Маргина

 Најнов број | Маргина во Точка | Архива... | On-line текстови... | Контакт |

Маргина 70 - избор од содржината

Балкан Арт

 

Овој темат е скратена верзија на заедничкиот проект “Што да се прави со балканската уметност” меѓу Маргина, односно Контрапункт и Темплум, и Платформа, списанието на Сорос Центарот за современи уметности - Љубљана (SCCA-Ljubljana). Овие, како и други текстови и интервјуа, во поширок обем веќе се објавија во Платформа бр.4, (септември 2005) на словенечки, англиски и српскохрватски јазик. Во проектот што се одвиваше во последните две и пол години, а прва виолина беше СЦЦА - Љубљана, се обидовме да најдеме одговори на прашањата дали е можен поимот “Балкан” и “Балканска уметност”, што мислиме, подразбираме и претпоставуваме кога зборуваме за т.н. Балканска уметност, и дали постојат критериуми за анализирање и вреднување на уметничката продукција која се означува како балканска. На тематот му претходеше двегодишно заедничко истражување на проблемот кој се состоеше од размена на соработници меѓу двата центри, кои истражуваа и работеа во Словенија, Македонија, Бугарија, Романија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина, организираа две дебати на споменатата тема и консултираа многу стручњаци за областа. Проектот претставува редок обид да се даде внатрешен одговор за новото трендовско име “Балканска уметност”, кое станува сè повеќе интересно за западната публика, но тоа е и име, кое Запад го гледа во рамките на своите репрезентации, чиј дел се и многубројните негативни стереотипи за поимот.


Увод

Зголемениот интерес за “Балканската уметност” и повторното откривање на Балканот стана прашање што вреди да се преиспита, како метадискурс. Преиспитувањето на ова прашање значи поимот да се лоцира во современиот уметнички систем, да се видат кои се доминантите, алтернативите, фокусот и интересите, како и влијанието врз локалните и регионалните милјеа.

Првиот чекор во прашањето за “Балканската уметност” нè води кон дискурсот на балканизмот, или балканологијата. Во строга академска смисла, овој дискурс е всушност метадискурс. Тој е создаден при крајот на деведесеттите со трите стожерни книги: Imagining the Balkans (Oxford University Press, 1997) на Марија Тодорова, Inventing Ruritania: The Imperialism of the Imagination (Yale University Press, 1998); Balkan as Metaphor: Between Globalization and Fragmentation, edsD. I. Bjelic & O. Savic (The MIT Press, Cambridge, Massachusetts, 2002). Овој дискурс е дискурс на реакција, дискурс што се обидува да го ослободи поимот на Балканот од погрешните репрезентации, погрешните толкувања, стереотипите и есенцијализацијата. Онака како што т.н. трет свет или постколонијалните автори се обидуваат да го демистифицираат начинот на кој Западот го гледа Другиот, Не-Западот, Ориентот, авторите на овој метадискурс за Балканот се обидуваат да ги откријат механизмите низ кои Балканот е конструиран како опозит, несвесно, Мистер Хајд имиџ на Запад(на Европа). Сепак, парадоксално, она што боде очи е дека не постои академски дискурс врз чија база овој метадискурс е изграден, барем не во полето на современата теорија. Референца на овој метадискурс се бројните текстови кои се јавуваат во секојдневниот живот, во дискурсот на високата или секојдневната политика, особено во онаа од деведесеттите години, за време на војните кои следеа по распаѓањето на СФРЈ, како и во патеписите, и романите од деветнаесеттиот или раниот дваесетти век, во историските дела, во различните медиски текстови (медиумите се сметаат за највлијателни во ширењето на негативните и вулгарните стереотипи за Балканот) и во оралните култури на Балканот како и на другите Европски земји.

Ако продолжиме понатаму со дофаќањето на контурите што го конституираат поимот на Балканот во неговата академска појавност ќе паднеме во класична постмодернистичка замка. Благодарение на агилноста на многу академци кои доаѓаат од Балканот или се на некој начин поврзани со Балканот, се соочуваме со еден одбранбен гард на “илјада цвеќиња”, кој се шири во спектарот на сите денешни идеолошки позиции: психоаналитичкиот пристап (Балканот как несвесното на Европа); дискурсот на Другоста (Балканот како другото на Европа); постколонијалниот пристап (Балканот конструиран од погледот на Западот); левичарскиот пристап (Балканот како место на капиталистичка експанзија); геополитичкиот пристап (важноста на Балканот како граничен регион); или епистемолошкиот пристап (Балканот, за да може да се разбере, бара нова парадигма надвор од западните модели) итн.

Многу од овие позиции имаат свој одек меѓу проучувачите на “Балканската уметност”. Сепак, изненадувачки (или не?) многу од авторите го подржуваат ставот што иронично би можеле да го наречеме меркантилно-прагматичен: “Да се искористи!” Борис Буден наоѓа дека “Балканска уметност” е терминус тецхницус: средство за воспоставување однос со уметничкиот пазар, нешто за што самите автори се свесни. Небојша Вилиќ вели дека терминот “Балканска уметност” не значи ништо; нема суштина, но дека токму поради тоа е многу корисен за употреба од страна на уметниците. Леф Крефт е убеден дека културната политика треба да ù  го продаде Балканот на Европа како културен поим. Француската теоретичарка од бугарско потекло Достена Ангелова вели дека регионализацијата игра важна улога во создавањето нов политички простор и дека Големиот регион на Балканот ги исполнува условите да стане токму таков регион: економски и социјален интерес, традиционални и историски врски, заедничка политичка ориентација; како и тоа дека градењето регионален културен идентитет им одговара на локалните културни и интелектуални елити. Растко Мочник тврди дека Балканот има уметничка продукција која може да ù  го понуди на Европа моделот на Италијанската ренесанса на мудро живеење на периферијата: цветање на уметноста во услови на социо-економска декаденција. Лев Крефт вели дека “Балканската уметност” е една од ретките добро елаборирани критики на Европа - нешто што  е невозможно во самата Европа. Според него, важна одредница на “Балканската уметност” е можноста за трагедија, бидејќи утопијата сè уште постои на Балканот. Тој ја смета за парадоксална ситуацијата во која балканскиот уметник кој сака да успее во Европа мора да остане на Балканот.

Роберт Алаѓозовски, Барбара Борчиќ, Урша Јурман


 

назад кон содржината
 


 

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |