|
МАРГИНА - ЕЛЕМЕНТИ НА
САМОСВЕСТ 1 и 2
Продолжуваме со мала ретроспектива на
текстови објавени низ Маргина во оваа рубрика но и низ
другите делови на списанието. Овие текстови се своевидни идеолошки и
теориски ставови што кореспондираат со основните начела на
Маргина. Исто така, од петнаесетина луѓе, кои главно ја следат
Маргина од првиот број, побаравме мало мислење за Маргина,
по повод десетгодишнината од излегувањето. Добивме десетина
одговори, кои ги распославме низ следните страници.
"Во прв ред, наше мислење е дека разликата, асиметријата и
конфликтот се конститутивни одлики на нашиот свет. Како што расправа
Шантал Муф, идеалот за супстантивен општ интерес, за
консензус и единство, е илузија. Мораме да признаеме дека
антагонизмот игра конститутивна улога во општествениот живот и
мораме да објавиме дека "здравиот демократски процес бара вибрирачки
судир на политички позиции и отворен конфликт на интереси". Значи,
наша цел е да ја шириме политичката рамка која ќе треба да ги
прифати разликата и антагонизмот токму за да го издржи она што
Муф го нарекува "агонистички плурализам". (Маргина,
62)
"Маргина е прозорец на кој се
налактуваме и гледаме таму некаде. Маргина постои во нашата
култура потивко од тишината над гробовите. Тоа е единствен часопис
од областа на културата и филозофијата вреден да се спомене во
нашата понова историја. Не прави компромиси со својот избор и
погледи, нив ги негува и развива. Развива еден фин, културен, кул
однос и промоција на ликовноста и дизајнот од наши автори".(Љубомир
Д. Фрчкоски)
ИГОР ТОШЕВСКИ - КЛУЧНИТЕ ЗБОРОВИ НА МАРГИНА
(трансфери и типографија)
Познатиот македонски уметник Игор Тошевски, како своевидно
продолжение на неговата последна изложба "Трансфери" одржана во
културниот центар "Точка", прави графичко-визуелни "вињети" кои се
однесуваат на зборовите што се стожерни за списанието: сурфање по
рабови, набори, самосфест, разлика, децентрализација, центар,
маргина, интеграција. Неговите графички светови се подвижни,
интерферирачки и автореференцијални. Неговите Трансфери се
сложени метафори чијашто сличност не е заснована врз една единствена
точка или врз површни аналогии туку врз деликатно истражување на
самиот ликовен медиум. Всушност, се чини дека неговите Трансфери
- кои можат да бидат сфатени баш како графички метафори - создаваат
своевидна резонанција, тенденција на ширење на значењата и
привлекување на други полиња на значења.
ТОМАС ПИНЧОН
Како важна симболичка спојница меѓу првата Маргина и
сегашната Маргина, освен "идеологот" Дерида, го избравме и
Томас Пинчон, со кого всушност започна првиот број на ова списание.
Расказот Смрт и милост во Виена е вториот расказ што се
објавува во нашето списание. Во првиот број беше објавен неговиот
расказ Малиот дожд. Во 1994 година нашата издавачка куќа
Темплум објави избор од досега
единствената книга раскази на Пинчон. Со овие два раскази и со
книгата практично на македонски се преведени сите објавени раскази
на Пинчон.
Томас Пинчон (1937) е еден од најважните и истовремено највлијателни
писатели во Америка од втората половина на 20 век. Иако неговите
романи најчесто се квалификуваат како тешки за читање, тој ќе остане
забележан како еден од авторите кој во последните четириесеттина
години даде значителен поттик за многу нови книжевни експерименти -
од постмодернизмот, хиперлитература, па до киберпанкот
ИМАНУЕЛ ВОЛЕРСТИН - НОВА ЛЕВИЦА ЗА 21
ВЕК?
Имануел Волерстин (1930) е еден од најголемите американски
социолози, основач на светско-системската анализа. Тој е еден од
најпровокативните историчари на капитализмот. Текстовите кои што ги
објавуваме во овој број на Маргина се продолжение на неговите
поранешни трудови. Во време кога на светската политичка сцена владее
една единствена идеолошка опција, тој се обидува да размислува, да
даде визија, но и да ги посочи контурите на она што би требало да
следи по заминувањето на капитализмот од светската цивилизациска
сцена. Неговите согледби доаѓаат во вистински момент и претставуваат
најзначајни критички и алтернативни интерпретации на нашето време.
"По 500-годишно постоење, светскиот капиталистички систем за првпат
е во вистинска системска криза. Во следниот половина век ќе се
создаде нов вид историски систем. Ширум светот веќе е започната
борбата за тоа како тој ќе изгледа".
АЛЕКСАНДАР СТАНКОВСКИ -
НЕИДЕНТИФИКУВАНО
(стрип)
Редовниот "соработник" на Маргина, помеѓу сè друго, стрип цртачот,
Александар Станковски ни ги даде своите најнови стрип табли
"Неидентификувано" кои се продолжение на неговата досегашна
андерграунд поетика, зацртана во стрипот "Малцинства на реалноста"
што во продолженија излегуваа сите овие последни неколку години на
Маргина.
ДРОГИ И ТЕХНОЛОГИЈА
По трет пат му се навраќаме на прашањето на
дрогите, овојпат обидувајќи се да го согледаме од аспектот на
технологијата. Овој однос станува особено значаен во последните 20
години со бумот на синтетичките дроги, но и со развојот на
сајберпанкот, сајберфеминизмот и останатите гранки на
сајберлитературата. Претставуваме три текста од како и портретот што
Сајмон Рејнолдс го прави за Седи Плент, која станува најзнажаен
теоретижар во однос на ова прашање.
Седи Плент е една од најконтроверзните личности на британската
академска сцена. Родена е во Бирмингем, Велика Британија, во 1964.
Факултетот по философија на Универзитетот во Манчестер го завршила
со највисоки оценки. Докторирала 1989 година. За наставник на
катедрата за Културни студии на Универзитетот во Бирмингем е избрана
1990. Нејзината прва книга Најрадикалниот гест:
ситуационистичката интернационала во постмодерното доба (The
Most Radical Gesture, The Situationist International in a Postmodern
Age) е
објавена во Рутлеџ во 1992 година. Во 1995 на Универзитетот
во Ворвик го основала Одделот за истражување на Кибернетичката
култура. Во 1997 гофдина го напуштила универзитетот за да може
целосно да се посвети на пишувањето. Седи Плент има објавено многу
написи во најразлични списанија и магазини од Фајненшел тајмс
до Вајард. Нејзините дела предизвикуваат најразлични
коментари ширум светот. Во изданието на Тајм, од зимата
2000/2001 таа беше сместена во рубриката "Луѓе кои доаѓаат" (People
to watch). Таа ги има
објавено следните книги: Нули и единици, дититалните жени и
Новата технокултура, (Zeros
and Ones, Digital Women and the New Technoculture),
Двоен ден (Doubleday),
Пишување за дрогите (Writing
on Drugs).
CULTURE JAMMING
Како издавач и основач на
Adbusters Media
Foundation (и нивното
списание Истерувачи на реклами), Кал Ласн припаѓа на првата
линија на медиумските скептици. Како личност која силно се бори за
своите замисли, ги формира и
Culture Jammers,
организација на медиумски активисти која себеси се гледа како "едно
од најзначајните општествени движења во последните дваесет години".
"Целта ни е да се нафрлиме на постоечките структури на власта и да
го поттикнеме процесот на коренито преосмилување на начинот на кој
ќе живееме во 21 век... Тој ќе го промени начинот на кој живееме и
размислуваме. Ќе се промени начинот на проток на информациите,
начинот на кој институциите ја користат својата моќ, начинот на кој
се управува со ТВ станиците, начинот на кој планираат и делуваат
прехрамбената, модната, автомобилската, музичката и културната
индустрија. И пред сè, ќе се промени начинот на нашата интеракција
со масовните медиуми, како и начинот на кој во нашето општество се
произведува значењето", кажува Ласн.
За што сè станува збор во тој проект? Тука станува збор за
преосмислувањето на опсесивната, растечка конзумеристичка култура во
која живееме. Тоа делумно се спроведува во полето на погледот на
свет, а делумно преку ненасилен отпор - акции на
culture jamming,
како нивните интервенции на
jumbo-плакатите,
хакерските упади на веб-страниците на корпорациите со намера да се
открие вистината за нивното практично дејствување, како и протест
преку средства за јавно огласување.
ХУЛИО КОРТАСАР 1984-2004
Хулио Кортасар е уште еден важен симбол на
Маргина и издавачката куќа Темплум. По повод 20 години од
неговата смрт и 90 години од неговото раѓањето објавуваме досега
непреведени три раскази од овој мајстор на прозата од 20 век:
Заземената куќа,
Аксолотл и Никој не е виновен. Исто така, го објавуваме и
текстот на Хозе Мануел Фахардо Че Гевара на литературата кој
по повод годишнината од смртта на Кортасар се појави во февруарскиот
број на весникот
LA MONDE diplomatique.
Хулио Кортасар е еден од најпознатите аргентиснки писатели, кој
заедно со Хорхе Луис Борхес и Ернесто Сабато го сочинува
таканареченото Свето тројство на аргентинската книжевност. Роден е
1914 година во Брисел. По емигрирањето од Аргентина, се преселува во
Париз, каде прво работи како преведувач за Унеско. Станува славен со
неговиот роман Куцкамен кој е објавен во 1963 година.
Неговите раскази се пример за фантастичната книжевност. Според
неговиот роман Пајажината на циганското лето, Микеланѓело
Антониони го снима својот филм
Blow Up.
Кортасар бил член на Раселовиот суд, активно се заложува за
левичарските движења во Јужна Америка, пишува есеи со политичка
содржина. Умира во Париз, "градот поради кој напишав еден роман", во
1984 година, како француски државјанин. |