Маргина

 Најнов број | Маргина во Точка | Архива... | On-line текстови... | Контакт |

Маргина 68 - избор од содржината

МАРГИНА #68
елементи на самосвест
 

Одамна во Маргина не сме имале толкав број домашни автори: од двата фотографи, Александар Гроздановски (автор на фотографијата на корицата на овој број) и Дејан Колевски, кои изминативе месеци имаа свои изложби во културниот центар Точка, преку неколкумината прозни автори (Наташа Гелева, Димитар Самарџиев, Алекс Букарски, Бошко Бозаџиевски, Маја Танева, Сотир Ристо и Данко Илиќ), поместени во блокот Текстонски потреси, до текстуално-графичкиот експеримент, некаков вид графички дневник-коментар на Борис Шемов.
Според бројот на страниците, најголем простор во овој број заземаат блокот посветен на поновата историја на графичкиот дизајн и мошне популарната и ширум светот изведувана драма норњаѕ.тодаѕ на швајцарскиот драмски писател Игор Бауерсима.
Од новата книга во едицијата Магма, Едноминутни новели од веќе класикот (но сè уште свеж и неодоливо смешен!) на унгарската литература, Иштван Еркењ, пренесуваме десетина кратки раскази...
Но, најпрво започнуваме со два важни и мошне актуелни “глобални” текстови: еден предлог за ново преуредување на светот на веќе култните теоретичари Мајкл Хард и Антонио Негри (познати по својата книга Империја, од која делови преведовме во Маргина) и еден текст од влијателниот германски социолог Улрих Бек (исто така преведуван во списаниево), за перспективите на Европската унија, текст посебно актуелен сега кога иднината на ЕУ, по референдумите за (не)прифаќање на Уставот во Франција и Холандија, е под голем знак прашалник.
Во следниот број ќе продолжиме со Ју лексиконот и со Жак Дерида, но подготвуваме и изненадувања... Помеѓу тие две Маргини, сегашнава и следната, ко чуден сунѓер-еж, склопчан и потенцијално неверојатно богат во бескрајните шуплинки-боцки, лежи целото лето - време за нуркање во сунѓерот, за пуштање боцки-(перничиња?!), за шњурање по процепите-маргини (ладни карпи, крвави гребнатинки, ракови...), т.е., да скратиме, време за интензивно читање!

 


 
<< назад кон содржината
 

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |