|
Александар Гроздановски
Дрвосечачи
Изложбата
“Дрвосечачи” на Александар Гроздановски претставена во
Културниот центар Точка во Скопје е комплетно заокружен
циклус од триесеттина црно-бели фотографии. Централната
“нарација” во овие фотографии го опфаќа секојдневието на
дрвосечачите покрај битолските шини.

На почетокот е потребно да се
нагласи дека овие фотографии се “изгадени врз принципите на
современата документарна фотографија”. Со ваквото дефинирање
на принципот и начинот на нивна изработка, доаѓаме до она
што најмногу го интересира авторот во претставувањето на
неговите ликови - методот на архивирање, односно архивската
фотографија, при што објектите во неговите фотографии не ги
дели на убаво и грдо, значајно или тривијално. Преку
централните композиции, со изразено контрастен однос
светло-темно, авторот едноставно ги документира
маргинализираните ликови и нивниот однос кон своите машини.
Овој начин на претставување е многу близок со естетиката на
дизелдорфската школа, но за разлика од строгиот архивски
принцип на оваа школа внесува некои елементи на лифе-пхото.
Сепак, и во овој случај не можеме со целосна прецизност да
ги поставиме овие фотографии во доменот на лифе-пхото,
бидејќи претставените ликови не се заробени во мигот и
несвесни за својата акција, туку едноставно позираат пред
објективот. Самиот начин позирање асоцира на фотографиите на
Дајан Арбус, а фронталната поставеност подразбира соработка
со субјектот. Дрвосечачите на Гроздановски се донекаде
слични на Арбусовите маргинализирани луѓе, неугледно
облечени, кои едноставно застанале да позираат и со доверба
гледаат во набљудувачот; исто како и оваа авторка, и
Гроздановски не се стреми да предизвика чувства. Фотографот
едноставно документира, без морализирање и иронија.
Од друга страна, пак, да се фотографира значи на
фотографираното/ фотографираниот да му се даде значење. И
покрај настојувањата на авторот дека неговите фотографии “не
претендираат да го портретираат социјалното милје”, ниту
било какви длабоки психолошки и духовни содржини, сепак, не
постои начин да се сузбие тенденцијата присутна во секоја
фотографија, односно значењето и слоевитоста на приказната.
Фотографиите на Александар Гроздановски од циклусот
“Дрвосечачи” ни презентираат еден интересен пристап кон
фотографијата различен од оној кој сме навикнати да го
гледаме постојано. Она по што оваа изложба може да се издвои
е токму методот на архивирање кој од една страна се
издвојува од дневните репортерски фотографии, и од друга
страна од чисто уметничкото изразување преку овој медиум.
Циклусот “Излози и огледала” во извесна смисла има одредени
допирни точки со “Дрвосечачите”, но освен поврзувањето врз
основа на третманот базиран врз принципите на современата
документарна фотографија не би можело многу да се зборува за
нивните сличности. “Излози и огледала” е работен во период
од неколку месеци (јануари-април 2005) и во неколку градови
во Хрватска (Загреб, Сплит) и Македонија (Скопје).
Иако насловот на
овој циклус може погрешно да наведе на ангажирани
размислувања поврзани со документирањето и анализирањето на
потрошувачките навики, во основата на овие фотографии се
наоѓа сосема друг “несоцијален” момент - истражувањето на
ликовната (во овој случај фотографска) естетика на
перспективата. За разлика од претходниот црно-бел
меланхоличен циклус, во овие колор фотографии човекот е
ставен во втор план и има улога на пасивен субјект,
најчество несвесен за акцијата која се одвива. Во случајов,
централниот интерес на фотографот се задржува на прозорецот
на излогот како одреден вид параван кој овозможува да се
продре во внатрешниот свет, во случајов вториот план на
сликата, додека првиот план е различно третиран - некогаш е
јасно означен, но најчесто тој го “мами” гледачот да
погледне подобро. Транспарентноста, но и рефлексијата на
стаклата/излозите и огледалата ја овозможуваат оваа игра на
мешање и пресекување на предни и задни планови, и најчесто
не е јасно на прв поглед каде завршува едниот и каде
започнува другиот простор. Претопувањето на плановите и
чудните “графички” преклопувања овозможуваат интересен
простор за анализа.
|
|
|