Маргина

 Најнов број | Маргина во Точка | Архива... | On-line текстови... | Контакт |

Маргина 70 - избор од содржината

Виктор Шиков
Траење

“Сите технологии се свртуваат кон иста точка, сите водат кон Деус еџ мацхина. На некој начин, технологиите го негираат трансценденталниот Бог за да го воведат Богот - машина. Во секој случај, обајцата поставуваат исти прашања.” - Пол Вирилио

“Ако е мојот кошмар култура населена со постлуѓе кои ги сметаат своите тела за прибор на модата поскоро отколку за темел на постоењето, тогаш мојот сон е верзија на постлуѓето кои ги пресретнуваат можностите на информатичките технологии без да бидат заведени од фантазиите за неограничена моќ и неотелотворена бесмртност, кои ја препознаваат и ја слават конечноста како состојба на човечкото суштество, и разбираат дека човечкиот живот е вкоренет во материјалниот свет на голема сложеност, таква од која зависиме поради нашиот продолжен опстанок.” - Кетрин Хајлс


Една метафора е јалова, нефункционална, доколку се темели на паралогични пропозиции, и може да биде нуклеус на целосно промашена космогонија и погрешен мотив за превреднување на традиционалните и на постојните социјални релации. Таква е метафората за - Киборгот, теоретско-стратегиското чедо на доктор Дона Харавеј, која афектот на својата академска потреба за конструирање сподвижен феминистички дискурс, го вообличи во божемна фама околу “Манифестот на киборзите”.

Киборгот има смисла единствено во денотативниот, егзактен, иако сè уште незавршен процес во рамките на теоријата на системите и кибернетиката, впрочем, таму каде што е зачнат, со азбестниот фалус на лабораториската желба преку експиременти, технички импланти и севозможни протези, човечкото тело да се перфектуира за нови, сега веќе космички истражувачки подвизи, небаре планетарните, меѓучовечки односи се решени и нема потреба да им се (на)враќаме. Во безграничниот, незаситен семиуршки канибализам на така концептуализираниот феминизам, Киборгот нема друга смисла освен онаа во која се третира како уште еден агенс за трансгресија на телото, а со него и на половите разлики.

Монадички интерактивен номад, шуплив интровертиран патник низ фатализмот на технолошката киберонанија, Киборгот личи на митскиот Нарцис кој, наведнувајќи се секојдневно над нехераклитовската вода на кибер-хронотопот, за уште еднаш да го види сопствениот манекенски обезличен, асексуален, бесполов лик, ја дочекува пораката во шише која некогаш, во некоја епизода од еонот на техно-канибализмот, самиот си ја испратил како Човек, однапред, пресметливо само(за)доволен од тавтолошкото огледало на текстот во кој е запишано признанието за неговата конечно освоена асоцијална слобода, со која веќе не знае што да прави, сам, во пустиот постеколошки остров во кој се престорил целиот глобус.

,,Никој не може веќе да биде извор на присвојувања и приспособувања за некој друг”, вели доктор Харавеј во нејзиниот ,,Манифест на киборзите”. Значи, според доктор Харавеј, веќе е освоена апсолутната слобода, во еден утописки пејзаж на конечен социјален анархизам, една општествена фисија на атомизирани единки со брикетиран, унифициран идентитет бесполно именуван колективно “Ние - киборзите”. “А што се смета за ние во мојата сопствена реторика? Кои идентитети се способни да однегуваат толку потентен политички мит именуван ние и што може толку да го мотивира регрутирањето во оваа колективност? “

Не знам. А ни доктор Харавеј не Ни дава одговор, Нам, на луѓето, на ова прашање кое самата си го поставува, па дури таа самозапрашаност без одговор, всушност, се испоставува како нејзин работен метод низ целиот “Манифест...”, во кој, аподиктичките ставови, пароли загубени во широчината на сопствените идеи, избегнуваат соочување, на пример, со хипервалентната космогонија на еден егзистенцијалистички никулец згуснат во стожерната реплика од “Калигула” на Албер Ками: “Човек е секогаш слободен на туѓа сметка”: било поради органската, природна зависност во континуитетот на родословието, било поради актуелниот еволутивен стадиум на препознаената, свесна социјална функција како дел од никогаш завршениот идентитет на единката, внатре, во општествениот механизам.

Кога доктор Харавеј вели:

Киборгот не сонува за заедница врз моделот на органска блискост, овој пат без Едиповски проект. Киборгот не ќе ја познае Рајската градина; тој не е створен од кал и не може да сонува враќање во прав.

или, уште:

Идеологиите на сексуалната репродукција не можат веќе разумно да се повикуваат на забелешките за половата улога како органски аспекти во природните објекти како што се организмите и фамилиите.

тогаш, кон овие пароли вреди да се упати контра-прашање.

Најнапред, мора да имаме на ум една, именувана со речник и интонација консеквентни на контекстот - киберолошка реификација на библиската метафора: “кал/човечко тело”. Потем, како опозит на претходно цитираните докторски пароли, треба да ја имаме на ум клучната синтагма во сè уште хумано мотивираниот сон на Кетрин Хајлс, земена за воведна максима за овој текст: “вкоренетост во материјалниот свет”. Изборот паѓа токму врз таа синтагма бидејќи станува збор за мошне совмесна пропозиција чија компатибилност со библискиот контекст кој потајум го имплицира, резултира со семиолошкиот контигвитет: “вкоренетост/земја”.

Значи, воочено, препознато, темелното контра-прашање гласи: Што подразбира доктор Харавеј под - “идеологии на сексуалната репродукција”?

Оти - паролата за киберолошката трансгресија на половите разлики, со која се иницира посакуваниот, асоцијален, пост-еколошки пејзаж, парола што апелира за напуштање на сексуалната репродукција, бидејќи според доктор Харавеј таа и таква репродукција црпи идеолошки потенцијал од фатализмот на биолошкиот детерминизам, всушност од изворот за бесмртноста на човековиот вид - и самата таа парола (о)станува уште една (феминистичка) идеологија, доколку нужно не одговори - како инаку би се продолжил животот? Сето тоа, како есхатолошка визија во логиката на доктор Харавеј, го отвора и последното, всушност, апокалиптички крајносно прашање - за “бесмртноста на Киборгот во киберсветот”?

 

 


назад кон содржината
 

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |