Маргина

 Најнов број | Маргина во Точка | Архива... | On-line текстови... | Контакт |

Маргина 68 - избор од содржината

ИШТВАЊ ЕРКЕЊ
Едноминутни новели


 

 


Упатство за употреба

 

Наспроти тоа што се куси, приложениве новели се полноважни текстови.
Една од нивните предности е во тоа што на човека му штедат време, бидејќи не бараат повеќенеделно или повеќемесечно внимание.
Додека јајцето се свари, или додека не се јави повиканиот број (ако е зафатен) да прочитаме една Едноминутна новела.
Нема да пречи ни лошото расположение, или нервозата. Можеме да ги читаме седејќи или стоејќи, на ветер или дожд, дури и во преполн автобус. Во повеќето од нив можеме да уживаме дури и чекорејќи!
Важно е да водиме сметка за насловите. Авторот се стремел кон концизност, затоа не можел да дава наслови што ништо не значат. Пред да се качиме во некој трамвај, го погледнуваме бројот што го носи. Насловот исто така е важен составен дел од приказната.
Се разбира, тоа не значи дека е доволно да се читаат само насловите. Најнапред насловот, потоа текстот: тоа е единствениот правилен начин на употреба.
Внимание!
Ако некој нешто не разбира, повторно нека го прочита посочениот текст. Ако ни тогаш не го разбере, грешката е во приказната.
Нема глупави луѓе, само лоши Едноминутни новели!

 

Смртта на актерот

 

Денес претпладне во една споредна улица во непосредна близина на булеварот Илеи падна во бессознание Золтан Зетелаки, популарниот сценски уметник.
Минувачите го однесоа во блиската клиника, но таму сите обиди и со најсовремени достигнувања на медицинската наука - дури и со помош на железни бели дробови - да го вратат во живот, останаа залудни. Истакнатиот актер, по долгата борба за живот, почина во шест и триесет вечерта; неговите посмртни останки се префрлени во Институтот за патологија.
И покрај трагичниот настан, вечерната претстава на Крал Лир помина непречено. Зетелаки, иако малку задоцни, во првиот чин делуваше премногу изморено (понекогаш се гледаше дека му е потребна помошта на суфлерот), но потоа сè подобро се снаоѓаше, а веќе на крајот, смртта на кралот толку убедливо ја изведе што беше награден со голем аплауз на отворената сцена.
Потоа го поканија на вечера, но не прифати. Само рече:
- Денес имав тежок ден.

 

Говор во парламентот

 

Пратеникот Денеш Денеш, познат по своите значајни предлози и интерпелации, се подготвуваше да земе збор и на денешната седница на Парламентот. Целиот претходен ден го помина во собирање податоци за својот говор, а со него беше зафатен и денес, од утринското будење, додека во постелата си ја пиеше шолјата бело кафе.
Но - можеби поради тоа што главата му беше толку полна - пратеникот на жупанијата Ченгер некако го измеша редоследот на настаните. Наместо прво да се избања, својот предлог закон за наводнувањето не го изнесе во парламентот, туку дома, во бањата, на својата сопруга и двајцата синови гимназијалци. Членовите на неговото семејство едногласно го поддржаа предлогот.
Меѓутоа, во парламентот, како трет говорник во претпладневната дебата, за волја на вистината излезе на говорницата, но наместо да го изнесе својот предлог кој ветува многу подобра иднина за неговата жупанија која постојано е загрозена од суша, тој само зеде топла купка. Седна во када, ги насапуни ушите, вратот, рацете, нозете, пазувите и долните делови на телото, а потоа - откако се истушира и избриша - се врати на веќе традиционалното место предвидено за пратеникот на жупанијата Ченгер.
По куса расправа, во која учествуваше и надлежниот министер, Парламентот едногласно го прифати предлогот и на тој начин законот влезе во сила.
(МТИ)

 
<< назад кон содржината
 

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |