот), но загрижува неговата актуелност на просториве,
наспроти европските тенденции кон (внатрешно) релативизирање на
границите.
Иако свесен за трагичните опасности од поигрувањето со границите,
Тошевски на проблемот му приоаѓа од една лудичка страна, од страната
на креативната игра; но, играта не ја намалува комплексноста и
правилата не ги редуцираат значењата; напротив: проектот "Слободни
територии" отвора нови непрегледни територии за толкување и
посматрање.
Низ снажно нагласениот аспект на хумор, значи, и многу вешто и
упатено користејќи го јазикот на концептуалната (или акционата)
уметност, Тошевски проговорува - со јазикот на играта, кој секогаш
всушност ја претставува границата на самиот јазик, секогаш е малку
"мета" и многу автореференцијален - за нашата локална опседнатост со
прашањата на териториите и границите, но проговорува и за европските
постојани поместувања на границите и териториите, за целиот светски
(постколонијален)геополитички хаос, во моментов, всушност
проговорува Тошевски, сè
играјќи си некаква своја верзија на плочка по градските улици по кои
ака со својот фотоапарат, едновремено создавајќи го сопствениот
проект и архивирајќи го.
На некој начин - ако проектов сакаме да го читаме и политички - се
чини дека Тошевски им се потсмева на новите балкански картографи
опседнати со границите на крвта и тлото. Но и повеќе од тоа: се
добива впечаток дека уметникот нè
повикува токму да повлечеме црта, да отвориме еден макар комичен
фронт во сопствените животи и на сопствените улици. (Италијанскиот
збор за граница, фронтиера, како и шпанскиот фронтера, францускиот
фронтиере, англискиот фронтиер - сите тие зборови во себе ја содржат
именката "фронт".) Линијата што владетелот ја зацртува со лењир
(регула, на латински) не ја одредува само просторната територија
туку таа претставува и регула,т.е. правило до кое треба да се држиме
за да останеме исправни.
Исправноста (естетска, морална, политичка) овој пат ни е сугерирана
од страната на играта, на уметноста, која на еден чуден начин, и
кога била најкомична - а можеби особено тогаш! - имала снажен
политички набој и снажен субверзивен потенцијал.
Значи, да завршиме, покрај препознатливиот и суптилен уметнички
ракопис, Тошевски со овој проект покажува и мошне истенчена
политичка свест, која можеби просто е проникната, како магма, во
значенските вулкански бездни на секоја поголема и подлабока
уметничка практика. Со обидот да придонесе кон едно поинакво
картографирање на просторот што го опкружува, всушност кон неговото
преосмислување, Тошевски мошне прецизно се мапира и себеси, го
исцртува сопственото дело на таа голема (постколонијална,
борхесовска, секому дадена за да се впише во неа) карта за која
просто програмски пишува и Клифорд Герц:
"Она што го гледаме не е само ново зацртување на културната карта -
поместување на некои спорни граници, обележување на некои сликовити
планински езера - туку измена на самиот процес на картографирање.
Нешто се случува со начинот со кој мислиме за начинот на којшто
мислиме."
|