Точка

 Што е точка | Архива на настани | Графички материјали |

 


Што е точка?

Точка би требало да прерасне во огледална слика од која ќе се одбива културниот аутизам на привилегираните "национални" центри.

Точка
е простор замислен мултифункционално и во физичка и во содржинска смисла. Во него се развива и се негува книжарско-библиотечен оддел со клуб на читатели, се презентираат дела на наши и на уметници и на движења од регионот. Всушност, формирањето на овој културен центар е обид за градење на средишна точка, културно и општествено урбано јадро во главниот град каде што маргиналната и онаа маин стреам продукција ќе се судираат, преплетуваат, и меѓусебно ќе се конфронтираат или согласуваат.

Точка го следи концептот кој поддржува дискусии проследени со тематски мали изложби, презентации, проекции. Во фокус се хибридните сфери и резултатите од директното соочување помеѓу, на пример, уметноста и теоријата, уметноста и медиумите и нивното учество во идеолошкото и политичкото конструирање на општеството.

Точка е и место за разговор, место за ширење на елементарната демократска култура на слушање и дијалог; и покрај декларативните заложби за демократија во суштина луѓето кај нас на многу малку места можат да практикуваат отворена и толерантна размена на мислења. Една од главните активности на Точка ќе биде регуларниот дебатен клуб, таканаречената "алтернативна школа за демократија", вид форум за дискусии, со што можеби ќе се изнајде модел за дефинирање на релациите и преплетувањата помеѓу културата, политиката и теоријата во едно пошироко општествено поле. Крајната цел би била поттикнување и развој на здраво критичко размислување кое ќе стои наспроти хегемонистичката интелектуална практика.

Главниот мотив да го работиме ова го гледаме во неодложната потреба од активирање на жариште на постојана и отворена полемика во културата и уметноста, во поттикнувањето на сите форми на алтернативно и неинституционализирано мислење, во развојот и унапредувањето на механизмите на создавање и одржување комуникациски стандарди во интелектуалната заедница и нејзино порадикално отворање кон општеството.

Една од причините за настанувањето на културниот центар Точка е обидот да ги разбудиме луѓето од страшната апатија која се наднесла над земјава; особено се трудиме да ги разбудиме помладите и релативно пообразованите луѓе од општеството, кои се подготвуваат за егзил или кои се сосема фрлени настрана. Се обидуваме тоа да го направиме со презентација на атрактивни, современи и важни теми кои не се актуелни само кај нас, и да го направиме тоа на автентичен начин, со реално знаење на "органски интелектуалци", во смислата што на тој збор му ја дава Антонио Грамши, интелектуалци кои имаат чувство за моќта на политиката, за социјалните стратификации и манипулации и кои знаат дека знаењето често служи само за да се зацврстат одамна воспоставените хиерархии во општеството, а не за општеството да се сензибилизира и демократизира.

 

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |