Маргина

 Нареден број | Маргина во Точка | Архива... | On-line текстови... | Контакт |

Маргина 62 - избор од содржината

ПРОСТОРИ
СФРЈ
ШТО СО УМЕТНОСТА?
ВРЕМЕ-ПРОСТОР
Јехуда Амихај
Мишел Фуко
Британски расказ
Хуан Миро

Margina 62

ПРОСТОРИ
Овој наш темат за "просторите" е инспириран од сличен темат кој летово, под уредништво на славниот архитект и дизајнер Рем Колхас, беше објавен во Wired. Дел од текстовите од таму ги преведовме овде, но речиси половина од овде поместените текстови беа создадени специјално за Маргина и се во потесна релација со нашиот контекст.

Зошто "простори"? Затоа што менувањето на просторно-временската парадигма го одбележа и минатиот век, а допрва ќе го обележува и овој. Затоа што по Ајнштајновото релативизирање на физичките поими и појави, по воспоставувањето на неговиот континуум простор-време, денес сè повеќе чувствуваме дека живееме во, не само општествено или политички, нестабилен свет, туку во свет на дезинтегрирани димензии и на квантна неодреденост.
Да потсетиме: во една постара Маргина беше поместен еден темат за "Не-простори". Таму беше посочен Пол Вирилио кој ја воведува брзината како стандард за сите димензии и како некаков "примитивен простор". Според Вирилио, вообичаените поими за висина, ширина и должина доживеаја трансмутација, која влијае врз организацијата на нашата перцепција, а така и врз целокупното администрирање со териториите и со изградбата.
Тоа е само една важна димензија од бескрајната приказна за просторите, која ние овде ја отвораме и во теориска и во политичка смисла, обидувајќи се да бидеме барем толку "вон" и толку "во" за всушност да не бидеме нигде, како електрони по орбитите-маргини, прескокнувајќи ги традиционалните позиционираности.  


СФРЈ
Неодамна, во издание на Темплум, се појави вредната и во теориска, историска и политичка смисла мошне провокативната книга на Дејан Јовиќ, Причините за распаѓањето на СФРЈ. Македонското издание на книгата всушност е само дел од еден пообемен труд кој пред неколку месеци се појави во Белград и Загреб.

Еве што вели самиот Јовиќ, за причините кои го натераа да ја напише книгата: "За многумина од нас кои и самите бевме сведоци на времето опишано во книгава распаѓањето на Југославија беше важен, можеби дури и одредувачки настан. (...) Главната цел на оваа книга е да објасни зошто тој воопшто се случил."
Појавувањето на книгава главно беше дочекано позитивно, што можеби дури е и изненадување, со оглед на длабочината, сериозноста и острината на некои од тезите на Јовиќ, од една страна, и со оглед на многуте незалечени рани и предрасуди за оваа тема, од друга страна.
Сепак, се појави и една прилично остра, но, ми се чини, добро втемелена, артикулирана и компетентна критика на концептот на Јовиќ; неа ја напиша Борис Буден (познат на читателите на Маргина). Затоа решивме на ова место да поместиме дел од книгата, критиката на Буден и одговорот на Јовиќ, со надеж дека книгата за причините на распаѓањето на СФРЈ може да поттикне плодотворна дискусија и во македонските интелектуални кругови.
[on line текстови: Дејан Јовиќ
и Борис Буден ]


ШТО СО УМЕТНОСТА?
Во името на еден благороден и поттикнувачки "агонистички плурализам" решивме одново да ги придвижиме старите приказни (во делумно ново руво, додуша) за смислата на уметноста и за потребата од неа. Но, во името на нешто што нè сочинува не само мемориски, во името на нешто што можеби има шанси и да се повтори (како што работите знаат да се повторуваат, не?) потсетуваме и, низ слика и текст, на старите партизани (и југословенски и други), на старите комунисти, дадаисти и на новите анархисти.
Да речеме, таа приказна ни е блиска, од многу аспекти. Но, и за оние другите, кои можеби мислат дека некои нешта засекогаш се надминати и дека нема враќање кон старите парадигми, сакаме да упатиме троа посочувања. 
Во прв ред, наше мислење е дека разликата, асиметријата и конфликтот се конститутивни одлики на нашиот свет. Како што расправа Шантал Муф, идеалот за супстантивен општ интерес, за консензус и единство, е илузија. Мораме да признаеме дека антагонизмот игра конститутивна улога во општествениот живот и мораме да објавиме дека "здравиот демократски процес бара вибрирачки судир на политички позиции и отворен конфликт на интереси".
Значи, наша цел е да ја шириме политичката рамка која ќе треба да ги прифати разликата и антагонизмот токму за да го издржи она што Муф го нарекува "агонистички плурализам".  

"Да се шифрира, а не дешифрира. Да се негува илузијата. Да се создава илузија за да се создаде настан. Да се направи енигматично она што е јасно, непоимливо она што е премногу поимливо, да се направи нечитлив самиот настан. Да се нагласи лажната проѕирност на светот за во него да се посее терористичка збрка, клици или вируси на една радикална илузија, то ест едно радикално раскринкување на реалното. Едно штетно, заразно мислење, расипувач на смислата, придвижувач на еротското согледување на пореметувањата на реалноста.

Да се придвижи тајната трговија со идеи, сите неприфатливи идеи, неусвоиви идеи, како што во триесеттите требаше да се придвижи продажбата на алкохол. Имено, тука владее потполна прохибиција. Мислата станала исклучително ретка стока, забранета и прохибитивна, која треба да се негува на тајни места, и по езотериски правила. (Жан Бодријар, Совршен злостор, 1995)  


ВРЕМЕ-ПРОСТОР
Со мошне сериозна концепција за елиминирање на времето истапил Русинот Павел Флоренски, кој во својата студија под наслов "Привидностите во геометријата" (1923), применувајќи ја теоријата на ирационални броеви, со една смела метафора за огледало од основа ја пресвртел традиционалната концепција за време и простор, и во една теориска конструкција го трансформирал времето во тотален простор. Со метафората за огледало Флоренски предочува дека просторот може да се подели на дел кој им е достапен на сетилата, и на дел кој може само да се наслути: овој вториов е комплемент на ирационалниот простор. Човечката душа што во својата полнотија се појавува во сон, можно е да биде затекната на дело во ваква средина. Душата е нематеријална, нема свои димензии, затоа Флоренски ја третира како геометриска точка којашто може да се одреди со координати во наслутливиот, ирационален простор, како и секоја друга точка. Разликата е во тоа што положбата на точката, односно душата, во ирационалниот простор не може да биде одредена со трите просторни координати и едната временска, како во реалниот простор, туку со помош на имагинарната временска координата. Според теоријата од современата физика, во овој случај престанува разликата помеѓу времето и просторот, односно, се остварува тотална просторност."
(Петер Крастев, Како деконструира еден источњак?, 1997) 
[on line текстови:
Никола Гелевски , Пандалф Вулкански , Роберт Алаѓозовски ]  


Јехуда Амихај
Во оваа Маргина е претставен и еден од најзначајните израелски поети во втората половина на XX век - Јехуда Амихај. Тој е добро познат на македонската културна средина затоа што е добитник на најпрестижната награда за поезија во нашата земја - Златниот венец на струшките вечери на поезијата. Некои од овие песни, како што Љубов кон Ерусалим се поврзува со тематот за просторите, на еден "слободен" начин "дијалогизираат" и со другите темати застапени во овој број. Објавуваме 17 досега непреведени песни од овој поет кој се обидуваше едноставноста на поетскиот говор да ја обедени со смирената рефлексивност.
[on line текстови: Јехуда Амихај - песни ]


Мишел Фуко
Еден од најспецифичните "филозофи" на XX век, францускиот теоретичар Мишел Фуко, го преставуваме со книгата на Тамсин Спарго Фуко и љуеер теоријата. Оваа книга е вовед во основните концепции за "заедничките допири" меѓу идеите на Фуко и теоријата која се обидува на еден нов и радикален начин да ги преиспита категориите кои се однесуваат на родот, полот, сексуалноста и идентитетите создадени во рамки на западните дискурси. Според авторот на книгата "по смртта, неговиот живот и неговото дело станаа мета за серија напади кои, наводно барајќи ја 'вистината' за Фуко, лакомо и со неодобрување ги поврзаа наводните садомазохистички склоности со интерпретациите (поедноставени) на неговите историски и филозофски дела. Неговите живот и дело, достигнувањата, но и демонизацијата, Фуко го претворија во моќен модел за многу геј мажи, лезбејки и други интелектуалци, а неговата анализа на меѓусебните односи на знаењата, моќта и сексуалноста се најзначаен катализатор на љуеер теоријата."

Освен овој текст, објавуваме и три интервјуа со Фуко: Маскираниот филозоф, Пријателството како начин на живот, Сексуалниот избор, сексуалниот чин: Фуко и хомосексуалноста. Овие интервјуа, освен што се интересни заради идеите што Фуко ги проблематизира и коментира, се интересни и заради можноста да се прочита и "усниот" Мишел Фуко.  


Британски расказ
Во овој број на Маргина преставуваме четири млади британски прозаисти: Софи Френк, Џонатан Холанд, Крсти Ган и Лин Брајан. Станува збор за млади автори, сите се родени во шеесеттите години, кои на еден специфичен начин внесуваат нови "ветрови" во современата британска проза. Расказите застапени во овој темат следат една "реалистичка" концепција за расказот и главно се базираат врз развивањето на приказната и ликовите.  




   


Хуан Миро
По повод 110 години од раѓањето на познатиот шпански сликар, се одлучивме да објавиме текстот Хуан Миро: 110 години магија од Ирена Поповска. Според неа "на Миро му успева да стане близок со својата публика преку неговите слики полни со еротика, хумор, природа, немир и понекогаш страв и лутина. Особеноста на неговото дело се наоѓа во свежината. Тој го рашири сликарството до точка/та каде тоа се вкрстува со кралството на поезијата."

Освен овој текст, малиот омаж за Миро е проследен и со куса хронологија на неговиот живот.

Едноставноста и непосредноста на неговото дело најдобро ги објаснува самиот Миро кога зборува за начинот на кој ги создава своите дела: "Како ми доаѓаат цртежите и моите идеи за слики? Доаѓам дома во моето атеље во Париз во улицата Бломет навечер, си легнувам, понекогаш дури и не вечерам. Гледам разни нешта и ги забележувам во тетратка."

 

 
 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |