Точка

 Што е точка | Архива на настани | Графички материјали |



Наташа Андреска, „Слики и/или знаци“
изложба
 

26.01.2007, петок, 20.00

 

 

 
 

    На својата прва самостојна скопска изложба Андреска се претставува со дваесетина дела, главно акрилици на платно и цртежи со четка врз со пигменти патинирана хартија. Изложбата покажува интересен уметник со комплексни ликовни интереси: ем да се претстави архаичното, ем модерното; ем фолклорното, ем апстрактното. Објектите на Андреска истовремено се и насликани предмети и знаци, ослободени од секаков контекст, сведени на чудни волумени.

    Во некаква поопшта смисла, насловот на изложбата се обидува да ги долови клучните интереси на Андреска, т.е. нејзиното разбирање на уметноста како обид во сопственото човечко доживување да се дофатат комплексните релации меѓу презентацијата, репрезентацијата и симболот. Таа поделба (внатре во човечкото сетилно доживување) можеби би можеле да ја наречеме, на трагата на Делез, и однос помеѓу видливото и искажливото, помеѓу дисплејот и дискурсот, помеѓу прикажувањето и говорењето.
Самата Андреска вели: “Мојата ликовна постапка потекнува од обидот да го доловам она што го чувствувам како архаичен свет, кој преку одредени симболички и културни кодови јас го сфаќам како “македонски”. Селективната визуелна меморија одбира извесни фрагменти од објективниот простор и им дава семантички набој. Секој насликан објект е анализа на една лична состојба поврзана со насетувањето на една дамнешна историја. Се фокусирам, по ред, на олтарската маса, на потирот, гајдата, мазникот, на Тешкото... Како индивидуални значенски единици, тие не се само фрагменти од еден континуитет, туку и негов знак. Гајдата, аерофоничен инструмент, специфичен за нашата средина, ме означи уште како дете, имајќи долга традиција во нашата фамилија. Масата од олтарот е духовниот центар на православната црква, но тој е амбивалентен: тоа е место на оживување на организмот, во биолошка и духовна смисла, но и место каде се положуваат објекти. Секој објект положен на масата се полни со сакралност. Насликаниот лик на овие објекти е визуелна сугестија. Затоа се обидов да ја задржам, во Тешкото, на пример, тешкотијата на танцот преку една тектонска, масивна форма. Танцот е славење, но и јазик, потаму од зборот, преку кој се комуницира одредена исконска сила.”

    Уште филозофот Џорџ Беркли велеше дека “природното” визуелно искуство на светот, одвоено од посматрањето слики, всушност наликува на јазик. Модерните невропсихолози, како Оливер Сакс, ја потврдуваат теоријата на Беркли, укажувајќи дека луѓето кои на подолго време го загубиле видот мораат одново да ги учат когнитивните техники на гледањето, дури и откако физичката структура на окото во потполност е обновена.

     Иако ликовниот јазик на Андреска е современ и суптилен (и покрај нејзините инсистирања на “архаичноста”, на пример, во некои нејзини платна се чувствува дури и влијанието на поп-артот!), таа се обидува да нè потсети на клучните прашања од историјата на уметноста, пред сè оние за односот меѓу “реалноста” и “насликаното”. Во таа смисла, таа е и специфичен модерен “иконолог”, кој се обидува во своите ликовни дела да ја помири сликата (иконата) и знакот (логосот).

Никола Гелевски


 


дома

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |