|
ГОРАН СТЕФАНОВСКИ
КОНЗЕРВИРАНИ ИМПРЕСИИ
9.
Скоравени нокти што безуспешно се обидуваш да
ги скриеш од нерасположените сопатници, воспалено јазолче на
предниот дел од јазикот, кошула, џемпер и сако кои го изобличуваат и
онака изобличеното тело, мрсна кожа, книга која се метка од колено
на колено откако сите обиди да се чита пропаднале, уплашена помисла
на претстојниот далечен пат кој како-така мора да се мине, секакви
чудни спомени, чад во очите, бесмислена конверзација која си
присилен да ја слушаш, некаков туѓ вкус во устата, чудење зошто си
воопшто тука, убедување дека сè минува и оти мора да се има трпение,
сув запарен воздух, стенкање на шините кое може да се чуе само ако
се мисли на него и кое може да послужи како придружба на која и да е
песна и нејасен заклучок дека се сфатило што значи да се биде на пат.
31.
Сето ова што со часови ми го раскажуваш и
објаснуваш, одамна и одлично ми е познато. Воопшто не те слушам.
Цело време размислувам како да бидеме заедно на некој потивок начин.
33.
Играме фудбал. Некој од противничката екипа
погрешно ја упатува топката во куќата отспротива и крши прозорец.
Истрчува лутиот газда. Се упатува точно кон мене, гледајќи ме право
во очи.
35.
Одвај сме се воздржале да не удриме некого кој
многу нè налутил. Од една страна, задоволни сме од својата
присебност. Од друга страна, се прекоруваме што на неудрениот сме му
дале погрешна слика за нас, така што тој можеби и не знае за нашата
лутина. Од трета страна, што е најлошо, тој можеби знае сè.
36.
Кога некому кој ни е близок со наивна
добронамерност му даваме совет онаму каде што сметаме дека на тоа
имаме полно право, а тој не само што не нè слуша, туку нервозно
одмавнува со глава и ни се развикува да не се мешаме во туѓи работи,
чувствуваме дека некаде оддалеку почнува да нè нагризува некаков
нерешлив парадокс.
87.
На свадба има музиканти помодрени од свирење;
испотени, пијани и избезумени играорци без слух; мајки кои под маса
ги штипат децата што одбиваат да јадат од ручекот чија цена ја
одбиваат од цената на подарокот пресметувајќи ја нето добивката;
изгубени деца од непознати родители; грди, лошо нацрвени, штотуку
ондулирани домаќинки во фустани кои некогаш биле нови и модерни, кои
ги тераат своите збунети ќерки да земат од свадбената торта која
носи скора женидба и на нивна глава; сеирџии; распашани мажи со
вратоврски во џеб кои се удираат по рамо со новостекнатите роднини;
зловолни сватови кои сè уште ја очекуваат супата и ги мразат оние од
другата маса кои веќе го изеле десертот и се проѕеваат; келнери кои
или пцујат против оваа завера против нив или се мавтаат наоколу без
работа; млади заводници на кои не им е местото тука, но некако се
вовлекле и се приклучуваат на орото меѓу две жени.
Ако подобро се загледа, ќе се видат и младенците на кои работите им
се се помалку јасни, па со страв се држат за раце, за првпат соочени
со товарот на одговорноста
93.
Тешко е да се зборува со други луѓе кои
однекаде стекнале смешно убедување дека сме паметни и сериозни.
Начинот на кој нè гледаат и слушаат ни создава неодолива желба да
направиме пред нив комплетни идиоти од себе.
97.
Навечер, со куфери в раце, брзам кон
железничката станица, нервозно избегнувајќи ве вас, минувачите, кои
ми доаѓате во пресрет. Да не одев на пат, вие ќе бевте мои сограѓани,
мои собраќа, заедно уморно ќе одевме на спиење, како обично. Вака,
веќе не ви припаѓам, овие улици не се мои улици, градов не е мој
град. Иако сè уште не сум тргнал, веќе не сум со вас, не сум тука,
веќе патувам.
98.
... онака тивко и радосно, како пациент кој по
долго боледување е пуштен од болница па сега, иако гори од желба да
потрча, намерно чекори споро и внимателно, само да не ја злоупотреби
брзоплето едвај дочеканата слобода.
101.
Околу мене предавства и убиства, палежи,
колежи и сиромаштија, мака и смрт, неправда и лудило и самоубиства.
Јас мирно седам и молчам и пишувам конзервирани импресии.
◄
назад
|
|