Маргина

 Најнов број | Маргина во Точка | Архива... | On-line текстови... | Контакт |

Маргина 70 - избор од содржината

(Од)воените генерации (поезија од Балканот)
Ана Ристовиќ, Фарук Шехиќ и Татјана Громача

Низ разни делови на списаниево поместивме дваесетина цртежи на Владимир Лукаш. Во јавноста - всушност во еден многу мал издвоен дел од македонската, а пред сè скопската јавна сцена - Лукаш (1978) е познат пред сè како перформанс-мајстор (секогаш меѓу најдобрите на слем натпреварите, на пример!), кој во своите настапи извонредно вклопува музички, кореографски и перформанс слоеви (некои негови настапи наликувале на вистински дада субверзии!) - што сè е дел од неговата мошне комплексна креативна личност. Лукаш и пишува (има една објавена па повлечна книга!), а и одлично црта, често комбинирајќи ги своите цртежи со текст. Учествуваше на големата групна изложба на помладиот македонски цртеж, “Цртеж: рт, еж…”, а во Маргина свои цртежи досега објавувал во неколку наврати.


Ана Ристовиќ
 
СНЕГ ВО ЧЕВЛИТЕ

Не се гради куќа од збирките есцајг
макар што лажица повеќе
понекогаш е добредојдена.

Не се гради куќа од новите завеси
макар што другите погледи
одвреме-навреме
треба да се покријат со ново платно.

За да биде домот дом, меѓу другото
ти требаат многу нешта
од коишто однапред би се
откажал со видно задоволство.

Чуј што велат Ескимите:
за да изградиш пристојно игло
со години треба да носиш
снег во чевлите.

И шпенадла, заборавена
во јаката од палтото,
близу жилата што отчукува.





 
ОЧАЈНА РАЗГЛЕДНИЦА

Врз мене нема да залепат марка,
нема да ме испратат по пошта,
Аир маил-от отпаѓа од мене
како можна туѓина од пасошот
што патува
само по ѓаволите.

Зашто не нудам пејзаж
ниту врамено зајдисонце
ниту вештачки рози во извесна вазна.

Прикажувам малку, речиси ништо.
И нудам само
предолг, пресложен,
и побарувачки текст
на опачината

од разгледницата која никој
не би ја ставил во својот џеб.

Зашто носењето толку зборови со себе
рамно е на носење камења
од кои не се гради ниту куќа
ниту нечиј споменик.

Времето на употреба
барем ќе ме сведе
на добра рециклажа.

 

 

Фарук Шехиќ  
МИНУВАЈЌИ КРАЈ МАРКАЛ ЗАСТАНАВ ЗА МИГ

на пазарот видов ангел
седеше на лимениот покрив од тезгата
под него во дрвени гајби
наредени пиперки, домати и млад компир
зелка, кромид и зелје
стапалата му висеа од покривот
со нив благо ги допираше косите на минувачите
на еден купувач му го симна шеширот од главата
дуваше тивок ветрец мешајќи ги мирисите
на свежо овошје, зеленчук, цвеќе & риби
им се вовлекуваше на луѓето в лице
ги меркаше продавачите додека мереа на кантарите
зјапаше во нивните отечени и испукани дланки
се расплака штом виде една постара жена
како собира скапано овошје под тезгите
почна да паѓа ситен дожд
низ ливчињата на бојадисаната маргаритка
се сливаше бледосиното мастило
личеше на курва со килограм шминка
кога ќе иж потечат солзи
ангелот ги рашири крилјата и полета кон небото
размислувам, ако постои поетска правда
тогаш ангелот прегрнат од ноќта
ќе му го искорне срцето на продавачот што поткраднува на кантарот
но не верувам во тоа
зашто ангелите главно позираат
и се смрзнуваат голи на фреските.
* * *

работникот излегува од кругот на пиланата
во внатрешниот џеб на јакната
чува сино неотворено плико
ја примил платата и оди во кафеана
пие пиво од половина литар на две-три голтки
понекогаш го пресекува со двоен коњак
налактен на шанкот ја фаќа за задникот
дебелата келнерка во црвено здолниште
ја чести пијачка, бакшишот иж го става меѓу цицките
од лошо наместената станица на транзисторот
трешти глас засипнат од алкохол и цигари
над полицата со жесток пијалак
го гледа сериозното лице на врховниот водач
колку повеќе пие толку келнерката му е поубава
свежо отпечатените банкноти иж ги лепи врз челото
си оди со празни џебови скршен од пијачките
жена му е будна и тој мајката иж ја пцуе од вратата,
додека ја тепа, во другата соба од дрвената барака
децата плачат измачкани со евтин маргарин,
денес фабриките се споменици на изминатиот труд
во нив се снимаат музички спотови
и се одржуваат гламурозни рејв-забави.


 

 

 

Татјана Громача  
СУДБИНАТА НА ЈУРИЈ ГАГАРИН

Те стресе судбината на Јуриј Гагарин
едно неделно попладне
кога ги јадевте остатоците од новогодишната храна
твоите родители
човекот што го љубиш
и ти.

На телевизијата течеше документарец
за тоа
како Јуриј
дете на руски селани
стана славен космонаут.

Надвор се топеше валканиот, стар снег.
Низ прозорецот се чинеше дека земјата боледува
од некоја гнасна кожна болест.
Ракетата на Јуриј тукушто влегуваше во орбитата.
Над ливадата кружеа ковчести црни свраки.

Можеше да го чуеш нивното крескање
набљудувајќи ја старата како внимава
да не ви го закрие погледот кон екранот
додека ги спушта и поткрева паниците и чиниите
што ги вади од стаклените витрини
само за празници и родендени.

Беше добро да се гледа
како Хрушчов го прегрнува Гагарин
меѓу две апки
и како го носат низ целиот свет
затоа што жив се вратил од Месечината.

А потем главата му отече од алкохол
и ја немаше веќе добродушната насмевка
со верба во вечниот живот
на совршената комунистичка идеја.
Беше јасно дека на Гагарин не му останува уште многу.

Токму колку да го допиете кафето
и да ги свртите филџаните наопаку
и од ронливиот црн талог да видите
каква ќе биде судбината кон вас.

 
САКАШ ЛИ ДА ГО ПОТРОШИШ СВОЕТО
ВРЕМЕ НА МЕНЕ


На пример се среќаваме негде во градот
сосем случајно
(јас си купувам чорапи, а ти бркаш некои документи)
набрзина, толку набрзина што во мигот кога се
здогледуваме на улицата
забораваме дека живееме под ист покрив
и лежиме во оној расклатен кревет
веќе илјадници ноќи наназад
заедно.

Сосем сигурно отпосле заминуваме, оставајќи ги
работите,
на кафе или на топло вино, ако е есен
седејќи еден спроти друг во некоја зачадена
биртија
со дрвени прегради
и алкохоличари со целодневен престој
набљудувајќи се така како да сме некои други,
а не ние,
повеќе од познајници.
























 

 


назад кон содржината
 

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |