|
Разговор: Менаџирање на културната сцена во кризни времиња
(предизвици, шанси, партнерства)
|
На 16 декември (петок), во 20.30 часот, во просториите на Културниот центар Точка ќе се одржи разговор на тема Менаџирање на културната сцена во кризни времиња. |
|
|
|
Воведничари во разговорот ќе бидат проф.
д-р Милена Драгичевиќ-Шешиќ, европски реномирана експертка за
културна политика и културен менаџмент, професорка на Универзитетот за
Уметности во Белград, и Теодор Целакоски, проект директор во
Мултимедијалниот институт, МАМА, во Загреб. Разговорот ќе го води
Никола Гелевски, од културниот центар Точка.
Разговорот има две основни цели:
1. како да се вкрстат регионалните теориски и практични искуства во
менаџирањето на независната културна сцена, во период кога се случува
процесот на децентрализација, а невладиниот сектор се соочуваат со
повлекување на традиционалните странски и домашни фондации како и
2. разработка на можните стратегии за мапирање на потребите на
независната културна сцена по пат на ефикасна соработка внатре сцената
и во соработка и со централната и локалната власт.
На разговорот ќе се проговори за формите на соработка помеѓу
различните актери на културната сцена, за функционално искористување
на техничките, инфраструктурните и човечките ресурси, за разбивањето
на баукот на НВО културната сцена, за препознавањето потенцијални
партнери и за начините на лобирање за културата на национално и
локално ниво.
Проф. д-р Милена Драгичевиќ-Шешиќ, предава културна политика,
културен менаџмент, културни студии и медиски студии на Факултетот за
драмски уметности при Универзитетот за Уметности во Белград. Визитинг
професор е на неколку европски универзитети. Консултант и експерт по
културна политика и менаџмент е на Европската културна фондација,
УНЕСКО, Советот на Европа, фондацијата Марсел Хиктер, Про хелвеција,
Британски Совет и др. Има објавено 15 книги и преку стотина текстови.
Преведена е на повеќе европски јазици. Нејзината книга Култура:
менаџмент, анимација, маркетинг беше објавена на македонски од
издавачката куќа Темплум.
Теодор Целакоски е проект директор во Мултимедијалниот
институт, МАМА, во Загреб. МАМА е највлијателната невладина
организација во Хрватска. Во рамките на овој институт се покренати
бројни проекти кои активно ја подобрија културната сцена во Хрватска,
а кои имаат не само културни туку и сериозни длабоки општествени
аспекти. Активностите на МАМА се тесно поврзани и со промоцијата на
новите технологии и новите медиуми. Теодор Целаковски е еден од
клучните творци на стратегиите за развој на културната политика во
Хрватска, особено во оние сегменти кои се однесуваат на
не-институционалната култура и на цивилното општество. Член е на
бордот на Националната фондација за развој на цивилното општество.
|
|