Маргина

 Најнов број | Маргина во Точка | Архива... | On-line текстови... | Контакт |

Маргина 70 - избор од содржината

Мирче Доневски
(1952-2005)


Александар Станковски
Арс лонга вита бревис


Можеби е спорна, но секако несомнена како чувство, но честопати и како искуство – констатацијата дека духовноста (вибрацијата што зрачи) е повлијателна од артефактите – или барем е вид иницијација за нова културна инкарнација.

Сепак, Мирче Доневски делуваше и како духовен иницијатор, но и како творец кој зад себе остави бројни дела. Како уметник и како општественик кој го внесуваше уметничкиот експеримент но и прогресивните идеи во нашата стварност – културна и политичка. Секогаш беше луциден и прониклив со непогрешливо чувство за уметничката и егзистенцијалната вистина. Но, пред сè, човек со голема добрина и со длабока емпатија за другиот. Од оваа карактеристика произлегуваше и неговата инволвираност во политичката акција. Беше драстичен и непоколеблив критичар на деформитетите што се појавуваа кај неговите сопартијци во однос на политичкиот опортунитет и отстапувањата што тие ги правеа во однос на идеологијата на правдината, добрината и зачувувањето на природата. Тој гледаше вон хипнотичката заробеност на дневно-политичкиот дискурс – на современата полит-митоманија – како што честопати знаеше да истакне. Политичките идеи што ги имаше Мирче беа децении понапред од врмето на нашата општествена и политичка стварност. Тоа беа идеи кои во преден план ги поставуваа аспектите на културата и екологијата, но и рамноправната и праведна распределба на општествените добра во однос на народот.

Замина во улога на општественик, а беше уметник – каква трагичност, за нас од “сцената”. Но, тој како врвен шаман ги спојуваше уметноста и животот, естетиката и политиката, духовноста и природата – од која ги црпеше своите сила и визија.

Беше бескрајно инспиративен како артист – строг и суптилен, трпелив и широк во разбирањето на најделикатните проблеми. Беше непосреден човек, пред сè добар другар и пријател.

Неговото присуство во андерграундот на овој град и оваа земја беше круцијално. Тој беше првиот академски актер кој влезе во креативна игра (игра која беше долга и истоштувачка) со алтернативните уметнички структури, а која едновремено повлече и цела една група значајни творци во овој експеримент на паралелната културна продукција. Неговата татковски мудра аура честопати знаеше да ги искоординира и смири разулавените страсти на соодветните учесници на одредени уметнички проекти, но исто така да внесе оган и страст во заспаните и апатични состојби.

Тој учествуваше во речиси сите поголеми филмски проекти на андерграунд уметниците, и тоа во главните улоги. Во деведесетиве го одигра мистериозниот детектив Ансаров, во мега (андерграунд) проектот Маклабас. Потоа во Судијата на Жанета Вангели го одигра рафинираниот лик на масонот Игор Вронов. Во Самитот на шаманите повторно во главна улога –  гласникот на боговите Хермес.

Така и замина.

Како гласник на божествената македонска култура.


 

назад кон содржината
 


 

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |