"ОNА 3" од
Верица Ковачевска
видео / перформанс
Во вторник, 21.02.2006, во 20.00 часот, и во среда, 22.02.2006, во просториите на Културниот центар ТОЧКА во Скопје ќе биде претставен проектот под наслов
ONA 3 на младата уметничка Верица Ковачевска. |
|
|
Верица Ковачевска е родена 1982 година во Скопје, Македонија. 2004 година дипломира на Универзитетот Плимут, Факултет за уметности - отсек Визуелни уметности со театар и перформанс во Екситер, Велика Британија. Истата година учествува на 10-тиот курс по Визуелни уметности, воден од Xими Дурхам, на Фондацијата Антонио Рати во Комо, Италија. Досега учествувала на повеќе групни претставувања и работилници во Велика Британија, Италија и Русија, а македонската публика имаше можност да ја запознае работата на Ковачевска во 2005 година преку нејзината самостојна изложба Learning to Love Me (Младински културен центар) и преку нејзините учества на групните изложби во Музеј на современата уметност - Скопје (Преку границите, 7. Биенале на младите уметници и Art Now! Прослава на британската и македонската изведувачка и визуелна уметност во чест на роденденот на Нејзиното Височество Кралицата) и Велес, Културна Офанзива! Операција Велес, Денови на културна размена.
Ковачевска работи најчесто јавни акции и перформанси, кои ги документира со фотографија, видео и текст. Нејзините дела се многу интерактивни, во кои често пати публиката е директен учесник (The Circle, 2003; Without this we wouldn’t have had this conversation, 2003; The Phone Box Project, 2004; Red/Blue Tickets, 2004; Is Verica Kovacevska an artist?, 2004) или пак го креира самото дело (The Waiting Room, 2001; Opening Night Audience, 2004, Комо, Италија; и Opening Night Audience 2, 2005, Милано, Италија). Преку постојаниот процес на само-анализа, делата ги третира како еден вид истражување за уметноста, животот, индивидуата, општеството и нивниот сооднос.
Првиот дел на проектот ONA 3 е составен од серија на 7 кратки видео перформанси, реализирани во 2003 и 2004 година во Англија (Copy Cat, 2003; I Must Be, 2003; The Smile, 2004; Food Forcing, 2003; My Daddy Makes Me Sad, 2003; Rob's Four Ways of Using a Rope, 2003; Different Ways of Using a Fork, 2003). Овие кратки видео перформанси ги карактеризира едноставноста и употребата на еден кадар (снимани се одеднаш). Авторката користи кореографирани движења, елементи на повторување и текст за да прикаже, па дури и да исмее одредени појави - шеми на однесување (најчесто изнасилено однесување); злоупотреба (доминација врз луѓето); или употреба (креативност). Во сите дела, авторката се обидува на што подуховит и помалку пренасилен начин да прикаже одредени животни ситуации.
|
|