Маргина

 Најнов број | Маргина во Точка | Архива... | On-line текстови... | Контакт |

Маргина 70 - избор од содржината

Александар Станковски
М       А        З        Г       И


Македонската агенција за геостратешки истражувања или скратено МАЗГИ, беше основана во средината на деведесеттите како некаква тајна НВО од група градски дрогераши. Организацијата беше поставена според урнекот на тајните масонски братства, но нивната идеологија беше нешто сосема друго. Всушност, како и да немаше некаква идеологија; принципите на ненасилство, развивањето на духовноста и креативноста и слободниот однос кон средствата за психоделизација како да се подразбираа сами по себе. Целиот тој концепт на херметички клуб каде одбраните би дискутирале дружејќи се, би ги терале своите бессони дрогашки ноќи исполнети со параноја и екстаза се заговараше уште во доцните осумдесетти, највехементно од страна на Алфа мажјаците од андерграунд сцената - Велечесниот и Борзан, кој потоа наскоро отпатува за Париз, каде што остана да живее...

Членовите на МАЗГИ повремено пишуваа профетски текстови или есеи кои понекогаш беа објавувани во некој локален часопис. Тие на сето тоа не му придаваа некакво особено значење. Артификацијата на понекоја идеја беше само пракса на едукативност, нешто како репродуцирање, навидум не толку значаен елемент за духовниот раст, но од друга страна доблесна предаденост кон оние на понизок степен на спознание кои во сократовска смисла страдаат во зоните на незнаењето и поради тоа помошта што им се укажува преку дидактичноста е напор кој сам по себе е духовен раст. Да речеме, некаква хуманитарна активност на свеста. Свест која тежнее да освестува преку механизми кои не се исклучиво виртуелни, туку во својата структура содржат одреден степен на конкретност и материјалност. Еден од општоприфатените методи на осознавање на простор-времето во континуитет и дисконтинуитет беше нивната страст по “Трнасцеденталната историја”, чиј родоначелник во овие краишта беше Христо Поп Христов, кој воедно беше еден вид ментор и гуру на членовите на МАЗГИ. Методот на Т. И. (трансцеденталната историја) се состоеше во тоа иницираните заедници да дискутираат (или барем да се обидат да го направат тоа) за определен историски, филозофски или естетички проблем под силно дејство на мескалин. Во недостаток на мескалин како можни алтернативи се наведуваат: псилосибин, ЛСД или пак некои традиционални психотропни супстанци како, на пример, Вештерска маст, амброзија, татула, опиумски чај, колачи со хашиш и марихуана... “Сè што било е историја, сè што е станува историја во моментот на рецепција; историјата е рецепција на севкупноста. Само тоа што не било не е историја, но ако биде, ќе биде историја. Сето знаење е вметнато во историјата, всушност тоа ù е иманентно на историјата зашто таа и знаењето се едно исто.”

Сите членови на МАЗГИ беа или себеси се сметаа за уметници, без оглед на тоа како заработуваа за живот. Всушност иако тешко доаѓаа до пари беа благодарни што не живеат во минатите векови и што на мира можат да ги исповедаат своите идеи без да бидат екстермирани поради тоа.

Но, како всушност дојде до тоа МАЗГИ да биде така парадно формирана. Целиот тој квазиелитен драјв, целиот тој институционален симулакрум, со хералдички референци (Грбот на МАЗГИ, го изработија двајца членови на десетчлениот борд. На грбот се наоѓаше посмртната маска на Тутанкамон и иницијалите на братството и сестринството - во бордот членуваа и три жени. Претседател беше Черим Зеновски, стар дрогаш и искусен во институционалните и политичките работи. Извршен директор на бордот беше самиот Велечесен, кој се грижеше за логистичката поставеност на организацијата.) Со стратешки агенди, со аналитички елаборати, со информативна интеракција и влез во глобалната хиерархиска мрежа, со идеолошки капацитети и можност за вклучување на истите во интернационалната берза на идеологии, со релевантна интактност во однос на локалното законодавство. (Одеднаш големите мајмуни од НТШ што везден го драпаа Велечесниот, понекогаш и со употреба на физичка сила - што навистина беше дегутантно; одеднаш сите тие Термангани се изгубија и Велечесниот заблеска во ослободениот простор како некаков лорд.) И конечно, со пари... Всушност, парите требаше да бидат факторот на институционално означување на организацијата и на нејзините амбиции. А парите ги обезбеди самиот Велечесен преку своите контакти. Секако дека локалните глобалистички моќници пуштија одредени суми директно во организацијата, но тие моќници само ги спроведуваа инструкциите на своите газди - интернационалните владетели кои како некакви танкери пловеа по идеолошките мориња сервисирани од безброј мали идеолошки морнари, или ако повеќе сакате - спин-апаратчици. Но, секако дека тие морнари-пилоти-идеолози (кибери) имаа повеќе од елитен статус во најмоќните општества на планетава. Еден таков “кибер” беше и Џон Пол Џонс, роден во Амстердам од мешан еврејско-фризиски брак, неговото портфолио беше импресивно, докторат по психологија на Амстердамскиот универзитет, докторат по философија на Хајделберг, докторат по антропологија на Гентскиот универзитет, докторат по социологија на универзитетот во Ротердам, докторат по компаративна религија на Бостонскиот универзитет и, секако, докторат по книжевност на Харвард, да не го заборавиме и докторатот по етнолошки науки и музика на Беркли (Сан Франциско) кој во времето кога се сретнаа со Велечесниот во Фиренца, го подготвуваше. Џон Пол Џонс беше близок пријател на Тимоти Лири, Ален Гинзберг, Мик Џегер, Кристо Јавашев, Енди Ворхол, Џорџ Сорос, Вуди Ален, Хилари Клинтон, Мајлс Дејвис, Вилим де Кунинг, Пол Макартни, Јулијан Шнабл, Роберт Лонго, Вилијам Гибсон, Бил Гејтс и други славни личности. Но, во непосредниот контакт Џон изгледаше сосема пристојно, весело, емотивно и тактично, дури и убаво, имаше 55, а изгледаше како да има 35 години, беше еден од најперфектните продукти на еволуцијата на западниот човек. Сега тој продукт гледаше во антропосферата и се обидуваше да го профура својот “Кноњ хоњ” во бившокомунистичките земји. За тоа беше извонредно платен, неговиот инкам на годишно ниво знаеше да ја достигне и цифрата од пет милиони фунти. Но, префинетиот Џон Пол Џонс не ги туткаше своите пари во банки или на берза, Џон создаде мрежа невладини организации кои требаше да се занимаваат со проблемот на дрогата. Бидејќи и самиот љубител и уживател на многу видови дроги (поборник на алтернативно-научната теорија за влијанието на дрогите врз еволуцијата на свеста на човекот и на неговата култура), тој изгради еден мал идеолошки систем наречен “Харм Редуцтион” или намалување на штетноста на дрогите и нивната социјална инфлуенца преку позитивна социјална методологија како што е приближувањето на здравствените соц. структури кон дрогашката сцена преку социјални работници кои би се грижеле за најбеспомошните дрогаши или фармацевски супститут, со чисти игли како превентива од сида, со пропагандни кампањи за легализација или декриминализација на лесните дроги, со едукативна пропаганда, со бесплатно делење кондоми, со култивизација и културна едукација на алиенираните зависници итн. 

Џон Пол Џонс веќе беше прилично високо респектирана фигура на светската идеолошка берза, неговите стручни совети беа сериозно разгледувани од финансиските бордови на таканаречените соц. дизајнери футуристи, на планетарно ниво. Тој таа 1995 година организира голема НВО-дрогерашка средба на светско ниво во Фиренца. Беа поканети близу 500 гости, одредени според специфични критериуми. Инаку, сместувањето беше на врвно ниво, покриено со десетина милиони фунти стерлинзи. Близу триесет отсто од поканетите беа од земји на бившокомунистичкиот блок и земји од третиот свет, каде уште немаше дрогашки НВО, но во кои Џон Пол Џонс и неговите спонзори решија да ја имплементираат “Харм Редуцтион” програмата. Од Македонија беше поканет Велечесниот како застапник на дрогашката кауза. Тој беше избран врз база на едно негово интервју за Екран кое беше насловено “Зошто се дрогирам и зошто на памет не ми паѓа да престанам”. Интервјуто предизвика скандал во претежно малата и провинцијална средина на тогашниот недоквакан комунистички мегалополис - метропола на ајварот од сите категории. Но, локалниот глобалистички моќник Цомлин виде идеолошки штоф во ова писание и преку својата НВО ја проследи информацијата понатаму кон централните структури на мрежата каде таа беше процесирана од информативните филијали на “Харм Редуцтион” НВО комплексот. Велечесниот беше инструиран да оди со нешто помалку екстремно, со некоја политички покоректна тема, како на пример проблемот на дрогата и принципите за заштитата на животните, нешто еклектично и налудничаво, нешто што нема да предизвика премногу бранувања во домашната јавност и нови брутални напади на фашистите и националистите врз НВО на Цомлин.

Иако дискретно, принципите на “Харм Редуцтион” ќе се тераат во целост, но потребна е постепена и суптилна едукација на иритабилните и агресивни маси изгубени во моралниот и идеолошки галијаматис на “транзицијата”. Велечесниот ја сфати пораката, и поканата ја прифати со задоволство. Велечесниот набрзина напиша текст за животните и односот на човекот кон нив и отпатува за Фиренца. Поради пионерските настојувања на програмата “Харм Редуцтион” во посткомунистичките земји, се создаде невиден интерес од страна на сите делегати за оваа “антропозона” која тукушто напушти едно општествено уредување кое на запад се појави токму како теориско-политички систем, систем на авангардни идеолози кои подоцна историјата ги претвори во утописти, во сомнабулни сонувачи, идеолошки шутови со сериозен имиџ; или пак комунистичката идеологија беше имплантирана на погрешни места и во погрешни времиња, та нели според Маркс и Енгелс првите комунистички општества требаше да бидат формирани во тогаш, а и подоцна, најиндустријализираните земји во Европа... Значи експериментот бил воден во крајно неподобни услови, па сепак и СССР и Кина станаа светски сили...
 

назад кон содржината
 


 

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |