|
МАЈКЛ ХАРД И АНТОНИО НЕГРИ
Зошто ни е потребна мултилатерална Магна Карта
Станува сè појасно дека унилатералното или “монархиското” уредување на
глобалниот поредок - во чиешто средиште е воениот,
политичкиот и економскиот диктат на Соединетите Држави - е
непожелно и неодржливо.
Кризата на тоа уредување ù нуди можност на “глобалната
аристократија” - то ест на мултинационалните корпорации,
наднационалните институции и на другите доминантни
национални држави - да предложат нов глобален поредок.
Главниот предизвик во соочувањето со таа глобална
аристократија е да се реорганизира глобалниот систем во
интерес на обновата и ширењето на производните сили кои
денес се попречени со сиромаштијата и маргинализацијата. За
тоа да се направи, потребен е нов договор - Магна Цхарта на
нашето време, којашто денешната аристократија може да ја
бара од монарсите.
Според нас, империјализмот денес веќе не е можен. Со други
зборови, ниедна национална држава, па ни САД, не е кадарна
да дејствува како суверена сила која владее со глобалниот
поредок.
Уште повеќе, современиот глобален поредок нема да го
дефинира соперништвото на империјалистичките сили, како што
било во голем дел од 19 и 20 век. Денес се појавува нов вид
сувереност - вистинската глобална сувереност, која ние ја
нарекуваме Империја.
Со изразот “Империја” делумно се служиме и зашто новите
структури на моќта наликуваат на оние во старото Римско
Царство. Поодредено, новиот глобален суверенитет е обележан,
како и во стариот Рим, со постојаната соработка и меѓуигра
помеѓу “монархијата” и “аристократијата”.
Тоа значи дека САД не можат да дејствуваат независно како
глобален монарх и да “одат сами”, диктирајќи ги условите на
глобалните поредоци во воена, политичка, економска и
финансиска смисла.
Наместо тоа, САД мораат да соработуваат со другите
доминантни национални држави и наднационални институции кои
ја создаваат глобалната аристократија. Со други зборови,
денешниот империјален суверенитет не може да биде диктиран
од Вашингтон (како ни од Пентагон или од Меѓународниот
монетарен фонд), туку тој мора да произлезе од соработката
на повеќе доминантни сили.
Таа Империја ја сфаќаме како мрежен облик на моќта, бидејќи
нема едно средиште туку широк склоп сили кои мораат
меѓусебно да преговараат. Затоа нашата хипотеза е дека таа
Империја е тенденција во настанување и дека таа, за оние кои
се на власт, е единствената форма во која можат да се одржат
современите глобални хиерархии и поредокот.
Кога тврдиме дека се појавува тој нов глобален империјален
облик на моќта, мораме да бидеме јасни: тоа не значи дека
националните држави веќе не се важни. Расправите за
глобалната моќ пречесто упаѓаат во заблудата или/или: некој
вели дека националните држави веќе не се важни, бидејќи се
појавуваат глобалните структури на моќта, а некој друг вели
дека не постојат глобални структури на моќта бидејќи
националните држави и понатаму се важни.
Наместо тоа, целта на нашиот концепт за Империја е да се
согледа дека националните држави и понатаму се моќни (се
разбира, некои се помоќни од други), но дека денес владее
тенденција кон дејствувањето внатре во новиот облик на
глобалниот суверенитет, кој покрај националните држави
вклучува и други јаки играчи, како што се корпорациите и
наднационалните институции.
Нашата хипотеза за Империјата во негативна смисла би можела
да го потврди јасниот неуспех на унилатералната политика на
многубројни полиња. Најочигледен е неуспехот на
унилатералната воена стратегија што ја спроведува
американската влада, особено изминативе две години.
Дури и во строго воена смисла, се покажува дека
американските кампањи во Авганистан и Ирак не се способни да
ги остварат минималните цели на сигурноста и стабилноста.
Напротив, тие дури создаваат уште посилни судири и борби.
Уште повеќе, глобалната состојба на војна и судири,
создадена со унилатералната воена политика, имаше мошне
негативни влијанија врз глобалните циклуси на производство и
трговија. Некој збирно би можел да рече дека унилатералната
вооружена глобализација што ја спроведуваат САД создаде нови
граници и препреки, блокирајќи ги глобалните економски мрежи
кои беа создадени изминатите десетлетија.
Следниот вид на неуспешна унилатерална стратегија е
наметнувањето неолиберални економски режими, кои се
обележани со мандатот за редуцирање на минимум на јавните
социјални програми и со приватизацијата на јавната
индустрија и здравството.
Таканаречениот “вашингтонски консензус” и политиката која ја
диктира ММФ, а која всушност е своевиден економски
унилатерализам, ревносно ги застапуваат САД, што често е во
склад со нивните унилатерални воени акции.
Таа економска и финансиска политика веќе со десетлетија
остро се критикува, но економската катастрофа во југоисточна
Азија 1997 година и во Аргентина 2001/02 (две подрачја кои
порано се сметаа за светли примери на неолибералниот успех)
ја потврди кризата на тој економски модел.
Најопштиот показател за ограничувањата на глобалниот
неолиберален економски модел е тоа што тој вработува толку
мал дел од производниот потенцијал на денешниот свет. Голем,
и сè поголем дел од светското население живее во беда, лишен
од можностите за за образование и напредок. Многубројни
земји се оптоварени со национални долгови кои ги исцрпуваат
нивните витални ресурси. Всушност, станува сè појасно дека
најголем дел од светот е исклучен од примарните циклуси на
економско производство и потрошувачка.
Затоа некои научници почнаа да тврдат дека во сегашниот
неолиберален економски режим големи делови од глобалното
население се “потрошни”, т.е. дека економскиот систем е
одржлив но неморален.
Тие тврдат дека системот е функционален токму поради
исклученоста на голем дел од населението. Според нив, тој
факт ја објаснува привидната рамнодушност спрема големата
беда, па дури и високата стапка на смртност, на пример
поради ширењето на сидата во Африка.
Но, наше стојалиште е дека економското исклучување и
маргинализацијата на големите популации се показатели за
неуспехот и неодржливоста на неолибералниот режим. Ниеден
економски систем не може да се одржи ако го задушува
производниот потенцијал на толку големи делови од
популацијата.
Со други зборови, поради неуспехот на неолиберализмот
станува неизбежно да се создаде нов, продуктивен систем во
кој подобро ќе можат да се остварат продуктивните
потенцијали што се присутни во сегашниот свет.
Време е за новата Магна Цхарта. Од англиската историја
помниме дека во почетокот на 13 век кралот Џорџ веќе не
можел да ги плаќа своите воени авантури во странските земји,
а веќе не можел да ги одржува ниту редот и мирот во
општеството.
Кога ù се обратил на аристократијата и побарал пари и помош,
тие за возврат побарале монархот да му се подвргне на
владеењето на законот и да понуди уставни гаранции, та затоа
ја напишале Големата повелба за слободите - Магна Цхарта.
Со други зборови, монархот прифатил да се откаже од строго
унилатералната позиција и активно да соработува со
аристократијата. Нашиот глобален “монарх” денес е соочен со
слична криза - не може да ги плаќа своите војни, да ги
одржува редот и мирот, ниту може да понуди соодветни
средства за економско производство.
Затоа нашата “аристократија” е во положба за својата
поддршка да може да бара ново општествено, политичко и
економско уредување - нов глобален поредок.
Каква треба да биде содржината на денешната Голема повелба
за слободите? Мирот и сигурноста очевидно се важни цели.
Основниот услов за тоа е окончувањето на унилатералните
воени авантури и на наизглед вечната глобална воена
состојба.
Но, важно е и да се обноват глобалните производни сили и
целото глобално население да се воведе во циклусот на
производство и размена. Во тој контекст, приоритетите како
елиминирањето на сиромаштијата и отпишувањето на долгот на
најсиромашните земји нема да бидат чинови на милосрдие туку
обид да се оствари производниот потенцијал кој постои во
светот.
Следно на пописот на приоритети ќе биде преобразувањето на
процесот на приватизацијата и создавањето општ пристап кон
нужните производни ресурси - какви што се земјата, семињата,
информациите и знаењето. Да се направат ресурсите заеднички
нужно е за ширењето и обновата на креативниот производен
потенцијал, од земјоделството до интернет технологиите.
Веќе можеме да воочиме некои од промените кои го назначуваат
патот кон создавањето нова Голема повелба. На пример,
барањата на “Групата 22” на состанокот на Светскиот трговски
форум (ЊТО) во Канкун за поправедна трговска политика во
земјоделието се чекор напред кон реформата на глобалниот
систем. Во поширока смисла, меѓународните сојузи кои
провизорно ги артикулира владата на претседателот Лула во
Бразил, и внатре во Латинска Америка и пошироко, упатуваат
кон можните основи за глобална реконструкција.
Да се прифати таквото предводништво на владите на глобалниот
Југ е единствениот начин на кој аристократијата би можела да
го насочи својот проект за обнова на производните сили и
енергии во глобалниот економски систем.
Друг извор на насочување даваат мноштвото гласови кои
протестираат против моментната воена состојба и сегашната
форма на глобализацијата. Тие демонстранти на улиците, во
општествените форуми и НВО-ата не само што ја изразуваат
осудата на неуспехот на сегашниот систем, туку и изложуваат
бројни предлози за реформи, од институционални договори до
економска политика.
Јасно е дека тие движења секогаш ќе ù бидат спротиставени на
империјалната аристократија, и тоа со право, по наше
мислење. Но, би можело да биде во интерес на аристократијата
да ги разгледа тие движења како можни сојузници и извори за
формулирање на денешната глобална политика.
Некои верзии на реформите коишто ги бараат тие влади, како и
некои средства за вклучување на глобалното мноштво како
активна сила, недвосмислено се нужни за создавање богатство
и сигурност.
Најнапредните влади на глобалниот Југ и протесните движења
против глобализацијата се некои од постоечките сили кои би
можеле да го насочат проектот на обновата. Новата Магна
Цхарта би можела да понуди алтернатива за нашите неуспешни
унилатерални режими.
|
|
|