Маргина

 Најнов број | Маргина во Точка | Архива... | On-line текстови... | Контакт |

Маргина 67 - избор од содржината

ПАНДАЛФ ВУЛКАНСКИ
Артангел и Петар Панк прават муабет чекајќи да се појави господинот Јовановиќ
 

Еве нè како ползиме низ процепите и помеѓу ѕидовите на црковната државна школа & фабрика, сè параноидни монолити. Отсечени од племето со дивјачка носталгија копаме и одиме низ тунелот следејќи ги изгубените зборови, имагинарните бомби.
Хаким Беј

Маската е најрана форма на отуѓување. Во својата слабост и немоќ пред несфатливото и загадочно битие на космосот, соочен со опасноста на животот и неминовноста на смртта, човекот барал слики што будат надеж и симболи на заштита.
Ото Бихаљи Мерин

-Кого треба да видиме денес, Петар? - прашува славниот уметнички продуцент и галерист познат под името Артангел.
-Ѓоле, чедото Јовановиќ, почитуван Арти - вели младиот ловец на таленти, во уметничките кругови познат под името Петар Панк.
-Знаеш ли ти, пријателче, дека гледањето е пламен?! Тоа е теорија на Емпедокле: окото е составено од вода и оган, кои се одвоени со бескрајно нежна опна која на огнот не му дозволува да влезе во водата но му дозволува да излезе надвор, што всушност е гледањето.
-Затоа ние сме во галерискиот бизнис, Арти, за да ги спржиме сликите што ни доаѓаат во пресрет, да ги претвориме во уметност-роба-камен, т.е. лова, ко Мида, ко Медуза...
-Така е. Башка, имаме и подвижни очи ко од египетската митологија, Атумовото око што шета, или ко тие летечките оси што сканираа очи во Мајнорити Рипорт, се сеќаваш, Петар?!
-Се сеќавам, Арти, и на друг еден филм, Хангр... Заебана е нашава работа, истовремено дила со деструкција и бесмртност, чинам...
-А младото уметничко месо секогаш е добродојдено... Вреди ли нешто момчакот Ѓоле? - прашува Артангел, но повеќе реторички, бидејќи никогаш не се сомневал во изборот на својот помлад колега и агент.
-Глеј, Арти, играта секогаш е двојна, и ние исто секогаш сме под одреден ризик на гледање иако, фала богу, сме маскирани. И момчаков исто гази на два континента, евроазија, би рекол, т.е. концептот што треба да го видиме така му се вика: Прошетката на господинот Џовек низ преполовениот континент.
-Преполовен на оган и вода, така? Џовек, велиш, да ми се ниша на стапов довек...
-Добро што го спомна тоа, Арти, ми текнува и друга работа кога вака се фураме на бреин сторминг, оган-вода, маска-тело ти реков ми рече, а и прибидејќи сме ко некакви макроа во арт бизнисот: окото е и фалус, почитуван пријателе.
-Знам. Постои и нешто ко животно, саде фалус, хетерокотил, а и Озирис го има негде загубено тринаесеттиот дел од себе, кој се осамостоил, а не е око...
-Е па, момчакот исто има стратегија да не биде спржен под погледите; ем произведува слики ем е интересен ко маска, да ти одговорам на прашањето, почитуван пријателе.
-А има ли стратегија, ако веќе не сака да биде спржен, да биде меѓу оние што пржат?
-Тавтолошки прашања, Арти... Јасно дека има, чедото е, ебате, уметник... Со самото изложување напаѓа, тоа ти се стари борбени вештини, ко да не знаеш, пријателе, па само за тоа и збориме, за камуфлажи, борба и џунгла, зарем не?!
-Така е, Петар. Криволак е зафркнато место, криволов и заебанции во секое време... Таман му се пуштиш на некое крваво купченце стуткано во тревата кога од него ти изрипува борбено бојосаниот пигмеец кој почнува да ти се заканува со тоа копјенцето... А од кај го знаеш, Петар, чедото Џовек?
-Од тука, од криволачко... Заедно окапуеме во “Лезет”, дење-ноќе, таму се дружиме со чудната дружина на Лукаш, Љубиша, Сашка, Тамара, Јане, Гане Тодоровски и Светлана Христова Јоциќ, ги гледаме глупите филмови, ги посетуваме опскурните дувла ко “Точка” кои се супер тест за разоткривање на секакви уметнички патологии бидејќи тамошната галерија изложува саде роршахови флеки... И се држи момчаков, мора да се признае, низ целото лудило, гипко е створењцето, можеби и битно, не знам, пластично, заебано, со еден збор, под превезите.
-Се согласувам, Петар, тоа е нашата вообичаена тема, камуфлажата и спасот од гладните глутници во ужасов во кој живееме, а кој се одѕива на името Криволак.
-Не се знае кој кого гони, така, во Криволак, ловците ѕверовите ил обратно, огнот погледот?!
-А крив ли му е лакот на криволаков, драг мој Петар?!
-Претерахмо, Арти, со таа фалусоидна заебанција, но чувствувам дека ми изнудуваш информации за момчакот, не, го анализираме просто психоаналитичарски, чинам?!
-Се согласувам, Петар, да се вратиме на јебаниот мотив на маската, клучен кај чедово, велиш... Маската е второ лице, всушност, кое го крие својот носител, го преобразува и засолнува... Маската е и како некакво второ име, не, кое е израз на надстварната личност на човекот, Петар? На нас?!
-Имаш право, Арти, тоа е токму нашата приказна. Само што ние сме сосем камуфлирани, ко надстварна слика на џовек, што би се рекло. Па и повеќе од тоа: “нашите маски се кристализација на нашите без-личности”, ко да сме облаци, ебате, зарем не?!
Знаеш што вели еден друг племенски пајташ на Хаким Беј: нашата маска не служи само за покривање на лицето и главата, туку на целото тело...
-Знам Арти. Ние се фураме на концептот кога “целокупната личност на носителот на маската, прекриена со образина или капуљача, сочинува маска...”
-Прав си, Петар. Треба да се преживее во Криволак, па макар под парталавите образини на монструм...
-Не ја заборавај и фарбата, Арти, што ја спомна прееска, важен елемент, прибидејќи си имаме работа со молерско чедо, маскирано...
-Така е, Петар: неретко, меѓу одредени племиња во криволачко, се случува боите, со кои е прекриено целото тело на носителот на маската, затскривајќи го, всушност да ја заменуваат маската-облека... На тој начин од носителот на маската ништо стварно не останува видливо... Само изрипуе склопчаниот питон, ма не ни изрипуе, само те прибира во себе, те шмука... Така е или не е така, Петарчо?!
-Така е, Арти. Ние сме и ко прекрасниот камелеон што го испушта своето ласо-јазик, да не речам око-фалус, и закачува и прибира... Во тоа и се состои нашиот уметнички драјв во јебанава селендра: во камуфлирањето и челичењето, истовремено. А малиов Ѓоле-Џовек е јак и на лудило, баш ко ритуалец, обредџија, племенски типац...
-Супер. Уште подобро за трговија, не? За создавање митови, така? Со таа пролиферација на маски и обреди ние само го фураме бизнисот, така, капитализмот, т.е. уметноста, што е едно те исто, зарем не, робата-фетиш, која е уметнички предмет, добога, Петар!
-Така е, Арти. Кој не го знае тоа магаре е, недвојбено.
-А од друга страна, сепак, те запичуе метафизичкиот ужас, тој страшен провев, така, што фури низ многубројните завеси, сцени... Површното и пластичното на робата-стока, спакувана, да не речам маскирана, а зад тоа, зад велелепната источњачка вештина на дарот-празнина (феноменално спакуваната кутија во која нема ништо!), брррр, бездните на ништожеството, така?
-Така, баш, ко да го знаеш чедово што ни доаѓа во храмот, Арти, си станал сосем видовит, ко лудак некаков, да те ебам!
-Ќе ти речам уште една работа што може сум ја прочитал а може сум ја видел низ насетувањата на чедото што ни се придружува: непознатото, т.е. таинственото, забранетото, скриеното, ги маѓепсува таканаречените уметници.
-Малиов е и скулптор. Може и оттаму доаѓа неговата зафркнатост: древните скулптори со помош на идоли и маски се обидувале да му дадат видливо обличје на непознатото за кое збориш, Арти...
-Слоевит ко кромид! Да не е сепак некоја заебанција зад сево ова?! Да не ми местиш некоја подла игра, пак, Петар?! Постои ли воопшто тој Ѓоле Јовановиќ ил се стоунираме овде ко Владимир и Естрагон, ај да тргнеме, ај, еве само што не сме, и не мрдаат.
-Ме плаши твојата недоверба, Арти, понекогаш. Ако си клучар на храмот на уметноста, ебате, не значи дека си лав! Го знаеш она: “Сите траги водат кон тебе, а ниедна од тебе!” Плаши тоа, нели?!
-Е па плаши! Плаши еманацијата на уметноста длабока и мистериозна ко Алшар и Али Бабината пештера заедно, а која се врти со фиук на името АРТАНГЕЕЕЕЛ!!!
-Каков его трип, Арти, ко стварно да се расшрафуваш... - вели Петар Панк.
Во тој момент на вратата се појавува Ѓоле Јовановиќ, а на сите страни почнуваат да фрчат пламени погледи...

драмолеткава базирана врз авторизираниот снимен разговор ја состави:
Пандалф Вулкански


назад

 


<< назад кон содржината

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |