Точка

 Што е точка | Архива на настани | Графички материјали |

 



Игор Тошевски со неговиот најнов проект Територии во Културниот центар Точка

 

На 02.06.2004 (среда) во Културниот центар Точка со почеток во 20 часот ќе се отвори изложбата на фотографии на еден од нашите најзначајни уметници Игор Тошевски што е последна фаза на неговиот најнов проект Територии. Станува збор за социјално концептуален проект кој се одвиваше низ различни простори во повеќе градови низ Македонија, почнувајќи од Скопје на 29. 03. 2004, до 30. 05. 2004 (во Штип, Тетово, Прилеп, Гостивар). Уметникот ги исцртуваше, на отворен простор, своите креативни зони во коишто секој поединец, кој случајно или намерно ќе се затекне во рамките на "обележаните територии" станува дел од приказната на уметникот и се здобива со статус што уметникот ќе го дефинира.


КОНЦЕПТОТ НА СЛОБОДНИ ТЕРИТОРИИ
Слободните Територии се замислени како пунктови за спонтан перформативен израз. Тоа се всушност темплуми или стапици во чии рамки секој чин, гест или акција/ (не)акција, сенка и сл. стануваат чист концептуален уметнички чин кој одекнува во космосот како хаику Шепот. Се основаат врз договор меѓу минувачот и мене.
 

          


Како локации погодни за формирање на Слободна Територија ги видов деловите од јавниот простор кои имаат неодредена положба во однос на нивната примена, можат да се определат како “ничија територија” или еден вид на неутрални зони. Териториите настануваат последователно. Испишани со жолта боја, нивниот број расте од ден на ден. Некои се обновени, некои умираат тивко под чекорите на толпата или дождот. Ниедна не е трајна. Тие се насекаде околу нас во градскиот предел исто времено обидувајќи се да го надополнат постоечкиот простор или да создадат сосем нова складност во истиот.

Сите затекнати предмети или изведени движења во Територијата стануваат уметнички објект, реадѕ-маде или социјална скулпура. Со тоа, секој минувач е потенцијален перформанс уметник, поет на гестот, креативен активист. Да престојуваш во Територијата значи да твориШ. За ова не е потребна академска наобразба или посебна технологија.
 

              


Слободните Територии се џебови на креативна слобода каде индивидуалниот избор е над преовладувачката опседнатост со вулгарните аспекти на политикантството. Создадени како попатни станици на патот кон единственото Уметничко битисување, тие се енклави на социјална експресија. Во Слободната Територија не постојат ограничувања или забрани.

Слободната Територија е можност на секој поединец за креативното дејствување. Таа е вон институцијата на мемливите музеи, вон блазираните критериуми на државните галерии и, конечно, вон бунилото на провинцијалната политиката.

Ветерот се поигрува со листот. Листот прелетува низ зоната. Листот станува спектакуларен уметнички феномен - макар за миг.
Чекорот преку Територијата станува најсуптилен поетски гест. Во границите на жолтата линија, изговорениот збор, шепот, па дури и мисла, станува автономен концептуален чин рамен на скокот во празно на Ив Клајн.


Пронајди ја својата Слободната Територија!

од рецензијата на Никола Гелевски
 

 

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |