Маргина

Претходен број | Нареден број | Маргина во Точка | Архива... | On-line текстови... | Контакт |

Маргина 64 - избор од содржината

ШВАЈЦАРСКА АРХИТЕКТУРА


Херцог и де Мерон
За нас поимот традиција претставува еден многу важен поим, зашто секогаш со воодушевување сме гледале на традиционалните култури, зашто таму можеме нешто да сфатиме и нешто ново да научиме. Архитектурата е највидливиот израз на тие традиционални култури; затоа би било погрешно да тврдиме дека тоа не нè интересира. Она што навистина не нè интересира е да ја правиме традицијата жива во една конзервативна смисла; тука сме сосема ригорозен. И од таа причина идејата за табула раса претставува важен дел од нашата стратегија - да почнеме сосема одново и да бидеме свесни дека живееме овде и сега: со денешните средства да го направиме светот место за живеење. Тоа точно ја погодува суштината на нашата претстава за светот и претставува движечка сила на нашата работа.
Денес мора да се најде можност да се постават некои прашања: Што е природата? Што е градот? Како живеат луѓето? Како патуваат? Како се движиме? За овие прашања веќе ништо не може да се научи од традицијата. Градот веќе не може да се сфаќа исклучиво типолошки, како што тоа се обиде да го направи Алдо Роси. Помислата дека порано постоел типолошки ред со внатрешни дворови и дека треба и денес така да се гради, е една мисла која не води никаде. Во таа смисла сосема се оградуваме од традицијата.
Нашата архитектура попрво го користи слоганот “одново да се промисли а не да се презема туку- така”, зашто светот не го гледаме во некаква поларна или дијалектичка форма. За нас повозбудлива е истовременоста на нештата и феномените.
Преку овие прашања, голем дел од швајцарските архитекти ќе се обидат да го пронајдат својот јазик за градење нов архитектонски идентитет кој прецизно ќе го отсликува културниот контекст, или ќе го бранат оној архитектонски код што се залага за едноставност и зборува за заедничките интереси на историјата на архитектурата, нејзината седиментација, филтрација и јасност.
Она што ја карактеризира швајцарската архитектура и што истовремено е и нејзин најзначаен аспект, е поклопувањето на условите  под кои се врши школувањето, продукцијата, инвестирањето, прецизноста на техничките одлуки и вештата изведба. Тргнувајќи од кантонот Тичино, кој со себе носи богато архитектонско наследство, па сè до бреговите на езерата, преку алпскиот пејзаж и широките долини, од градовите до селата, поголемите индустриски и економски центри како Цирих и Базел, оваа мала земја е идеално место на кое ќе се претопуваат, судираат и разминуваат провокативни идеи од различен формат. Јавните или приватните клиенти се со широко отворени рецептори за ваквите идеи: дали поради суштинско разбирање и прифаќање на новите архитектонски струења, дали поради престиж или креирање нов општествен, економски и културен статус, архитектурата не тапкаше во место.
Стратегијата на Швајцарија за создавање нова културна позиција во светот ги скрши катанците на банкарските трезори; потекоа пари, се родија нови, дури и економски неиздржани објекти. Сето тоа поради новата културна слика на Швајцарија.
Архитектите најмалку се противеа на тоа. Го стимулираа секое ново протекување на парите со исфрлање нови и попровокативни идеи. И поскапи.
Извонредната раскош и егзактното спојување и комбинирање на материјалите, строгоста на формите и сензуалноста на текстурите, е ракописот со кој швајцарските архитекти ги потпишуваат своите дела. Во начинот на практикување на таквите модели на работа и мислење можат да се пронајдат корените на оваа разноликост во културата која е синтеза на модерното и традиционалното.
Архитектите од земјата без метропола знаат како да ја претстават високата урбана архитектонска култура и како рационалното да го спојат со сензуалното. Швајцарскиот минималист го наоѓа својот израз во синтезата меѓу новиот квалитет и зачудувачкиот јазик.
Суштинско за разбирање на самата архитектура е да се разбере на кој начин традиционалните структури извршиле влијание врз новата архитектура. Архитектот Луиџи Сноци објаснува дека е природно да се биде свесен за околината и дека во неа и преку неа треба да се бараат нови и суштински вредности. Како пример ја споменува прецизноста со која е следена топографијата и географијата во традиционалните градби, геометриската точност со која тие градби се поврзани со земјата.
Архитектурата која настанува како резултат на тие процеси не треба да биде историска; примената на традиционалните елементи на регионот покажува едно темелно, концептуално разбирање на традицијата, а не само нејзино копирање. За архитектот Галфети, пак, традицијата значи примена на форми кои се однесуваат на кое било време освен на сегашното, значи занемарување на контекстот.
Секое место останува заробено во сопствениот контекст.


назад


 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |