|

На 08.04.2006 година (сабота) ќе се одржат два настани:
Првиот настан е со почеток во 20:00 часот.
Промоција на списанието Маргина бр. 71 и затворање на изложбата Сурогати. Изложбата беше отворена на 10.03.2006 година, а целта на затворањето на изложбата е продажба на изложените картички сурогати, по симболична цена. Секој од посетителите ќе има можност да одбере некоја од 220- те изложени картички. За дизајнирањето на овие картички- сурогати се употребени дела од 23 македонски уметници, кои припаѓаат на помладата творечка генерација и воедно даваат мал пресек на македонската сцена од крајот на 20-от век и на почетокот на 21-от век. Самите тие засебно делуваат како мали уметнички дела.
Бонус настан е доделување на Електролит наградите за февруари и март.
Повеќе за Електролит 
Вториот настан е со почеток во 21:00 часот.
Како дел од програмата на Б-Линк фестивалот во органзиација на Озон од Белград, acidfake (МК) ќе настапува во живо со MKDSL(СЦГ). Станува збор за нов вид комуникација помеѓу уметниците, преку интернет, кој ги поместува границите на креирање музичко творештво. На овој начин, по пат на соработка, авторите ќе се надградуваат и надополнуваат еден со друг, создавајќи единствена звучна целина. Сето тоа ќе се одвива во живо од две различни места, овојпат релација Скопје, Културен центар Точка – Белград, галерија Озон, која ќе се оствари со помош на интернет врска. Белградскиот настап ќе биде пренесуван во Скопје, а скопскиот во Белград. Истото може да се следи во живо и на инернет, на ww.b-link.org. Овој настан е дел од програмата на фестивалот SOUND.BRIDGING.
Белградскиот фестивал за нови комуникации, иницијатива на проектот ОЗОН кој прикажува и поддржува креативни и инвентивни тенденции во веб опкружувањето, и тоа превенствено во областа на експерименталното уметничко творештво, веб дизајн и работење во мрежа. Целта на фестивалот е да ги собере сите креативни сили кои се подготвени и способни во соработка со значајни меѓународни институции да осмислат и реализираат програма од општо, не само локално, туку и регионално и меѓународно значење. Структурата на овогодишниот (нулти) фестивал е од ревијален карактер и е формирана во рамките на две целини: бизнис и уметност. Со цел да кореспондира со глобалните современи тенденции, Б-Линк во својата дневна програма, посветена на користење на интернет во бизнис сфеата, и вечерната, уметничкиот сегмент на фестивалот, претставува и актуелизира теми чија цел е придонес во развојот на новите комуникации.
Овој настан е дел од тенденциите за откривање алтернативни јавни простори на дејствување кои Културниот центар Точка има тенденција да ги развива во иднина. |
|