Маргина

Претходен број | Нареден број | Маргина во Точка | Архива... | On-line текстови... | Контакт |

Маргина 64 - избор од содржината

ИГОР ТОШЕВСКИ - СЛОБОДНИ ТЕРИТОРИИ


Никола Гелевски
ГРАНИЦАТА НА МОЈАТА ТЕРИТОРИЈА Е границата НА МОЈОТ ЈАЗИК


Местото од коешто му приоѓам на проблемов всушност е променето, тоа не е баш ни внатре, а не се знае дали е однадвор.
Жак Лакан
Она што овде се прикажува, во целина е разбирливо само како дел од нешто поголемо (од “сликата” вон видокругот), но е и премногу недостапно за да можете да му ја најдете точната локација (“конструкцијата” која штотуку во себе ве вклучи и вас).
Џозеф Кошут
Каде е темелот? Дали тоа е отсутноста? Не. Пукнатината, прорезот, потегот на отвор се причина да се појави отсутноста - како што крикот не се оцртува врз темелот на тишината, туку напротив, условува таа да се појави како тишина.
Жак Лакан
Она што ми се допаѓа во проектите на Игор Тошевски е спојот меѓу едноставноста на неговиот уметнички јазик со мошне комплексните асоцијативни значења кои произлегуваат од практикувањето на тој наизглед чист, јасен и разбирлив креативен ракопис. Впрочем, “уметноста секогаш морала да го знае она што никаде не може да се научи”, и затоа нејзината структурна поставеност во општественото поле е таква: неуловлива, неодредена, флуидна и подвижна токму како една краткотрајна слободна територија (во која зацапувате, понекогаш и без да знаете) исцртана со жолта боја, по скопските или некои други улици и плочници (па и ливади).
Во овој текст, значи, на виделина, набодени на моите импровизирани сонди со кои брцам по вулканите, ќе изложам парчиња од она што го избуричкав (или од она што беше пробуричкано во мене) претајќи со вилушчињата-сонди (зборови-куки) по “Слободните територии”, најновиот проект на Игор Тошевски.
Текстов, исто така, и по обичај, го прогласувам за слободна територија, и за да ја избегнам “илустративноста” и за да повлечам огради, следејќи ја својата потреба да се создаваат слободни територии внатре во слободните територии.
Моите први асоцијации, значи, поврзани со “Слободните територии” водеа кон нашите херојски предци, партизаните и комитите, кои создаваа мали слободни простори среде окупираниот предел.
Всушност лажам: прво ми паднаа на ум, очекувано (со оглед на мојата интелектуална пренапрегнатост), Витгенштајн* и Хаким Беј со неговиот концепт ТАЗ (Темпорарна /привремена/ автономна зона). Беј, додуша, повеќе зборува за привремените автономни зони на информацијата, но инсистира на неочекуваните спојувања (“тао надреализам - велосипед направен од срца и молњи”) што се претвораат во поетика или во изнаоѓање нови начини на знаење или дејствување.
А сепак, патот на асоцијациите ме нанесе и на трети места (затоа и зборувам за парчиња, испресечени низи и буричкања), и сега молам внимание и разбирање за конечно да ја изложам средишната (во “географска”, тополошка смисла) намера:
Со проектот “Слободни територии” Игор Тошевски (на едно од илјадата платоа, повторувам, што го избравме како нагледно) се зафаќа со можеби највжештеното прашања на Балканот, и во моментов и низ историјата: прашањето на исцртувањето граници, т.е. одбележувањето на (мојата) територија. Се разбира, ова прашање не е специјалитет на регионов (кој ионака од многумина е прогласен за граница меѓу Истокот и Западот**), но загрижува неговата актуелност на просториве, наспроти европските тенденции кон (внатрешно) релативизирање на границите.
Од тое причини решив главниот поднаслов на овој текст да биде: границата (на територијата).
Границата има цврсти корени во земјата. За нејзиното исконско потекло сведочат многубројни термини во речиси сите човечки јазици. Како што вели стручњакот за прашањето на границата, Пјеро Занини, многу често границата значи бразда што ралото на плугот ја остава во земјата. За светот од времето на Латините, трагот на ралото е прабразда, онаа исконска бразда која го засновала градскиот простор и го означувала градскиот хоризонт; тоа е линијата што го одвојува градот од селото, внатрешното од надворешното. Но, и повеќе од тоа: да се означи со плуг границата значи да се запечати односот помеѓу земјата и небото; тоа место не го избрале луѓето туку го откриле боговите, а оној што ја исцртува браздата повеќе е свештеник отколку владател.
Во тој прв урез во земјата има нешто жртвено, тука се наоѓа клицата на првобитното насилство. Рим, на пример, настанува со Ромуловото жртвување на Рем, кој се осмелил во својата дрскост да ја премине, негирајќи ја, светата, штотуку исцртана граница. Поигрувањето со границите може да биде мошне опасно; при тоа трагичното и смешното се тесно поврзани.
Се чини дека Тошевски е свесен за таа трагичка опасност од поигрувањето со границите и затоа му приоаѓа на проблемот од една лудичка страна, од страната на креативната игра; но, играта не ја намалува комплексноста и правилата не ги редуцираат значењата; напротив: проектот “Слободни територии” отвора нови непрегледни територии за толкување и посматрање, но отворајќи ги наталожените пластови значења тој успева да фати релации и со некои претходни проекти на Игор Тошевски (Досие 96, Преместувања, Вагата итн.). За што повеќе - во друга пригода.
Низ снажно нагласениот аспект на хумор, значи, и многу вешто и упатено користејќи го јазикот на концептуалната (или акционата) уметност, Тошевски проговорува - со јазикот на играта, кој секогаш всушност ја претставува границата на самиот јазик, секогаш е малку “мета” и многу автореференцијален - за нашата локална опседнатост со прашањата на териториите и границите, но проговорува и за европските постојани поместувања на границите и териториите, за целиот светски (постколонијален)геополитички хаос, во моментов, всушност проговорува Тошевски, с$ играјќи си некаква своја верзија на плочка по градските улици по кои ака со својот фотоапарат, едновремено создавајќи го сопствениот проект и архивирајќи го.
На некој начин - ако проектов сакаме да го читаме и политички - се чини дека Тошевски им се потсмева на новите балкански картографи опседнати со границите на крвта и тлото. Но и повеќе од тоа: се добива впечаток дека уметникот н$ повикува токму да повлечеме црта, да отвориме еден макар комичен фронт во сопствените животи и на сопствените улици. (Италијанскиот збор за граница, фронтиера, како и шпанскиот фронтера, францускиот фронтиере, англискиот фронтиер - сите тие зборови во себе ја содржат именката “фронт”.) Линијата што владетелот ја зацртува со лењир (регула, на латински) не ја одредува само просторната територија туку таа претставува и регула,т.е. правило до кое треба да се држиме за да останеме исправни.
Исправноста (естетска, морална, политичка) овој пат ни е сугерирана од страната на играта, на уметноста, која на еден чуден начин, и кога била најкомична - а можеби особено тогаш! - имала снажен политички набој и снажен субверзивен потенцијал.
Сепак, во проектите на Тошевски, дури и кога имаат јасни критички алузии, поетиката секогаш е пред политиката. Затоа сакам да обрнам внимание и на едно поинакво значење на границата, кое го спомнува Дерида, трагајќи по грчките корени на зборот: границата е хоризонт, место каде што се допираат, отвораат или конфронтираат истото и другото.
Значи, да резимираме, покрај препознатливиот и суптилен креативен ракопис кој го карактеризираат актуелноста (и на содржините и на изразните техники), духовитоста (која секогаш има и нотка на самодеконструирање) и поетизацијата (дури и на еден деликатен жанр каков што е концептуалната уметност), во “Слободните територии” Тошевски покажува и мошне истенчена политичка свест, која можеби просто е проникната, како магма, во значенските вулкански бездни на секоја поголема и подлабока уметничка практика.
Со обидот да придонесе кон едно поинакво картографирање на просторот што го опкружува, всушност кон неговото преосмислување, Тошевски мошне прецизно се мапира и себеси, го исцртува сопственото дело на таа голема (постколонијална, борхесовска, секому дадена за да се впише во неа) карта за која просто програмски пишува и Клифорд Герц:
“Она што го гледаме не е само ново зацртување на културната карта - поместување на некои спорни граници, обележување на некои сликовити планински езера - туку измена на самиот процес на картографирање. Нешто се случува со начинот со кој мислиме за начинот на којшто мислиме.”
 


назад


 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |