|
РИЧАРД ХОЛИС
Графички дизајн, куса историја
Од своите корени, кои се наоѓаат во развојот на печатењето,
графичкиот дизајн еволуирал од средство за идентификација,
информација и промоција до професија и дисциплина со свое
сопствено поле. Од концизната историја на графичкиот дизајн,
од Ричард Холис, за оваа пригода избравме неколку поглавја.
Авторитативната документаристичка историја на Холис, инаку,
почнува со постерот и продолжува со преглед на развитокот на
зборот и сликата низ брошури и магазини, преку
рекламирањето, корпоративниот идентитет, телевизијата и
електронските медиуми, истовремено
прикажувајќи ги ефектите на техничките иновации како што се
фотографијата и развојот на компјутерската
технологија. Последното поглавје го прикажува меѓународниот
развој и водечките автори во графичкиот дизајн во последните
десет години, истражувајќи го револуционерното влијание на
дигиталната технологија.
Со голем број илустрации кои сосема се интегрирани во
текстот, оваа исклучителна историја на графичкиот дизајн е
оригинално јасна, сеопфатна и привлечна за читање.
Евидентно е дека текстовите за графичкиот дизајн, особено за
неговата историја, се повеќе од потребни на македонски, со
оглед на тоа што дизајнот снажно се развива кај нас
последниве десетина години, но без некаква посериозна
теориска или друга пишана поткрепа. Маргина не се занимава
прв пат со графичкиот дизајн, а во иднина ќе се потрудиме
оваа важна тема да биде уште позастапена на нашите страници.
|
|
|