Точка

 Што е точка | Архива на настани | Графички материјали |



Јавен разговор со хрватската писателка Ведрана Рудан
 

Четврток, 11 мај, 21:00, Точка

 

 

 



 


Би сакале да Ве известиме дека во четврток, 11 мај, со почеток во 21 часот во културниот центар Точка ќе се одржи јавен разговор со познатата хрватска писателка Ведрана Рудан. Разговорот ќе го води Роберт Алаѓозовски.
Повод за разговорот е објавувањето на романот Црнци во Фиренца, што издавачката куќа Темплум го објави пред неколку дена. Пред јавниот разговор, авторката во четврток од 18 до 20 часот ќе потпишува книги на штадот на Темплум.
Ведрана Рудан, хрватската писателка чии “извори на енергија и радост” се американските писатели Џером Дејвид Селинџер и Џон Фанте, досега има објавено два романи: Уво, грло, нож и Љубов на последен поглед. Црнци во Фиренца е нејзин трет роман, кој на одличен начин ги продолжува преокупациите на авторката искажани во предходните две книги.
Често обвинувана за вулгарност и преголема соголеност на искажаните идеи, Рудан сепак стана писателска ѕвезда со тиражи на кои речиси секој балкански писател може да им завиди.
Директна и отворена, на моменти груба, пишувајќи текстови кои се наоѓаат на работ меѓу колумна, есеј и памфлет, таа флертува со најфрагилните точки на општеството од кое произлегува. И се обидува пред сè да биде непријатна за оние кои ја преземаат улогата на создавачи на јавното мислење и на доминантните имаголошки модели кои го дефинираат хрватското општество.
Црнци во Фиренца може да се чита и како студија за начинот на кој поединецот почнува да се деконструира и раслојува во околности кога неговиот кршлив идентитет е нападнат од вулгарноста на меркантилистички настроената средина која диктира дека баналното преживување е врвна егзистенцијална цел. Затоа баналните еха на медиумските етички парадигми ги повторуваат дури и неродените бебиња. Рудан верува дека избанализираноста на светот кој телевизијата го претвора во инстант реално шоу доживување е толку корозивна што единствената одбрана на поединецот е штитот изграден од секогаш веќе површната вулгарност. Затоа нејзините ликови стануваат субјекти кај кои внатрешниот свет и околината се во суров, мачен, болен, хаотичен конфликт. Ликовите го умножуваат хаосот во себе зашто надворешниот хаос, понуден како единствена можна стварност, не им дава никаква друга можност освен светот да го прифатат како вулгарна пцовка.


 


дома

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |