Точка

 Што е точка | Архива на настани | Графички материјали |



Транзициската правда во поранешна Југославија
шести меѓународен семинар
 

Шестиот меѓународен семинар од циклусот “Транзициската правда во поранешна Југославија” ќе се случува од 23 до 25 Ноември во Белград и од 25 до 27 Ноември, 2006, во Скопје. Семинарот се организира во соработка помеѓу НВО Белградски круг и Центарот за културна деконтаминација од Белград, како и Институтот Отворено Општество-Македонија, Институтот Евро Балкан и НВО Контрапункт од Скопје. Претходните пет семинари, почнувајќи од декември 2005 се одржаа во Белград, Загреб, Сараево, Приштина и Нови Сад.

 

 

 
 

Шестиот семинар е фокусиран на темата “На границите на Европа: Кои се нашите пријатели / непријатели?”. Целта е темата на Европските интеграции да се опфати од културен и социолошки аспект (на пр. културна историја, културна социологија и културна антропологија). Вклучувајќи ги експертите, интелектуалците и најшироката јавност во дебатата за Евро-интеграциите овој семинар ќе се обиде да ја извлече од тесните политичко-административни кругови и суштински да ја демократизира. Процесот на евро-атлантска ре-интеграција и стабилизација бара од транзициските земји (особено од поранешна Југославија) паралелно да водат два процеси: да ја чуваат демократската визија во колективниот фокус и да се пресметаат со комунистичкото и националистичкото минато. За да се остварат овие две цели потребно е да се изврши радикална реформа на државните институции и да се организира процес на воспоставување мостови што ќе доведе до надминување на омразата, недовербата и поделбите во општеството, при што посебно внимание треба да се посвети на моделите на транзициската правда, која не смее да се сведе само на кривичната туку и на политичка, економска и социјална Правда.
Во рамките на сесиите на семинарот ќе се зборува за теориските аспекти на поимот на Европа, нејзините идентитет, граници, непријатели и позицијата на Балканот од аспектот на другоста. Сесиите за транзициската Правда ќе ги опфатат анализите на уставните процеси на Балканот, особено на српскиот и македонскиот модел.
Настаните ќе се одвиваат во Културниот центар Точка, во Детскиот театарски центар и во Мала станица.
Во рамките на семинарот ќе се одржат презентации на видео дела од Тања Остојиќ и Ирена Паскали.
Специјален учесник во манифестацијата е познатиот американски професор од Универзитетот Колумбија, Гил Аниџар, чија што најнова книга “Евреин, Арапин: историја на непријателот”, која што ќе биде промовирана во понеделник во 12. 30 во Културниот центар Точка, детално ги разработува концептите на Европа, на непријателот, на другоста.
На семинарот ќе учествуваат повеќе истакнати експерти и интелектуалци од регионот: Владимир Глигоров, (Виена), Душан Бјелиќ (САД), Уго Влаисављевиќ (Сараево), Обрад Савиќ (Белград), Петар Милат (Загреб), Владимир Милчин, Катерина Колозова, Љубомир Фрчковски, Хасан Јашари, Елизабета Шелева и др. од Македонија.

ПРОГРАМА НА НАСТАНИТЕ ВО СКОПЈЕ


 


дома

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |