Точка

 Што е точка | Архива на настани | Графички материјали |



“Животен круг низ годишните времиња” од Ива Јосифова
изложба
 

среда (17.05.2006), 21.00, Точка

 

 

 
 


Делата се создадени од рачно изработена хартија од билна целулоза и од хартија со природни пигменти. Оваа хартија авторката самата ја произведува по нејзиното долгогодишно изучување на техникава. На овој начин таа има целосна контрола на изведбата на својата идеја, од почеток до крај. Изработувањето на хартијата е плод на долгогодишното занимавање и изучување.
Идејата за создавањето изложба произлегува од авторовиот обид да ни го пренесе своето специфично дозивување на годишните времиња. Тие се универзален симбол на природниот циклус: раѓањето, растењето, смртта и повторното раѓање, на природата и на човековиот живот. Личното перцепирање и доживување на природата авторката го третира создавајќи дела со кои се заробува моменталната убавина која постојано се трансформира и менува. Кадрираните моменти на (пред)трансформацијата на природните убавини (листови, гранки, цветови...), се “заробени” во целулозна каша, со цел да останат вечно фатени во нивниот единствен момент. Но, моментот на заробувањето не се третира само како носталгично конзервирање на природните убавини, туку создава своевидна артифициелност во која се забележани личните доживувања во миговите поминати со природата.

Изложбата се состои од три системски целости.

Во двете простории се спротивставени два дела, позитив и негатив, каде е нагласена симболиката, а во третата е синтезата на двете дела, реалното видување со нагласување на истата симболика.

Има два клучни елементи кои се провлекуваат во сите дела, а кои се тука за да ја зацврстат идејата за приказување на природната цикличност, идејата за менливоста и неменливоста.

Првиот елемент е дрвото, кое доминира во сите дела. Може да се протолкува како дрвото на животот, космичкото дрво, но тука се користи како константа; симбол-метафора за создавањето на светот, сведок на сите природни промени во текот на еден годишен циклус.

Вториот елемент е бојата. Со искористување на симболиката на боите и нивните својства, секое годишно време претставува комбинација од бои, кои со своето природно потекло му даваат соодветна асоцијативна атмосфера.
 

 


 


дома

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |